Доколку транспортерите не бидат исклучени од најновите анти-ковид мерки
Македонските камионски превозници до вчера не беа изземени од најновите мерки за заштита од ширењето на ковид-19, иако од нивната најголема асоцијација „Макам-транс“ побарале од Владата новите мерки за влез во земјата да не важат и за нив, бидејќи би можеле да се одразат негативно врз снабдувањето на македонскиот пазар
Домашните и странските државјани од утре ќе можат да ја поминат македонската граница само доколку достават ПЦР-тест направен најмногу 72 часа пред влегувањето во земјава, сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена. Од оваа мерка за заштита од ширење на вирусот, барем до вчера, не беа изземени македонските камионски превозници, иако од нивната најголема асоцијација „Макам-транс“ побарале од Владата новите мерки за влез во земјата да не важат и за нив, бидејќи би можеле да се одразат негативно врз снабдувањето на македонскиот пазар.
Имено, Биљана Муратовска, генерална секретарка на „Макам-транс“, вели дека досега, во соработка со другите асоцијации на превозници, успеале да се организираат така што мерките што се носеле во сите држави не влијаеле на превозот на стока, поради фактот што возачите се самоизолирани во кабините и се придржуваат до протоколите што важат на местата на утовар и растовар на стоката, како и на граничните премини.
– Успеавме со заеднички сили обврската за ПЦР-тестови што се спроведуваа на граничниот премин со Грција и на влез во Баварија, дел од Германија, да се укинат за да не се доведува во прашање протокот на стока што е неопходна за секое стопанство и за нормално снабдување на населението со производи за широка потрошувачка – споменува Муратовска.
Голем број возачи не се вакцинирани
Но сето тоа, како што вели таа, сега е доведено во прашање.
– Така, новите мерки што Владата ги потврди на својата 101. седница непријатно нѐ изненадија, особено што нема никаков исклучок за професионалните возачи, ниту, пак, има обезбедено медицински екипи (како во другите држави) за спроведување бесплатно тестирање на сите граѓани (домашни и странски) што ќе влегуваат на територија на нашата држава, а кои не се вакцинирани. И доколку не дојде до дополнување на одлуката со напомена дека не важат мерките за возачите од први септември, ќе имаме голем застој на граничните премини, затоа што голем број возачи не се вакцинирани или, според реакцијата што ја следиме, поради лични причини не сакаат да се вакцинираат – потенцира Муратовска.
Обврската за ПЦР-тестови ќе ги зголеми трошоците на превозниците
Таа додава дека за да се вакцинира еден возач, треба неколку недели да не работи за да може да ги прими и двете дози на вакцината и плус да биде минимум 14 дена во државата, за да му се признае вакцината, за да обезбеди ПЦР-тест ќе мора тоа да го направи во Србија, Бугарија, Грција или Албанија, во зависност од кој граничен премин ќе влегува, за да има ПЦР-тест не постар од 72 часа, ако прележал ковид, имунитетот се признава само во период од 45 дена.
– Ова значи дека ќе се зголемат трошоците на превозниците, затоа што ќе мораат да плаќаат во други држави за услугата (ПЦР-тест) за да можат да влезат на наша територија, а да не ризикуваат да одат во карантин, што би значело и стоење на возилата минимум седум дена, губење клиенти и можност за заработувачка – појаснува Муратовска.
Патниот транспорт „боледува“ и од кадровски дефицит
Како што истакнува таа, возачите во нашата држава се дефицитарен кадар, а дополнителен проблем претставува тоа што многумина од нив не можат да ги продолжат своите сертификати, кои со закон се пропишани за да превезуваат стока, затоа што службата за јавни набавки при Влада и по четири месеци не може да одбере нов центар за полагање испит.
– Значи дека ќе постои огромен револт од домашните, но и од странските превозници, на кои, пак, им е дадено период од пет часа да транзитираат низ државата, не водејќи сметка за спогодбата што го регулира работното време на возачите, како и нивните задолжителни паузи и одмор и периодот што е потребен да ја оцаринат стоката и истоварат – посочува Муратовска.
Според неа, во целиот период на пандемијата, превозните трговски друштва трпат огромни штети поради забавениот проток на граничните премини, чекањето на утовар, намалената понуда на стока за превоз и огромната конкуренција поради големата понуда на слободни возила на ниво на Европа.
– Тоа што еден мал период од оваа година значеше побрз проток на возила и поголем обрт во вршење на превозот, сега со оваа мерка на нашата влада (доколку не ја променат) ќе се соочиме одново со големи загуби, но истовремено целото стопанство и граѓаните ќе се соочат со доцнење на продукти што се користат како репроматеријали, но и производи за широка потрошувачка, лекови, нафтени деривати – објаснува Муратовска.
Камионскиот превоз на стоката е доминантен во Македонија
Конечно, како што потенцира претседателката на „Макам-транс“, влијанието од пандемијата најмногу се почувствува во патниот превоз, затоа што во нашата држава, во согласност со статистичките податоци, 96 отсто од стоката се превезува токму на тој начин.
– Стопанските и нестопанските дејности поради увозната ориентација на нашата држава во целост зависат од меѓународниот превоз на стока, затоа не смее да се ограничува ниту, пак, да се применуваат мерки за возачите исто како што се предвидени за другите граѓани. Негативните ефекти од застојот на граница верижно ќе влијаат на сите во државата, уште повеќе ќе се засили негативниот ефект, за жал цените на производите ќе растат и со тоа уште повеќе ќе се подгрева инфлацијата – појаснува Муратовска.
Од Сојузот на стопански комори (ССК) велат дека доколку транспортерите не бидат исклучени од најновите мерките, тоа ќе има големо влијание на целиот синџир на снабдување, поради што нужно ќе биде ангажирање дополнително време и ресурси.
– Ограничувањата за влез и излез во државата стапуваат во сила задутре, така што има простор да се направи неопходната промена, што веќе и формално е побарано од транспортните претпријатија – оценија вчера во ССК.
Оттаму додадоа дека транспортниот сектор е еден од оние што најмногу ги чувствуваат негативните ефекти од пандемијата, чии загуби се големи, а со влошувањето на епидемиолошката состојба и воведувањето нови рестриктивни мерки, сѐ уште нема изгледи за нормализирање на активностите.