Кандински со својата мачка Васке, 1906 г.
Пред да се зафати сериозно со сликарството, славниот руски сликар Василиј Кандински добива „сериозна“ професија по желба на родителите, дипломира на Правниот факултет на Московскиот универзитет. Иако кариерата му тргнува одлично, сепак, 30-годишниот уметник се одлучува да му се посвети на сликарството. За него сликарството е тесно поврзано со музиката. Впечатокот од претставата „Лоенгрин“ на Вагнер во Бољшој театар станува една од причините за да ја остави правната кариера.
Синтезата на уметноста е исклучително важна за Кандински и тој не се ограничува само на сликарството и на музиката, туку прави ентериери, скици за цртежи на порцелан, за фустани и за мебел, се интересира за фотографијата и за филмот. Првото нефигуративно дело во опусот на Василиј Кандински (и воопшто првата апстракција во светот) е „Сликата со круг“, насликана во 1911 година, која денес е во Националниот музеј на Грузија во Тбилиси. Според уметникот, природата дава импулс за креативност, но нема никаква смисла таа да се копира.
Ирационалноста и емоционалноста на Кандински одат во спротивност со рационализмот на другите руски авангардисти, а тоа станува особено забележливо по револуцијата, кога Кандински, заедно со Александар Родченко, Варвара Степанова и Љубов Попова, предава на новоформираните уметнички институти. Откако не успева да ги постигне педагошките цели во Русија, од 1922 година тој почнува да предава во германската школа „Баухаус“, каде што ја води класата по аналитички цртеж и работилница за ѕидно сликарство.