Весникот годинава обележува 77 години од своето раѓање на 29 октомври 1944 година
На печатарската машина „бостонка“ е отпечатен првиот број на „Нова Македонија“. Над еден тон тешката печатарска машина, искалена од железо, рачно склопена, партизаните ја носеле на раце есента 1944 година, низ шумските патишта и планини до Горно Врановци. Во мугрите на 29 октомври, партизанските „колпортери“ тргнале на терен со првите пакети на весникот. Благој Шошолчев во 1944 година е оној кој своевремено бил организатор за пренесувањето на машините и материјалот за печатницата.
Одлуката за печатење прв дневен весник е донесена во манастирот „Прохор Пчињски“, за време на Второто заседание на АСНОМ и Третото заседание на Президиумот на АСНОМ. Тогаш е одлучено да не се изработува пропаганден лист, туку да се испечати вистински дневен весник, кој покрај политичката улога ќе има и задача да го информира населението. Одлуката била донесена уште во август, но постоеле големи инфраструктурни пречки за да се испечати весникот.
Кога се собрало целото раководство во Горно Врановци, било одлучено да се набават печатарски машини. Партизаните поседувале само една печатарска машина, која не била доволна за првиот тираж. Втората печатарска машина се наоѓала во центарот на Скопје, во подрумот на тогашната библиотека, која служела и како печатница, но многу било тешко да се изнесе, бидејќи Германците ја сметале таа зграда како инфраструктурно важна и ја обезбедувале. Една мала група успеала да направи диверзантска акција, демонтирајќи ја машината и три дена патувајќи преку Китка, Караџица и Јакупица, успеала да ги однесе деловите на слободната територија во Горно Врановци.
Кога веќе биле пристигнати, се јавил недостиг од хартија, печатарски букви, како и од квалификуван кадар.
– Партиското раководство на Народноослободителната војна на Македонија му посветувало големо внимание на организирањето илегални партиски техники, на кои на македонски јазик беа печатени голем број весници, билтени и радиовести. Нивното растурање меѓу борците и народот имаше значаен придонес во идејно политичкото и културно-просветно воспитување, како и масовно мобилизирање во борбата против окупаторите. Ширејќи ја вистината за Народноослободителната борба, овие пропагандни материјали беа силно оружје од кое окупаторите се плашеа. Во 1942 година во Битуше почна со работа првата печатница „Гоце Делчев“. Од 1942 до 1944 година е преместувана на разни места. Во 1944-та е пренесена во Горно Врановци. Овде примитивната преса е заменета со модерна печатарска машина, на која работеа повеќе печатарски работници – се само дел од информациите што се расфрлани во куќата на печатот во Горно Врановци.
Партизанска печатница и денес сведочи за макотрпната работа, силната волја и неуморниот дух.
„Нова Македонија“ е архетип во македонското новинарство.