Птоломеј со лукавства и дипломатски вештини успеал да го придобие островот Родос, еден од најзначајните трговски центри. Набргу потоа, Деметриј со флота од околу 200 брода и 40.000 војници пристигнал на Родос. Неговите војници го опустошиле островот и започнала опсадата на градот

Занимливости

По смртта на македонскиот крал Александар Велики, освојувачот на Персиското Царство и еден од најголемите војсководачи во историјата, настанале недоразбирања помеѓу неговите најблиски пријатели и генерали, кои се бореле да го наследат. Несогласувањата се претвориле во отворена војна помеѓу наследниците на Александар. Од нив особено се истакнале Селевк на истокот, Птоломеј во Египет, Антигон во Мала Азија и Касандар во Македонија. Во текот на борбите, како најмоќни генерали се наметнале Антигон Едноокиот и неговиот син Деметриј, кои настојувале да ја воспостават својата власт врз целата територија на поранешната Александрова држава. Антигон и Деметриј први се прогласиле за кралеви и на тој начин создале моќни непријатели. Синот на Антигон во историјата останува запаметен како Деметриј Опсадникот бидејќи се верувало дека ниту еден град не можел да му се спротивстави. Во неговата армија имало генијални опсадни машини, а меѓу нив се вбројувал и опсадниот овен долг 60 метри, кој бил управуван од 1.000 војници.
Во текот на овие борби, Антигон и Деметриј војувале за превласт на источниот дел од Средоземно Море со Птоломеј, владетелот на Египет. Птоломеј со лукавства и дипломатски вештини успеал да го придобие островот Родос, еден од најзначајните трговски центри. Набргу потоа, Деметриј со флота од околу 200 брода и 40.000 војници пристигнал на Родос.

Неговите војници го опустошиле островот и започнала опсадата на градот. Меѓу многубројните опсадни машини се наоѓало и чудото на тогашната воена технологија, опсадна кула на тркала, која тежела 163 тони и била восока 40 метри. Меѓутоа сите обиди на Деметриј да го освои градот останале неуспешни. Во 304 година пред нашата ера, македонскиот крал бил принуден да потпише договор за мир и го напуштил островот, оставајќи ги своите воени машини. На овој начин, Родос бил еден од ретките градови што не биле освоени од Деметриј Опсадникот.
Неколку години подоцна, опсадната кула на Деметриј била разглобена и со нејзините метални делови, како и со финансиските средства од продажбата на опсадните машини што ги напуштил Деметриј, била изградена статуата на богот на сонцето Хелиос, денес позната како Колосот од Родос. Со овој чин, градот ја овековечил својата победа над македонскиот крал.
Статуата била висока 36 метри и историчарите веруваат дека во тоа време била најголемата во светот и се вбројувала меѓу седумте чуда на Стариот Свет. Била завршена во 280 година пред нашата ера, а нејзин творец бил Харес од Линдос. Покрај статуата бил изграден и храм посветен на Хелиос. Во минатото се веруваше дека статуата била изградена на некое од трите пристаништа на островот, но никогаш не биле откриени археолошки докази. Денес се верува дека Колос бил изграден врз акрополот, светилиштето на Хелиос.
Колосот бил разурнат од земјотрес во 226 година пред нашата ера, но неговите делови биле зачувани. Жителите на Родос никогаш не го обновиле. Според некои истражувачи, во текот на Римската Империја статуата била повторно изградена, но не се откриени докази за овие тврдења. Во 653 година, арапската армија предводена од Муавиј го освојува Родос и тогаш на статуата ѝ се губат сите траги. Според летописот на Теофан Исповедникот, по освојувањето на Родос од страна на Арапите, статуата била целосно уништена кога нејзините остатоци му биле продадени на еврејски трговец.