ПЛАН ЗА ИДНО СПРАВУВАЊЕ СО ГОРЕШТИНИТЕ ВО СКОПЈЕ
Град Скопје изминатиов период изврши мерења со користење термална камера во три дневни интервали на повеќе локации, а според резултатите, утврдени се најтоплите девет точки (пешачки премини) кај кои ефектот на урбаните топлотни острови е најголем. Највисоките температури, во согласност со мерењата на овие девет локации, се движат меѓу 50 и 55 Целзиусови степени, а највисоката температура од 60,3 степени е измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар, велат од Град Скопје
Конечно малку можеме да здивнеме од пеколните горештини. Иако официјално летото сѐ уште е тука, сепак температурите се далеку од летни. Свежи утра и студени ноќи почнаа да се чувствуваат во главниот град. Сепак, иако летото е во заминување, предизвиците што ги носи тоа, првенствено со горештините засилени од климатските промени, повторно ќе дојдат. Сѐ повеќе и сѐ почести се пеколните горештини и екстремно високите температури во главниот град. Со нив, задолжително доаѓаат и препораките за неизлегување од дома, но ретко кој може да го испочитува тоа. За жал, скопјани мора да се „печат“ на жешкиот асфалт, затоа што работните и личните обврски не прашуваат ниту за годишно време ниту за температури на воздух.
ЛЕТОТО Е НЕПОДНОСЛИВО ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ
Оној што во летниот период кога температурите на воздухот неретко се искачуваат на 40 степени не бил во централното градско подрачје пеш, не почувствувал како е да се наоѓаш „под вршник“. Екстремно високите температури се навистина екстремни во Скопје, а особено во централниот цел на градот, каде што присуството на згради и бетон е на максимално ниво.
– Летата се екстремни во центарот на градот. Не се издржуваат таа спарнина и жештина. Уште па кога некој ќе земе да прска со вода на тие температури и на врелиот асфалт, буквално нема воздух за дишење. Неиздржливо е и премногу топло – вели Бојан Здравковски.
Поради таа цел и во летниот период кога градот е во портокалова фаза, низ Скопје има пунктови на Црвениот крст, кои во секое време можат да им дадат прва помош на граѓаните и кои им делат шишиња со ладна вода на оние што морале да ги напуштат своите домови за да заминат на работа или, пак, да завршат некоја лична работа.
И ЗИМЕ И ЛЕТЕ, ЦЕНТРАЛНОТО ГРАДСКО ПОДРАЧЈЕ Е ПОТОПЛО ЗА НЕКОЛКУ СТЕПЕНИ
Речиси секоја метропола во своето централно градско подрачје каде што се сместени голем број државни институции, банки, хотели, продавници за облека и храна, пазари и многу други дејности, се соочува со повисока температура на воздухот за неколку степени од локациите каде што има повеќе зеленило. Таквата појава се нарекува урбани топлински острови во еден град, кои всушност ги означуваат локациите каде што температурата на воздухот е повисока од другите места во градот.
Урбаните топлински острови познати како УТО, се ефект што се јавува во урбаните области на големите градови, како резултат на покриеноста на земјиштето со згради и асфалтни површини.
Како што објаснуваат градските власти, овие површини многу повеќе ја задржуваат топлината во споредба со природните екосистеми и руралните средини, кои се покриени од дрвја и вегетација и со тоа дополнително се оладуваат преку процесот на испарување на водата. Градовите, исто така, создаваат сопствена топлина, која се ослободува од извори како што се печки, климатизери и возила.
– Бетонот дејствува како ладилник, што значи дека ја апсорбира топлината, а како резултат на тоа, потоа зрачи со преголема топлина во летните денови. Сето ова е познато како ефект на урбани топлотни острови. Зрачењето на оваа апсорбирана топлина може да предизвика несакани ефекти, како голема жештина на стапалата кај луѓето и шепите на домашните миленичиња, како и зголемен ризик од изгореници од сончевите зраци – велат градските власти.
Оттаму додаваат дека многу од пешачките острови (поголемите и фреквентни пешачки премини) на територија на Град Скопје, со претходно направени студии, се мапирани како места кај кои има зголемен ефект на урбани топлотни острови.
– Град Скопје изминатиов период изврши мерења со користење термална камера во три дневни интервали на повеќе локации, а според резултатите, утврдени се најтоплите девет точки (пешачки премини) кај кои ефектот на урбаните топлотни острови е најголем. Највисоките температури, во согласност со мерењата на овие девет локации, се движат меѓу 50 и 55 Целзиусови степени, а највисоката температура од 60,3 степени е измерена на крстосницата кај објектот на Делегацијата на ЕУ во Центар – велат од Градот.
Оттаму додаваат дека со цел обезбедување заштита од топлина за пешаците и велосипедистите и намалување на температурите на девет пешачки премини, Град Скопје во наредниот период ќе го реализира проектот за поставување заштитни стреи (перголи).
– На деветте пешачки премини е исто така утврдено дека природното разладување, т.е. садење дрвја, со кое би се намалила температурата е невозможно или, пак, нема никакви услови за истото тоа, па од тие причини со поставување заштитни стреи ќе се намалува ефектот на урбаните топлотни острови – информираат градските власти.
[email protected]