Три децении творештво на Тања Балаќ собрано во книга
Квалитетна двојазична монографија, на македонски и англиски јазик, која обединува 30 години творештво на уметницата Тања Балаќ, во присуство на голем број љубители на уметноста и нејзини проследувачи, беше промовирана во уметничкиот центар „Арт хаб“ во ГТЦ. За книгата зборуваа историчарите на уметност и ликовни критичари Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска, а изданието го претстави професорката од Институтот за македонска литература, Ана Мартиноска. На изданието му претходеше ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови на Балаќ во „Чифте-амам“.
– Иако ваквите изданија често се пригодни и направени за да ја соберат на едно место хронологијата на авторовиот животопис и неговото творештво во одреден период, тие ретко излегуваат од рамките на предвидливата церемонијалност, барем кај нас. Затоа, првично ќе се задржиме на она што ја изделува оваа монографија од вообичаените, многупати видени примери на овој жанр. Во таа насока, за уметницата во фокусот, монографијата станува уште еден медиум за ликовно изразување, алтернативен простор за изложување на нејзините уметнички идеи и концепти, за презентација на нејзините творечки фази, тематски циклуси и трајни опсесии. Таа е пред сѐ „уметност во форма на книга“ и приближување на уметничките дела на Балаќ до поширока публика од онаа што ги посетува изложбите и галериските салони, дополнително важно во услови на пандемија – рече Мартиноска.
На крајот од своето обраќање, како што кажа, под ризикот дека некој ќе рече аман од феминизмот, Мартиноска потсети и дека кај нас речиси нема монографии за жените автори.
– Не е тајна дека историјата на уметноста никогаш не била женска, ниту во светот ниту кај нас, но, за среќа, ги имаме жените како Тања што ги поместуваат границите, како со своите дела, кои отворено чепкаат низ проблемите на родот, така и со својот општествен ангажман, како иницијатор и учесник на многу иницијативи и особено како единствена жена претседател на ДЛУМ во 75-годишното постоење, со кое раководеше дури три мандати – заклучи Мартиноска.
Натали Р. Павлеска се осврна посебно на нејзината ангажирана уметност како еден од ретките примери што овозможуваат активна вклученост на восприемачот, на чија страна е позициониран и самиот автор, исчитувајќи го сопственото дело одново, во постојните, но и во нови значенски контексти.
– Антрополошката и социолошката димензија на нејзините дела аргументирано ги допираат прашањата за односите помеѓу индивидуите и колективитетите, етички разобличувајќи ги прашањата за нееднаквоста, вечната (не)припадност, глобалните политички и империјалистички императиви на големите централизирани дискурси на моќ, преиспитувајќи го општествениот контекст, опсервиран локално и пошироко – рече Павлеска.
Кирил Пенушлиски, пак, се потсети на процесот на собирање на материјалите во подготовката на оваа книга, распослани низ три децении, што не било нималку едноставна работа, поради недостигот од доволно критички текстови во периодиката.
– И покрај тоа што нејзините слики дејствуваат како да се направени во еден здив, во едно застанување пред штафелајот, изразните средства на бојата и ритамот на широки потези на четката се резултат на свесен процес што на крајот резултира со пастуозно сликана површина. Ова дополнително ја потврдува импресијата што ја добиваме кога првпат ќе застанеме пред сликите на Балаќ – потенцира Пенушлиски.