Годинава учествуваат автори од 167 држави
Во Заводот и музеј во Битола е отворено деветтото издание на познатото Меѓународно графичко триенале, на кое годинава учествуваат автори од 167 држави, со што, според неговиот раководител Владо Ѓоревски тоа се смета за еден од најголемите вакви настани во светот, кој се занимава со откривање анонимни, непознати автори на исклучителни дела.
– Графичкото триенале во Битола не е манифестација ниту проект, затоа што овие два збора во последно време се многу искомпромитирани. Графичкото триенале во Битола е нов концепт во светски размери – рече меѓу другото Ѓоревски по отворањето, укажувајќи дека истото тоа е „надвор од финансиските, надвор од материјалистичките и естрадно амбициозните претензии“. Тој укажа дека на ова издание на триеналето, има учесници од неколку држави „кои во моментов крвават“ како што е на пример Сирија, од каде што пристигнале дела на 10 автори. Нив тој ги нарече „многу потресни дела, кои се многу важни за човечкото творештво“.
– Најновото деветто издание го поставивме на нови основи бидејќи има значителни промени во амбиентот што владееше пред 30 години и денес. За жал, ова е време кога сѐ се заборава, време на целосна рамнодушност, време кога духовното е тотално девалвирано и е нападнато од една бескрупулозна корумпирана, материјалистичка состојба и која е голем непријател на творештвото – истакна Владо Ѓоревски.
На отворањето на престижната манифестација говореше директорката на Националната установа Завод и музеј, Мери Стојанова, која посочи дека триеналето е со светски предзнак и со изградено реноме и статус во рамките на светската графика. Меѓународното графичко триенале се одржува под покровителство на Министерството за култура.