Нашата земја е меѓу најдобро позиционираните држави од т.н. Западен Балкан на скалата на мирот, со значително подобрување и искачување десетици места нагоре за разлика од претходните години. Од регионот, зад нас се Србија, која е позиционирана на 44-то место, Албанија на 48-та позиција, Црна Гора на 51-то место на табелата, додека најлошо котираат Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 72-то место, и Косово на 70-та позиција. Индикаторот за „интензитетот на внатрешни конфликти“ во Македонија има најголемо подобрување и сега е на најниско ниво од 2016 година. Најмирна земја во светот е Исланд, додека најнебезбедна Авганистан…
ИСТРАЖУВАЊЕ НА АВСТРАЛИСКИ ИНСТИТУТ ЗА СВЕТСКИОТ ГЛОБАЛЕН ИНДЕКС НА МИР
Македонија се наоѓа во рангот на најмирни државите од Балканот во најновото истражување на Глобалниот индекс на мир. Австралискиот институт за економија и мир ја позиционирал Македонија на 40-та позиција, што е подобро од повеќето балкански држави, кои се зад нас на листата.
Пред нас единствено се Хрватска, која е на 17-та позиција, и Словенија, која е на високото петто место.
Споредбено со претходните истражувања од оваа организација, во 2020 година, кога станавме членка на НАТО, земјата била рангирана 11 позиции подолу за разлика од годинава, а во 2019 година Македонија била рангирана на 62-то место.
– Македонија имаше петто најголемо зголемување во однос на мирот на листата во 2021 година, со 5,2 процентно подобрување на резултатот. Земјата се искачи за 11 места на ранг-листата на ГПИ и сега е рангирана на 40-то место. Зголемувањето на мирот беше во голема мера базирано од подобрувањата во доменот на тековни конфликти – пишува во извештајот.
Оттаму се додава дека индикаторот за интензитетот на внатрешни конфликти во Македонија има најголемо подобрување, и сега е на најниско ниво од 2016 година.
– Спорот со Грција се реши со потпишувањето на Договорот од Преспа, иако Бугарија продолжува да ги блокира преговорите за членство на Македонија во ЕУ. И покрај некои поделби во земјата околу Договорот од Преспа, ова прашање не е толку поларизирачко како што беше пред една година – се наведува во документот.
Во доменот безбедност и сигурност во истражувањето се забележува дека имало подобрувања на состојбите поврзани со разни политички притисоци врз неистомисленици, намалени биле стапката на убиства и стапката на затворање осомничени лица, а намалено е и влијанието од тероризмот.
– И покрај овие подобрувања, Македонија сепак забележа влошување на перцепцијата на криминалитетот – стои во извештајот за земјава за оваа година.
Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека несомнен факт зошто прогресираме во позитивна смисла на зборот на ваквите светски рангирања како Глобалниот индекс на мир е неодамнешното остварување на стратегиската определба за Македонија за членство во НАТО.
Аналитичарот прогнозира дека тој очекува во годините што следуваат, благодарение на ваквите политики на земјата, сѐ повеќе да се доближуваме на рангирањата кон Хрватска и Словенија.
Универзитетскиот професор Методи Хаџи-Јанев вели дека во согласност со парамeтрите што се користат во истражувањето за да се измери наведениот коефициент, НАТО како најсилен воен сојуз апсолутно натежнува на „вагата“ во полза на нашата безбедност. Наедно, тој ги истакнува и новите приоди и доктрини на НАТО за продлабочување на своите способности и потенцијали за препознавање, амортизирање и анулирање на невоените безбедносни закани, како што е примерот со глобалната безбедносна закана од пандемијата.
– Во новиот, темелен концепт на НАТО, пандемијата и невоените закани се препознаваат како сериозен параметар во процената за безбедноста – вели професорот Хаџи-Јанев.
Без да впери прст во некого во врска со коронавирусот, професорот Хаџи-Јанев, вели дека во геостратегиската игра, глобалните светски сили имаат поголема можност да користат неконвенционално оружје за да ја анулираат воената и технолошката предност на своите опоненти.
– Поврзувањето на пандемијата со безбедносните прашања е можеби најдобар индикатор за тоа како во светот на меѓусебна зависност и поврзаност на економските, здравствените, демографските и другите фактори, всушност неконвенционалните методи ќе бидат влијателни за дефинирање на безбедноста – вели професорот.
Тој резимира дека пандемијата влијае на економијата, но и на емоционалната свест кај поединецот, а со тоа и на општеството, чувството на страв секако влијае врз одлуките да се влезе или не во конфликт. Во таков контекст, припадноста во еден глобален безбедносен систем како што е НАТО е пресудна. Токму оттука е порастот на Македонија во глобалното рангирање.
Во врска со австралискиот институт за економија и мир, интересно за издвојување е дека од регионот најлошо котираат Босна и Херцеговина, која се наоѓа на 72-то место, и Косово на 70-та позиција.
Натаму, од земјите во регионот, Србија е позиционирана на 44-то место, Албанија на 48-та позиција и Црна Гора е 51-та земја на табелата.
На глобално ниво, пак, Авганистан е најнебезбедна земја во светот, а по него следуваат Јемен, Сирија, Јужен Судан и Ирак.
Од друга страна, Исланд е повторно на врвот на табелата, како најмирна земја и на ова место е од 2008 година. Во првите пет најмирни земји во светот се и Нов Зеланд, Данска, Португалија и Словенија.
Инаку, Глобалниот индекс на мир во своите анализи собира податоци за 99,7 проценти од светската популација и ја проценува ситуацијата врз основа на 23 квалитативни и квантитативни индикатори, групирани во три области – тековен конфликт, безбедност и милитаризација.