Фото: Дарко Андоновски
  • „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина..

Радовиш

Кандидатот за градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и „Коалицијата за обнова на Македонија“, Ацо Ристов, ги освои симпатиите на жителите на Радовиш, кои му ја дадоа довербата во следните четири години да ја предводи општината.
Тој нагласи дека стратегиските прашања за развој на општината се решаваат со визија, а не со дневна политика. Истакна дека Радовиш е град на сите граѓани и дека секое место, секој граѓанин заслужуваат почит. Најави сплотување на различностите како заедничко богатство и предност. Во следните четири години најави изградба на нов културно-деловен центар, нов градски пазар и нов градски рекреативен центар со парк. Исто така тој најави уредување на кејот на Радовишка Река, воведување зонско паркирање и намалување на невработеноста во Радовиш.
Советот на општината е составен од осум советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, шест од СДСМ и коалицијата, тројца советници од ЛДП и ДОМ и двајца независни советници.
Општината е позната по крстот над Радовиш, планината Плачковица, рудникот „Бучим“ и радовишкиот самун и татлијата. Голем дел од населението работи во конфекции и во рудникот. Жителите се занимаваат и со одгледување тутун.


Куманово

Максим Димитриевски, независен кандидат од групата избирачи „За наше Куманово“, по вторпат ја доби довербата од кумановци, кои и на овие локални избори го изгласаа да биде градоначалник на Куманово.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, во следните четири години е предвидено да се реализираат повеќе од 800 проекти од областа на инфраструктурата, гасификацијата, образованието, социјалната заштита, инклузивноста, животната средина, културата, спортот, локалниот економски развој и други значајни сфери за граѓаните.
Вредностите за кои ќе продолжи тој да се залага како градоначалник се одговорно, чесно и транспарентно работење во интерес на сите граѓани, без разлика на нивната етничка, верска, партиска или каква било друга припадност. Тој истакна дека како приоритет ќе продолжи подобрувањето на условите во училиштата преку реконструкција на сите општински училишта, изградба на нови и проширување на постојните капацитети, нови училишни спортски терени и доопремување со реквизити, дигитална опрема и нагледни средства.

Димитриевски најави и отворање младински центар, канцеларии за млади, нов технолошки центар за млади, како и имплементација на поголем број проекти, кои значат подобар квалитет на животот. Исто така, тој истакна дека ќе се изградат пет кружни текови, катни гаражи, изградба и реконструкција на локални улици и патишта во рурални, урбано-рурални и во урбани средини. Најави и продолжување на гасификацијата, изградба на три нови градски паркови, како и целосна реконструкција на стариот градски парк и негова трансформација во паметен парк со многу различни содржини.
Советот на Општина Куманово има 33 советници. Во мандатот 2021 – 2025 година во советот има десет советници од коалицијата на СДСМ, осум советници од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ – група избирачи Ивана Ѓорѓиевска, седум советници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, четворица советници од ДУИ, двајца советници од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, еден советник од Левица и еден советник од движењето Беса.
Куманово е една од најголемите општини во Македонија и важи за борбен, слободарски и револуционерен град. Куманово е мултиетничка општина што долги години ги негува соживотот и меѓусебното разбирање.
Меѓу многубројните знаменитости, тука е сместена спомен-куќата на командантот на кумановскиот баталјон „Јордан Николов-Орце“, Христијан Тодоровски-Карпош, убиен од страна на бугарскиот окупатор на седми февруари 1944 година за време на нападот на бугарското воено и полициско упориште во селото Билјача, Прешевско.


Пробиштип

На неодамнешните локални избори што се одржаа во земјава, жителите на Пробиштип својата доверба вторпат му ја дадоа на кандидатот за градоначалник од редовите на СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Драган Анастасов.
За својот втор мандат, тој истакна дека главни приоритети за чија реализација ќе се залага, се заштитата на животната средина и економскиот развој на Пробиштип. Како еден од капиталните проекти, тој нагласи дека ќе се санира јаловишната депонија и ќе се постават фотоволтаични панели на нејзината површина, со што ќе се реши најголемата еколошка точка и жителите ќе добијат зелена инвестиција, како што налагаат европските регулативи, но и потребите на општината. Покрај јаловишната депонија, приоритетен проект, кој ќе придонесе за намалување на загадувањето на воздухот и заштеда на енергија, е субвенционирана реконструкција на зградите за колективно домување со енергетски ефикасни фасади, по принципот на учество 60 отсто од општината и 40 отсто од сопствениците на становите. Тој исто така најави дека ќе се изработи нов генерален урбанистички план врз чија основа ќе се овозможи плански развој на градот. Анастасов нагласи дека ќе се посвети внимание и на туризмот, со тоа што ќе се асфалтира патниот правец Злетово – Пониква.
Советот на Општина Пробиштип го сочинуваат 15 советници, при што на локалните избори во 2021 година, седум советници се избрани од СДСМ и коалицијата, седум од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и еден советник од независна листа, односно група избирачи.
Пробиштип е еден од градовите во Источна Македонија најмногу познат по рударството бидејќи токму тука се наоѓа еден од најголемите рудници во земјава, „Злетово“, каде што се ископуваат олово и цинк. Голем дел од населението работи во рудниците, а од знаменитостите најпозната е збирката минерали од рудникот, сместена во домот на култура „Злетовски рудар“. Исто така, изложени се и стари предмети што биле користени во дамнешното минато за работа во рудникот.


Росоман

Жителите на Росоман, на локалните избори што неодамна се одржаа во земјава, за свој градоначалник што ќе ги предводи во следните четири години го одбраа Стојан Николов, кандидат од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, во неговиот четиригодишен мандат, ќе се залага за решавање на проблемот со водоснабдувањето, ќе се градат и атмосферска и фекална канализација, нови зелени површини, индустриска зона. Тој исто така нагласи дека ќе ги вклучи сите невладини организации во работата на општината, а вети и дека ќе изгради младински културен центар, како и просторија за дневен престој на пензионерите.
Советот на Општина Росоман е составен од четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, тројца советници од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, еден советник од Левица и еден советник од Подем.
Росоман е општина лоцирана во Тиквешијата, во источниот дел од земјата. Оваа општина е доста позната по неколкуте археолошки наоѓалишта – Савова Чешма, која е населба од римско време, Селски гробишта – базилика од старохристијанско време, Ќуровец – населба од доцноантичко време и Чешма – осамен наод од римско време.