„Економист интелиџенс јунит“ го објави индексот за безбедни градови, кој рангира 60 града врз основа на 76 безбедносни индикатори во целата инфраструктура, дигиталниот живот, личната безбедност, здравствената заштита…
Мерките на претпазливост поради пандемијата го променија пејзажот на градовите во светот. Всушност, оваа пандемија е прва од ваков вид што ни се случи како „урбанизиран“ вид. Кога започна шпанскиот грип во раните 1900-ти, само 14 проценти од луѓето живееја во градовите, но денес тој број се зголеми на 57 проценти, според процените на Одделот за население на ОН.
Како резултат на тоа, градовите мораа да станат уште повнимателни во однос на здравствената заштита и севкупната безбедност за подобро да го заштитат своето население. За да разјасни кои промени доведоа до поголема безбедност, Економската разузнавачка единица неодамна го објави индексот за безбедни градови во 2021 година, кој рангира 60 града врз основа на 76 показатели за безбедност во инфраструктурата, дигиталниот живот, личната безбедност, факторите на животната средина и, се разбира, здравјето, односно подготвеноста за пандемијата и смртноста од ковид-19 се вклучени оваа година.
1. Копенхаген
На врвот на индексот, данската престолнина е особено добро рангирана поради новиот столб на индексот за заштита на животната средина, кој ја мери одржливоста (вклучувајќи ги и стимулациите за обновлива енергија), квалитетот на воздухот, управувањето со отпадот и покриеноста на урбаните шуми. Последново апсолутно влијаеше на тоа колку градот и неговите жители можат да се справат со ограничувањата на пандемијата, кои беа целосно укинати од септември 2021 година.
– Парковите и зелените површини, како и водните патишта беа исклучително популарни за време на пандемијата. Жителите на Копенхаген шетаа купувајќи храна за надвор и уживајќи во многу од градските простори – вели Асбјорн Овергард, извршен директор на непрофитната организација „Копенхаген капасити“.
2. Торонто
Најголемиот канадски град е рангиран на второто место во вкупниот индекс на безбедност, со добри резултати во инфраструктурата и безбедноста на животната средина. Жителите ја нагласуваат инклузивната култура, која ја цени целната комуникација во заедниците, особено кога станува збор за свесноста за вакцините и усвојувањето на нови социјални форми.
Жителката на Торонто, Фарида Талат, посочува како градот започна серија програми за вакцинација специфични за заедницата за да се направи градот побезбеден. На пример, планот за домашна вакцинација функционираше со обезбедување на првите дози на жителите што не можеа да ги напуштат своите домови. Локалните жители, исто така, се чувствуваат безбедно поради долгата историја на мултикултурализмот на градот.
3. Сингапур
На трето место во однос на дигиталната безбедност, здравствената безбедност и безбедноста на инфраструктурата, Сингапур ги искористи овие предности за брзо движење во раните денови на пандемијата и брзо воведе дигитален надзор и следење контакти. Земјата, исто така, може да се пофали со една од највисоките стапки на вакцинација во светот (моментално 80 проценти), но сето ова сепак бара строго следење на контактите во однос на новите варијанти.
– Пред да можат да влезат во згради или простории, сите жители мора да го скенираат нивниот токен „Трејс тугедер“ или мобилната апликација „Сејф ентри“. Ова им овозможува на властите брзо да пронајдат лица што можеби биле во контакт со заразени за да утврдат карантин – вели Сем Ли, жител на Сингапур, кој води туристички блог.
4. Сиднеј
Најголемиот град во Австралија е меѓу првите 10 во однос на здравствената безбедност. Австралија беше една од првите земји што целосно ги затвори своите граници за време на пандемијата и задржа строги мерки за изолација.
Стапката на смртност од ковид по жител во Австралија останува една од најниските во светот. Кога вакцинацијата во Нов Јужен Велс ќе достигне 70 проценти, се очекува многу од тие ограничувања да бидат укинати, а меѓународните граници ќе се отворат во ноември.
Покрај тоа што се чувствуваат заштитени од пандемијата, жителите долго време чувствуваат силно чувство на лична безбедност на улиците на Сиднеј.
5. Токио
Главниот град на Јапонија е рангиран на петтото место во вкупниот индекс и е на самиот врв на индексот за здравствена безбедност, кој ги мери факторите како што се универзалната здравствена заштита, подготвеноста за пандемија, очекуваниот животен век, менталното здравје и смртноста од ковид-19.
Иако инфекциите се зголемија за време на Олимпијадата, стапките драстично се намалија бидејќи бројот на вакцинирани достигна речиси 60 проценти од населението. Во светлината на позитивните вести, Јапонија најави постепено укинување на ограничувањата од крајот на септември 2021 година.
Исто така, земјата планира да ја поттикне употребата на пасоши за прием во медицински установи и за големи настани, па дури и да ги охрабри компаниите да нудат попусти или купони за носителите на ковид-пасоши, пишува „Би-би-си“.