Неопходно е создавање услови со кои младите ќе бидат вреднувани и работно стимулирани во согласност со нивните квалификации. Во спротивно, тие нема да имаат желба да бидат работно ангажирани во нашата држава. Во тој контекст, јавноста е заинтересирана за одговор на прашањето дали економските услови во државата овозможуваат да се задржи новиот кадар. Во насока на намалување на невработеноста на младите во земјава, Владата неодамна најави посебен пакет мерки со кои ќе се стимулира вработувањето на младите, а меѓу другото е предвидено државата да ги плаќа придонесите за нив… Ќе биде ли тоа доволно?
Зафати за намалување на невработеноста кај младите
Македонија со години се соочува со високи стапки на невработеност. Истите тие бележат пад во последните квартали, но сѐ уште високи стапки на невработеност се изразени кај помладите генерации. Состојбата со невработеноста на младите ја поттикнува и нивната миграција, односно т.н. појава на одлив на мозоци од земјава, со што загубите за општеството се уште поголеми, а инвестициите во нивното образование се речиси залудни. Наоѓањето работа за младите претставува предизвик, особено за лицата што немаат соодветни работни вештини, но истото тоа претставува тешкотија и за лицата со стекнати повисоки нивоа на образование.
Последните податоци, кои ги објави Државниот завод за статистика, покажуваат дека кај лицата од 15 до 29 години стапката на невработеност во вториот квартал оваа година изнесувала 33,3 проценти и забележала пад во споредба со истиот период минатата година, кога изнесувала 34,3 отсто. Бројот на невработени граѓани на споменатата возраст во вториот квартал оваа година изнесувал 49.955 лица, а бројот на неактивни млади лица 211.853.
Иако бројките покажуваат благо намалување на невработеноста меѓу младите во земјава, голем број истражувања спроведени меѓу нив покажуваат оти неможноста да се вклучат во работните процеси во согласност со образованието или очекувањата ги тера младите да ја напуштаат земјата.
– Постојат многу причини што придонесуваат за слабата работна ангажираност на младите. Една од главните економски причини е недоволната заштитеност од промена на работните услови. Имено, најчесто, младите се тие што работат на временски договори поради недоволно искуство (а не образование). Условите за работа во овие договори се, најчесто, полоши од оние на неопределено време. Дополнително, тие се лесно менливи поради тоа што брзо истекуваат. Во случаи на промени во бизнис-окружувањето, лицата што работат на вакви договори се први чии работни услови (во поглед на плата или работно време) се менуваат. Преку ова, младите се незаслужено казнети и тоа директно ги обесхрабрува од работна ангажираност – објаснува Виктор Стојкоски, истражувач во Здружението за истражување и анализи ЗМАИ.
Оттаму додаваат дека дуалното образование и неговата поголема проширеност ќе помогне во диверзификација на кадарот што го произведува државата и создавање квалитетен кадар во дефицитарните занимања. Сепак, од здружението посочуваат дека за намалувањето на младинската невработеност во земјава од големо значење се економските услови во неа.
– Сметаме дека многу поважно прашање во овој контекст е дали економските услови во државата овозможуваат да се задржи новиот кадар. Сѐ додека не се создаваат услови со кои младите ќе бидат вреднувани во согласност со нивните квалификации, тие нема да имаат желба да бидат работно ангажирани во нашата држава – потенцира Стојкоски.
Во насока на намалување на невработеноста на младите во земјава, Владата неодамна најави посебен пакет мерки со кои ќе се стимулира вработувањето на младите, а меѓу другото е предвидено државата да ги плаќа придонесите за нив.
– За секој млад човек што ќе тргне на работа следната 2022 година, државата ќе ги плати придонесите и ќе има дополнителни стимулации. Тие што немаат практично искуство ќе бидат поддржани преку практикантство директно од компаниите каде што ќе бидат ангажирани за да имаат свои практични вештини, за да можат на крајот да ги имаат сите опции – кажа премиерот Зоран Заев, при презентација на предлог-мерките за забрзан раст на македонскиот стартап-екосистем. Тој дополни дека ќе се обезбедат и стимулации за размена на искуството и за развој на практичните вештини меѓу младите, кои можеби завршиле одреден степен на образование, но за да бидат конкурентни на пазарот ќе им бидат потребни обуки за што ќе бидат помогнати од државата.
Претставникот на ЗМАИ вели дека проектот со кој државата ќе го финансира вработувањето на младите треба да помогне во подобрување на работните услови на младите, но додава дека планираните субвенции треба да бидат на задоволително ниво.
– Ваков проект дефинитивно треба да помогне во подобрување на работните услови на младите, се разбира, сѐ додека субвенциите се на задоволително ниво. Доколку субвенциите се минорни, проектот нема да има ефект – објаснува Стојкоски.
Од здружението посочуваат дека дуалното образование и субвенциите што се планирани од државата се добра почетна точка за подобрување на работната ангажираност на младите. Истакнуваат дека за економски раст, неопходно е продуктивно население способно за креирање иновативни проекти.
– Треба да се напомене дека програмите се главно искористени од странските инвеститори за вработување кадар во согласност со нивните потреби. Еден од главните двигатели на економскиот раст и развој е создавање население што е способно да креира продуктивни иновации.
Поради ова, сметаме дека покрај сегашните (планирани) мерки, не треба да бидат запоставени и развивањето и стимулирањето иновациски активности кај младите. За овие активности, најпрвин е неопходно да се стимулираат и стипендираат младите да одат на обуки во најповолните иновациски центри. Се разбира, за тие потоа да бидат задржани од страна на државата, неопходно е и потоа да се обезбедат соодветни фондови со кои ќе се финансираат иновациските активности. Сегашните фондови не се доволни – истакнуваа Стојкоски.
Претставникот на Агенцијата за привремени вработувања, Раде Ненадиќ, посочува дека е најважно државата да создаде амбиент за здрава економска борба, што би требало да резултира и со поголем опфат на работната сила.
– Државата не е задолжена да креира работни места или, пак, да финансира, но она што е значајно за секој бизнис и за секое работно место што зависи од државата е да се создадат услови за водење бизнис, односно да се подобри бизнис-климата. Кога зборувам за подобрување на бизнис-климата, пред сѐ мислам на подобрување на правата сигурност, која е клучна за развој на бизнисите. Втор исто така значаен сегмент на кој треба и може да влијае државата преку своите активности, а кој сѐ уште не е доволно ефикасен, иако за истиот бизнис-заедницата укажува подолг период, е подобрување на образованието – посочува Ненадиќ и додава дека е потребна подобра подготовка на учениците во училишните клупи, поголема вклученост во работните процеси преку практична настава, но и насочување на учениците кон изучување стручни училишта, наместо гимназии. Наедно, тој потенцира дека и при избор на високообразовна институција, младите треба да избираат технички факултети наместо општествени.