Од денеска ќе се подигаат
новите лични карти
Од денеска граѓаните ќе можат да ги подигаат новите лични карти на кои ќе биде впишано новото име Северна Македонија, а печатењето е овозможено откако Владата завчера со подзаконски акт овозможи да продолжат печатењето и издавањето на личните документи.
Нови лични карти со новото име на државата, во согласност со Законот за употреба на јазиците ќе добијат над 40 илјади граѓани, кои чекаат два месеца бидејќи во Собрание беше заглавен Законот за лични карти, кој опозицијата го блокираше со над 1.500 амандмани.
Од МВР велат дека се чекало неколку месеци додека не се нашло адекватно решение.
– Станува збор за подзаконски акт што министерот има право да го донесе во согласност со постојниот Закон за лични карти, затоа и се бараше правна и законска солуција за да се изнајде најадекватното решение. Ние немаме тука друга промена, освен издавање лични карти со новото уставно име и во согласност со Законот за употреба на јазиците. Други промени во решението нема – велат од МВР.
Над 10 илјади активни случаи на ковид-19, повеќе од половина се во Скопје, Тетово и во Гостивар
Бројот на активни случаи на ковид-19 во земјава изнесува 10.380, од кои над половина или 5.562 се регистрирани само во последните пет дена. Една третина од активните случаи се во Скопје, или 3.421, додека над 64 проценти се само во три града, како Скопје, Тетово и Гостивар.
Болниците во Тетово и во Гостивар се преоптоварени, а секој пациент кому му е потребно болничко место, по претходна најава се праќа во Скопје. Болничките капацитети се делумно оптоварени во Кичево и во Струга.
Министерот за здравство Венко Филипче ги повика граѓаните да се вакцинираат, повторувајќи дека вакцини има од сите типови и во доволни количества.
Само во периодот од 17 до 21 август, починати се вкупно 94 лица, додека последен ден без починат пациент е 3 август.
МОН: Првиот дигитален учебник
ќе ја поттикне љубовта кон природни
науки кај четвртоодделенците
Креирањето на материјалот за учење за четврто одделение по предметот Природни науки, претставуваше предизвик од една страна и голема одговорност од друга, бидејќи концептот за негова изработка е доста поинаков од досегашниот. Ова го вели авторката Биљана Стојановска, која заедно со наставничките Билјана Лазареска и Нела Слезенкова-Никовска, работеа на подготовка на првиот дигитален материјал за учење по Природни наука, кој ќе се користи во наставата за четврто одделение од почетокот на учебната година.
Со ова, практично започнува имплементацијата на новата концепција, која во следните пет-шест години треба целосно да се спроведе во деветолетката.
Авторката истакна дека целта на новата концепција е висококвалитетно, инклузивно и достапно дигитално образование.
Дигиталните материјали за учење се уште една алатка повеќе, со помош на која учениците успешно ќе го совладуваат материјалот.