Никола Мартиноски, 118 години по раѓањето
Македонскиот графички дизајнер и сликар Зоран Кардула, вчера, на денот кога пред 118 години, шест дена по падот на Крушевската Република, бил роден современикот на македонското сликарство и ликовната уметност, Никола Мартиноски, еден од најголемите сликари во овие простори, изработи и објави плакат во негова чест. Како еден од основачите на Националната галерија на Македонија, Мартиноски на Крушево му подари збирка од 62 ремек-дела, кои денес се сместени во спомен-куќата „Галерија Мартиноски“.
Неговите први сликарски обиди се од 1919 година, во кои може да се вклучи сликата „Пејзаж“, од приватна колекција во Скопје, која, веројатно, е најстарото зачувано дело на Мартиноски. Сликата може да се датира во 1919 година, во време кога Мартиноски сѐ уште бил дел од работилницата на последниот македонски зограф – Димитрие Папрадишки.
За време на седумгодишниот студиски престој на Мартиноски во Букурешт, како студент на тогашната Школа за убави уметности, направил повеќе дела од кои може да се издвојат „Мртва природа со череп“ и „Девојка крај клавир“. Додека, пак, малечката „Во поле“ го симболизира новиот правец на уметноста на Мартиноски што започнува во моментот кога тој го запишал специјалниот курс по сликање на Школата во Букурешт, во класата на Камил Ресу, во 1925 година.
Краткиот престој на Мартиноски во Париз, од крајот на 1928 до крајот на 1929 година, вклучува низа слики меѓу кои и „Женски портрет“ од приватна колекција во Скопје и крушевската „Глава на жена“, кои јасно ја прикажуваат промената на ликовниот израз на младиот уметник, која настанува по неговото соочување со модерната уметност во Париз.
Сликите од Музејот во Смедерево „Девојка со грне и младич“ и „Охридски рибари“, како и делата „Романски селанки во пејзаж 1 и 2“ (двете од приватни колекции во Србија), „Циганка што пие кафе“ (во сопственост на Националната галерија на Македонија и дел од постојаната поставка во „Даутпашиниот амам“) и „Под распетието“ (приватна колекција Скопје), се меѓу првите сликарски обиди на Мартиноски по враќањето во Македонија, а наедно тоа се и делата што тој ги излагал на својата прва самостојна изложба во Скопје во 1929 година.
Местото на врвот во македонската современа уметност најзаслужено му припаѓа поради неговото своевидно поврзување на епохите – емотивната блискост и високата почит кон средновековното сликарство во Македонија и синтезата што тој ја создаде, напоредно со современите модерни струења. Во неговото исклучително богато творештво, авторот во сите традиционални теми и жанрови умееше да ја вреже својата сопствена и сложена творечка личност.
Во своите дела е свртен кон човекот – мајчинството, љубовта, портретот – се темите низ кои авторот ги откриваше физичките и психолошките карактеристики. Ликовите се од неговите омилени амбиенти од скопските предградија. Сликал и мртви природи каде што речиси ја достигнал синтезата на експресионизмот и третманот на Сезан. Со целокупното ликовно творештво ќе остане засекогаш забележан во страниците на историјата на ликовната уметност кај нас, како прв модерен експресионист и основоположник на македонската современа ликовна уметност.