Според официјални извори од Црна Гора, на прво место на европскиот континент е Македонија, со 52,3 отсто од жените меѓу истражувачите, а потоа следуваат земјите од Европската Унија – Летонија со 52,2 отсто и Литванија со 51,6 отсто. Пред Црна Гора се Србија, Бугарија, Молдавија и Хрватска. На долниот дел од листата се високоразвиени земји од Западот, како Австрија со 29,5 отсто, Франција со 27 отсто и Холандија со 25,8 отсто
Научноистражувачките човечки ресурси
на Балканот сиромашни со научнички и истражувачки
За да се обезбеди целосен и еднаков пристап за учество на жените и девојките во научните кругови, Обединетите нации го прогласија 11 февруари за Меѓународен ден на жените и девојките во науката. Податоците за жените истражувачи не задоволуваат, а во светот нивниот број изнесува околу 30 отсто од вкупната научна „популација“. Според податоците на УНЕСКО, само 30 отсто од студентките избираат факултет во областа на технологијата, физиката, инженерството и математиката. Но жените често предводат сложени истражувања, кои имаат огромно влијание на човештвото. Родовата нерамноправност во науката се гледа и низ тоа што научничките објавуваат помалку трудови, добиваат помалку пари за истражувањата и не напредуваат во кариерата, со оној интензитет со кој тие би сакале или во споредба на тоа што го добиваат нивните машки колеги. Тоа е резултат на веќе воспоставените стереотипи за доминација на мажите и во сите други области, во кои жените се послабо платени или не добиваат можности да напредуваат во професионалната кариера. Каква е фактичката состојба по тоа прашање во нашето опкружување на Балканот, а и кај нас?
Случајот во соседна Србија со САНУ
Наспроти фактот дека жените во Србија се повеќебројни кај дипломираните студенти (околу 60 отсто) и меѓу докторите на науки (со 57 отсто), а само една третина од нив се наоѓаат на раководни позиции, но ги нема доволно ни во СТЕМ-науката (пред сѐ во технологијата, инженерството, математиката).
– Србија е лидер според бројот на жени во науката. Секоја втора жена е истражувач, а Србија ја става на четврто место во Европа. Но научничките во просек објавуваат помалку научни трудови од машките колеги, помалку се платени и не напредуваат во кариерата – нагласува Зорана Михајловиќ, претседателка на Комисијата за родова рамноправност во Србија и потпретседателка во српската влада.
Но случајот со Српската академија на науките и уметностите (САНУ) открива многу различна слика од официјално промовираната „родова еднаквост“. Имено, изборот на 30 нови членови во Српската академија на науките и уметностите (САНУ), без ниедна жена, предизвика сериозна дебата со Србија, околу пристапот и улогата на жените во научната сфера. Иако Извршниот одбор на САНУ признава дека жените не се доволно застапени во академијата, сепак последниот избор на нови членови го оправдува со „слободата на изборот на постојните членови на собранието на академици“, кои во текот на овој изборен циклус не ги испочитувале препораките за предлагање поголем број жени академици. Наедно, од извршниот орган на српската академија појаснуваат и дека кандидатките за членови на САНУ во текот на последната фаза од процесот на кандидирање „биле предмет на напади, од надворешните дежурни критичари на највисоката научна институција во Србија, кои сметаат дека жените се најлесна цел за напади“!
Последниот избор на нови членови на САНУ само ја потврдуваат општата атмосфера што е присутна во научните кругови на светско ниво, во кои постои изразит „отпор“ кон родова рамноправност, која оди на штета на припадничките на понежниот пол.
Каква е состојбата во БиХ и во Црна Гора?
Во Босна и Херцеговина расте бројот на жените што се занимаваат со наука и технологија, но и натаму во оваа земја е присутен проблемот за нивното недоволно учество на раководни позиции во образованието. Во 2018 година во сите области на науката и технологијата дипломирале, магистрирале и докторирале 10.539 жени и 7.210 мажи. Жените се повеќебројни и во стекнувањето магистерско звање, а мажите се во мала предност во однос на стекнатите докторати.
– Мал е бројот на жените на местата на декани, директори на институти и шефови на оддели. Но ова не е проблем само за БиХ, туку и за развиените земји во ЕУ – изјави Јасмин Бранковиќ, помошник за наука и технологија во Федералното министерство за образование и наука.
Каква е состојбата во Црна Гора? Имено, од вкупниот број истражувачи во науката, според последните податоци, во Црна Гора 47,6 отсто се жени. Црна Гора е на осмо место во Европа, според податоците на Институтот за статистика на УНЕСКО од јуни 2019 година, која се објавува по повод Светскиот на жените и девојките во науката.
Македонија европски шампион
На прво место на европскиот континент е Македонија, со 52,3 отсто од жените меѓу истражувачите, а потоа следуваат земјите од Европската Унија – Летонија со 52,2 отсто и Литванија со 51,6 отсто. Пред Црна Гора се Србија, Бугарија, Молдавија и Хрватска. На долниот дел од листата се високоразвиени земји од Западот, како Австрија со 29,5 отсто, Франција со 27 и Холандија со 25,8 отсто.
Во Македонија околу 21 процент од вработените во ИТ-секторот се жени, а се предвидува дека во следните 5-10 години бројката ќе се зголеми на 40 проценти. Во претстојната деценија се очекува вртоглаво брзо да се зголеми бројот на работните места во областа на науката, технологијата, инженерството и математиката (НТИМ).
Работите се движат кон подобро, ситуацијата се подобрува и родовиот јаз се намалува, но доколку навистина сакаме Македонија да биде во чекор со економијата на 21 век, мора да ги урнеме пречките, да го зголемиме интересот за НТИМ кај девојчињата и да поттикнеме што повеќе жени да изберат кариера во областа на НТИМ, посочуваат од Министерството за образование на Македонија, кое реализира повеќе активности со кои се вреднуваат и стимулираат нивниот труд и постигнати резултати.
Родовиот јаз во НТИМ во Европа особено доаѓа до израз во информациските и комуникациските технологии. Доколку се постигне родова еднаквост во образованието во областа на НТИМ, би можеле да се отворат 1,2 милион нови работни места. Најголем предизвик за жените во ИТ-индустријата е тоа што главно се помалку платени од мажите за истите работни места, а со тоа имаат и помали шанси да напредуваат во компанијата. Во светски рамки, само 16 проценти од жените стигнуваат до менаџерска позиција во ИТ-индустријата. Триесет проценти од жените на возраст над 35 години сè уште се на почетнички позиции, додека, пак, 85 проценти од мажите на возраст од 25 до 34 години веќе се на високи позиции.