НАУЧНИЦИТЕ НА ПАТ ДО РЕВОЛУЦИОНЕРНО ОТКРИТИЕ

Научниците од Универзитетот во Калифорнија ја истражуваат можноста вакцините во иднина да се примаат преку растенијата во вид на храна, наместо класичниот начин на нивно примање. Научниците истражуваат дали растенијата, како што е зелената салата, може да се адаптираат во „фабрики“ на РНК (mRNA) вакцини, технологија што се користи во вакцините против ковид-19. Еден од предизвиците на оваа нова технологија е тоа што вакцините мора да се чуваат на ладно место за време на транспортот и складирањето, па следен чекор на кој ќе работат научниците од универзитетот „Риверсајд“ е создавање можност за складирање на собна температура.
Националната фондација за наука донирала половина милион долари за овој проект, а целта на научниците е, меѓу другото, да докажат дека растенијата може да произведат доволно мРНК во однос на традиционалната вакцина и да ја одредат вистинската доза.
– Идеално би било кога едно растение ќе произведе доволно мРНК за вакцинирање на едно лице – вели Хуан Пабло Гиралдо, вонреден професор на Одделот за ботаника на Универзитетот во Калифорнија, кој ја води студијата во соработка со научници од универзитетите „Сан Диего“ и „Карнеги Мелон“.
Тој вели дека тие го тестираат овој пристап на спанаќ и зелена салата, како и дека долгорочна цел е луѓето сами да ги одгледуваат во своите градини.
Клучот за ова истражување, како што беше објавено на официјалната интернет-страница на Универзитетот во Калифорнија, е хлоропластот, за кој Гиралдо вели дека е „неискористен извор за создавање посакувани молекули“. За таа цел, Гиралдо соработува со Никол Штајнмек, професор на Универзитетот во Сан Диего, чиј тим измисли нанотехнологии што овозможуваат испорака на генетски материјал до хлоропласти.