Законот за употреба на јазиците, поради одредбата што ја содржи во себе за примат во примената над другите закони, има статус на лекс специјалис. Како што се собираат контроверзните случаи од практиката со неговата примена, би требало Уставниот суд да ја преиспита уставноста на таа одредба за примат на Законот за употреба на јазиците. Зашто, парадоксално е закон што е изгласан со обично мнозинство да има примат над закони изгласани со двотретинско (квалификувано) мнозинство, тврдат правните експерти
Новите локални власти со двојазични уверенија
Советниците во новите општински совети, каде што локалните избори завршија во првиот круг, ги добија уверенијата за својот мандат, што значи дека во тие места новата општинска власт е конституирана. Овој чин можеби се случи во сенка на разгорената кампања за вториот изборен круг, но сепак не мина незабележано дека во општините каде што составот на населението достигнува над 20 отсто од една етничка заедница, уверенијата на новите советници се изготвени двојазично.
Односно, двојазични уверенија добиле сите советници во двојазичната општина, наместо како што се очекувало – советниците Македонци да добијат на македонски, а советниците Албанци на албански јазик.
Од ДИК истакнуваат дека уверенијата за советниците во општините ги издаваат општинските изборни комисии, а според Изборниот закон од 2006 година, сите материјали, па и уверенијата треба да бидат изготвени на сите јазици на кои говори населението застапено над 20 отсто во одредена општина. Во одредени општини низ Македонија, врз основа на оваа одредба од Изборниот закон произлезена од рамковниот договор, материјалите треба да се изготвуваат и на три јазици, со оглед на застапеноста со 20 отсто на три етнички заедници. Сепак, во Изборниот закон не е прецизирано во каква форма треба да се спроведува одредбата за примена на јазиците во документите и материјалите на локалната самоуправа. Познато е дека во одредени двојазични општини, претежно со македонско и со албанско население, материјалите се изготвувани во две јазични верзии: на македонски и на албански јазик, но не во еден документ. Минатата година, кога поради пандемијата седниците на општинските совети се одржувале онлајн, се случувало да бидат одложени ако немало верзија на материјалите на албански јазик. Но исто така, забележани се случаи низ годиниве на извесни проблеми или пропусти со македонската верзија на документите и материјалите во општини.
Правните експерти толкуваат дека опционалната недореченост на Изборниот закон, во однос на начинот и формата на примената на двојазичноста (повеќејазичноста) во документите на локалната самоуправа, во актуелниот случај со уверенијата на новите советници во повеќејазичните општини, постои можност да е „покриена“ со Законот за употреба на јазиците.
– Голема е веројатноста дека за двојазичноста во еден документ, како уверенијата на новите советници во двојазичните општини, да е применет Законот за употреба на јазиците, со оглед дека тој беше употребен за да се одблокира издавањето на новите лични карти, пред два месеца. Законот за употреба на јазиците претставува своевиден лекс специјалис во македонскиот правен систем, поради одредбата што е правно парадоксална, дека дури и материјалниот закон да не е усогласен со него, мора да се примени Законот за употреба на јазиците.
Така што, дури и да не се одредени со Изборниот закон, или со Законот за локална самоуправа, начинот и формата на кои ќе се применува двојазичноста во документите и материјалите на локалната самоуправа, односно и да не се усогласени со Законот за употреба на јазиците, примат има ЗУЈ. Иако е парадоксално закон што е изгласан со обично мнозинство да има примат над закони изгласани со двотретинско (квалификувано) мнозинство, Законот за употреба на јазиците поради одредбата што ја содржи во себе за примат во примената над другите закони и која била изгласана, има статус на лекс специјалис. Како што се собираат контроверзните случаи од практиката со неговата примена, би требало Уставниот суд да ја преиспита уставноста на таа одредба за примат на Законот за употреба на јазиците – вели професорот по управно право Борче Давитковски.