Додека сѐ уште нема официјални изјави од премиерите на земјите-членки на еврозоната за изборните резултати во Германија, во моментов перцепциите и очекувањата на земјите во ЕУ се поделени околу тоа кој подобро би ја извршувал работата како иден германски канцелар, по заминувањето на Ангела Меркел од позицијата
Очите на Брисел вперени во изборните резултати во Германија
Дали на новиот германски канцелар ќе му оди лесно со Европа, односно, од друга страна, кои ќе бидат приоритетите на Берлин откако ќе бидат познати изборните резултати за Бундестагот и нивната разврска е дилемата што деновиве е актуелна на глобално ниво, по одржувањето на неделните парламентарни избори во Германија. Иако засега сѐ уште нема официјални изјави од премиерите на земјите-членки на еврозоната околу изборите, но затоа има делумно анализи и шпекулации од аналитички центри, добро упатени познавачи на состојбите, околу тоа кој канцелар би бил подобар за една или за друга земја во Европа.
Макрон ќе одлучува кој ќе биде најмоќниот политичар во ЕУ?
Според „Дојче веле“, Емануел Макрон може да се радува. Германскиот медиум, анализирајќи ги досегашните односи меѓу Париз и Берлин, пишува дека новиот канцелар, доколку ја формира навремено коалицијата со францускиот претседател, може без дилеми да биде најмоќниот политичар во ЕУ. Тоа би било така бидејќи канцеларката во заминување Ангела Меркел го остави на цедило францускиот претседател Макрон околу неговите големи европски визии. Таа не можеше и покрај сѐ да му ја наметне политиката за проширувањето како една од важните на Унијата. Овие разидувања во изминатиот период придонесоа за затегање на односите меѓу двете најголеми земји во ЕУ. Според „Дојче веле“, доколку успее на почетокот од мандатот да воспостави добри односи со Макрон, новиот канцелар може да биде новиот духовен и политички лидер на Унијата.
Европејците со различни очекувања
Во меѓувреме, додека европската јавност претпазливо ги следи случувањата околу изборните резултати во Германија, социјалдемократските премиери од Шведска, Финска, Данска, Малта, Шпанија и од Португалија би славеле ако Олаф Шолц по 16 години ја обои Германија од „црно“ во „црвено“. Тоа би бил голем поттик за европските социјалдемократи кои изминатите 10 години доживеаја пад и дури сега полека се враќаат на сцената, пишува „ЕУ обсервер“.
Според бриселскиот медиум, за осум конзервативни премиери во Европа, пак, би било жално ако најголемата земја во Унијата веќе не ја предводи демохристијанин.
Паралелно на очекувањата на социјалдемократите низ Европа, анкета на аналитичкиот центар на „Европски совет за надворешни односи“ наведува дека мнозинството Европејци ја сакале Меркел како кризен менаџер на ЕУ бидејќи таа асоцирала на некој на кого можеш да се потпреш. Оттука анкетата на ЕЦРФ наведува дека Европејците сакаат новиот канцелар да дојде повторно од партијата на Меркел, односно од ЦДУ(Армин Лашет).
Од друга страна, Јанис Еманулидис од „Центарот за европски политики“ за германските медиуми анализира дека без оглед на тоа кој ќе ја формира новата влада во Берлин, но и кој ќе биде новиот канцелар, Германија ќе остане да биде најголемата и економски највлијателна земја-членка во Унијата.
– Убаво би било да има идеја во која насока треба да се движи ЕУ за да се има некаква ориентација. За жал, не сум многу убеден дека ќе видиме такво нешто од новата влада во Берлин. Германските службеници во ЕУ се прагматично лефтерни. Работата прво си продолжува како и досега, без разлика кој ќе победи. Големите одлуки ќе бидат одложени додека новите ликови да фатат ред и потоа ќе се види како ќе се тера понатаму – оценува Еманулидис.
Зелените и либералите ќе го „крунисаат“ идниот канцелар
Кој и да биде иден канцелар, нова германска влада веројатно нема да има без Зелените и либералите, кои сега се на потег, пишуваат европските медиумски куќи. Тие веднаш по изборите за Бундестагот најавија брза меѓусебна координација. И победникот на изборите, Олаф Шолц од СПД, и губитникот Армин Лашет од конзервативната унија сакаат да станат канцелари. Но кој и да успее да направи коалиција, тешко дека ќе може без Зелените и либералите.
Во исто време повторна широка коалиција меѓу Унијата и СПД е малку веројатна опција. Од третопласираните Зелени со 14,8 отсто поддршка и либералите, кои се на четврто место со 11,5 отсто, ќе зависи кој ќе седне во кабинетот на канцеларот.