Две последни студии откриваат интересни резултати, едната дека антителата од вакцините против делта-сојот опаѓаат за три месеци, а другата дека над 80 отсто од прележаните имаат антитела и една година по прележувањето.Зошто природниот имунитет е подолготраен? Дали, според ова, е неопходна трета доза вакцина?
Природниот имунитет е подолготраен, но побрзо е со вештачката имунизација
Ново шведско истражување открива дека околу 80 отсто од луѓето што се заразиле со ковид-19 пред една година сѐ уште имаат антитела против вирусот.
Друго здравствено истражување во Обединетото Кралство покажа дека заштитата што ја обезбедуваат вакцините „Фајзер“ и „Астра Зенека“ се намалува против доминантниот делта-вирус на коронавирусот во рок од три месеци.
Овие две последни студии откриваат интересни резултати, едната дека антителата од вакцините против делта-сојот опаѓаат за три месеци, а другата дека над 80 отсто од прележаните имаат антитела и една година по прележувањето.
Зошто природниот имунитет е подолготраен? Дали, според ова, е неопходна трета доза вакцина?
Микробиологот Никола Пановски вели дека нашите здравствени власти и советници на министерот треба да престанат да кажуваат ненаучни работи, односно дека вештачкиот имунитет е посилен од оној на прележаните, зашто тоа е во спротивност со науката.
– Треба да им се дозволи на прележаните да се движат слободно, да не ги форсираат да се вакцинираат еден месец по прележувањето. Фактите се дека прележаните многу поретко заболуваат од вакцинираните. Затоа, потребно е Министерството за здравство да излезе со бројки вакцинирани од вакцини што повторно се заразуваат. Тоа е добро за статистика – посочува тој.
Според него, природниот имунитет е најмалку ист со оној на вакцинираните, а и е подобар од која било вакцина и, секако, сите студии покажуваат дека е подолготраен.
– Трета доза можеби ќе биде потребна за вакцинираните, но не и за прележаните – заклучува тој.
Делта-сојот ја намалува ефикасноста на вакцините
Шведското истражување било спроведено на 2.000 вработени во болницата „Дендерид“ во Стокхолм, кои на секои четири месеци биле подложени на тестови на крвта и одговарале на прашања преку специјална апликација.
– Повеќето од оние што се разболеа ги изгубија мирисот и вкусот, а 10 отсто од заразените немаа никакви симптоми – изјавил Себастијан Хаверал, студент, кандидат за докторанд.
Антителата што ги развиле се покажаа како добра заштита од алфа-сојот на вирусот (поранешна британска варијанта) и делта-сојот, кој во моментов е доминантна варијанта и брзо се шири низ светот, потиснувајќи ги сите други соеви во многу земји.
Според него, заштитата од бета-сојот (порано јужноафрикански сој) и гама-сојот (поранешен бразилски сој) не е толку силна. Нивото на заштита од соевите бета и гама е 30-40 отсто пониско.
Научниците што го спровеле истражувањето во шведската болница „Дендерид“, исто така, истражувале колку дози од вакцината се потребни за оние што веќе биле заразени. Претходно било заклучено дека само една доза од вакцината „Фајзер“ е доволна, а шведските научници сега откриле дека истото тоа важи и за вакцината „Астра Зенека“.
Инфекцијата дејствува како првата доза на вакцината, а втората доза на вакцината потоа служи како засилувач. Покрај тоа, се покажа дека учесниците во истражувањето имале дури и малку подобро ниво на заштита од луѓето што ги примиле двете дози на вакцината „Фајзер“.
Шведска досега имала 1,11 милион случаи на новозаразени со коронавирусот и над 14.600 смртни случаи, што е повеќе од другите скандинавски земји заедно.
Друго здравствено истражување во Обединетото Кралство покажа дека заштитата што ја обезбедуваат вакцините „Фајзер“ и „Астра Зенека“ се намалува против доминантниот делта-сој на коронавирусот во рок од три месеци.
Студија на Универзитетот во Оксфорд, базирана на повеќе од три милиони примероци земени од носот и грлото на луѓе низ Британија, покажа дека 90 дена по втората доза на вакцината „Фајзер“ или „Астра Зенека“, нивната ефикасност во спречувањето на инфекцијата се намалува на 75 проценти и 61 процент, соодветно. Во двонеделниот период по втората доза, овие проценти се соодветно 85 проценти и 68 проценти. Намалувањето на ефикасноста е поизразено кај луѓе на возраст од 35 години и постари отколку кај помладите луѓе.
Научниците не можеа да предвидат колку заштитата дополнително ќе ослабне со текот на времето, но сугерираат дека ефективноста на двете студирани вакцини ќе се изедначи во рок од четири до пет месеци.
Здравствените власти се водат по светските препораки
Последната објава на министерот за здравство Венко Филипче посочува дека стручните препораки во однос на имунизацијата против ковид-19 се дефинираат водејќи се од потврдени и прифатени податоци и докази што потекнуваат од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести, како Европскиот и Американскиот центар за инфективни заболувања (ЦДЦ и ЕЦДЦ), од регулаторните медицински агенции ЕМА и ФДА и од СЗО. Препораките од сите овие организации се дека за комплетна имунизација против ковид-19 е потребно добивање две дози (со исклучок на вакцината на „Џонсон и Џонсон“, која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примањето на втората доза. Во однос на типот на вакцините, потребно е имунизација да се изведе со вакцина од ист производител, освен доколку не постои здравствена контраиндикација за тоа.
– Прележувањето на ковид-19 не преставува пречка за вакцинација и лицата што ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат. Имунитетот што се создава по прележувањето на болеста, како и самиот тек на болеста, е индивидуален и може да биде комплетно асимптоматски, со постигнување послаб имунитет, до тешки облици и компликации од болеста и состојби на т.н. пролонгиран ковид. Временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку еден месец. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата – објаснува Филипче.
Според него, кај лицата што во периодот меѓу примањето на двете дози од вакцината против ковид-19 ќе се потврди дека се позитивни, втората доза на вакцината се одложува до период кога лицето ќе биде комплетно оздравено од болеста.
– Одредени научни истражувања, кои сѐ уште се лимитирани, упатуваат дека кај прележаните лица од ковид-19 можно е да е потребна само една доза вакцина. Сепак, бидејќи нема точни податоци колкава заштита обезбедува само една доза вакцина, овој став не е прифатен од релевантните здравствени регулаторни тела. Лицата што се комплетно имунизирани (со две дози од вакцината против ковид-19, по поминати 14 дена од втората доза) мали се шансите при контакт на вирусот да се инфицираат и да бидат позитивни, но тие се со полесни симптоми на болеста. Вакцината обезбедува заштита од развој на тешки облици на болеста и смртност – посочува министерот.