Повеќе од јасно е дека Фон дер Лејен не доаѓа во Македонија само со пораки за храбрење, бидејќи само пред една недела Вархеји беше на разговори во Софија токму за да најде начин како да се надмине бугарската блокада, така што не е исклучено сега обајцата да доаѓаат со некакво решение подготвено во координација со САД. Клучното прашање е што содржи тоа решение, бидејќи Македонија нема простор
за отстапки во однос на бугарските условувања и уцени
Eвропско-американскИ дипломатски притисок за решавање на македонско-бугарскиот спор
САД деновиве започнаа со посилен ангажман околу надминувањето на бугарската блокада на македонските евроинтеграции, а на американската иницијатива се приклучи и Европската Унија, со единствена цел да го размрдаат процесот на проширување и да спречат ширење на влијанијата на трети земји на овој дел од Балканот.
Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, неодамна директно ја повика официјална Софија да се откаже од ветото за интеграција на Македонија во ЕУ и брзо да ја одобри преговарачката рамка за членство на Македонија во Унијата.
– Погрешно е Бугарија да користи билатерален спор за да ги запре аспирациите на Северна Македонија за членство во ЕУ. Тие го претвораат ова во мултилатерално прашање што нè засега сите нас – изјави Ескобар, притоа додавајќи дека треба што поскоро да се најде компромис на билатералното прашање меѓу Софија и Скопје и да се деблокира македонската евроинтеграција.
На американската иницијатива се надоврза и Европската Унија, која се чини дека веќе е заситена од бугарското вето и девалвирањето на европските вредности, но европскиот кредибилитет во Македонија, но и кај другите земји-кандидати во регионот.
Охрабрувачки пораки или решение под маса
Доаѓањето во Македонија на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, и на комесарот за проширување Оливер Вархеји, еден по друг, во разлика од само два дена, според официјални извори од Брисел е со цел да се испрати порака дека на ЕУ ѝ е важен регионот, но неофицијално не е исклучено дека европските партнери носат нов предлог со кој треба да се надминат недоразбирањата со Бугарија.
Повеќе од јасно е дека Фон дер Лејен во Скопје не доаѓа само со пораки за храбрење, бидејќи само пред една недела Вархеји беше на разговори во Софија токму за да најде начин како да се надмине бугарската блокада, така што не е исклучено сега обајцата да доаѓаат со некакво предлог-решение подготвено во координација со САД.
Згора на тоа, на ЕУ ѝ е исклучиво важно преку одблокирањето на Македонија да им даде пример и на другите земји кандидати од Западен Балкан дека Унијата ги исполнува дадените ветувања и дека процесот на проширување не е мртов.
Тоа, несомнено, ќе им даде нов ветер во грбот на сите земји што разочарани од европското лицемерство сè почесто спомнуваат алтернативи за членството во ЕУ, алтернативи што не му се допаѓаат на Брисел, а уште помалку на Вашингтон.
Општ впечаток е дека во моментот Бугарија е под засилен меѓународен притисок, но впечатокот не мора секогаш да биде изведен од она што се гледа на прв поглед, бидејќи дипломатските канали функционираат малку поинаку, па покрај јавно декларираниот притисок врз Софија, не е исклучено и Скопје да е под некаков притисок и да е ставено во позиција да прифати веќе подготвен документ што го носат европските претставници, со оглед на досега демонстрираната флексибилност од наша страна да прифаќаме договори што продуцираат и многу внатрешни проблеми. Нешто слично ни се случи и пред потпишувањето на Преспанската спогодба, кога земјава, исто така во релативно краток временски период, беше под „инвазија“ на редица водечки европски политичари, кои по ставањето на парафот во Нивици, за кратко заборавија на она што го ветија.
Уште посимптоматично е што посетата на шефицата на ЕК се случува една недела пред самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија, со лидерите од регионот, така што без оглед на најавите од Европската Унија дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето”, повеќе од јасно е дека регионот, освен за проширувањето, во моментот нема што друго да разговара со Унијата.
Почетокот на преговорите за спречување влијанија од трети земји
Првиот македонски амбасадор во Грција и дипломат од кариера Љупчо Арсовски не ја исклучува можност европските високи претставници, заедно со Американците, да носат некакво решение со кое ќе се овозможи почеток на преговорите со Македонија.
– Претседателката на ЕК, Фон дер Лејен, и комесарот Вархеји, во соработка со Американците, можеби ќе донесат некакво решение за да се врати европското влијание тука и да не се овозможи продор на трети земји на овие простори. Бугарската блокада на Македонија веќе предизвикува слабеење на едно западно крило тука, така што е потребен ветер во грбот на земјите од регионот да се оневозможи руско и кинеско влијание на Балканот – вели Арсовски.
Коментирајќи го засилениот притисок и од американска, но и од европска страна врз официјална Софија, Арсовски потенцира дека Бугарија поради притисокот можеби ќе се согласи да даде зелено светло за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија, но во ниту еден момент подоцна нема да заборави на сопствените позиции и тоа ќе го употреби во погоден момент.
– Колку и да има силен притисок, не верувам дека Бугарија во оваа цела ситуација ќе отстапи така едноставно и од Декларацијата и од Меморандумот изгласани во нејзиното собрание. Таму ќе мора да се изгласа нова влада, нов претседател и на тоа ќе се вадат Бугарите во следниот период. Можеби постои некаква можност, условно кажано, тие да отстапат привремено од тие позиции и да дозволат да почнат пристапните преговори меѓу ЕУ и Македонија, но подоцна тие со отворањето на секое ново поглавје ќе блокираат и ќе велат дека не отстапуваат од нивните позиции, со што одново ќе ја блокираат Македонија сè додека не се согласи на нивните барања. Како и да е, нешто се случува, но ќе видиме што – нагласува Арсовски.
За директорот на Институтот за демократија, Марко Трошановски, зголемениот интерес на Брисел за регионов е и поради сѐ поголемиот песимизам во Македонија дека наскоро ќе ги почне преговорите за членство.
Токму тој вакуум и недостиг од доверба и намален кредибилитет на ЕУ во земјава, овие посети се обидуваат да го намалат. Од друга страна, со словенечкото претседателство и самитот на Западен Балкан се полагаат надежи дека може да има некој напредок, иако, според мене, нема да се случи никакво спектакуларно откочување на блокадата во евроинтегративниот процес – вели Трошановски.
Тој уште додава дека сè додека не поминат изборите во Бугарија, нема да има промена на бугарската позиција во однос на Македонија, оценувајќи ја македонската позиција во однос на Бугарија како исклучително комплексна, бидејќи земјава нема многу простор за отстапки.
– Проблемот е што ние реално немаме многу простор за отстапки во согласност со позициите на земјата. Мојот став е дека мораме да ги водиме преговорите на реципрочна основа, а не од позиција на симетрична моќ, бидејќи веќе и немаме што многу да изгубиме, освен нашето достоинство и главната причина за постоење на државата. Затоа мислам дека во блиска иднина тешко дека ќе имаме некаков пробив – смета Трошановски.