„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Животот на литературната класика“ од бугарскиот книжевен истражувач, критичар и издавач Пламен Тотев. Книгата фрла светлина врз историскиот развој на античката и европската литература, давајќи упатства кој е кој и каде е во книжевно-историскиот процес, кои се моделите во развојот на големата светска литература, кои се закономерностите во развојот на големите светски литератури низ вековите, кои се најважните особености на класичните епохи и правци од древноста до денес.
Освен информациите за главните литературни епохи и правци од антиката и ренесансата до модернизмот, книгата вклучува и анализи на класични дела како што се „Илијада“ на Хомер, „Цар Едип“ на Софокле, „Подвизите на Александар“ на Калистен (Псевдо-Калистен), „Робинсон Крусо“ на Д. Дефо, „Грофот Монте Кристо“ на А. Дима, „Чичко Горио“ и „Изгубени илузии“ на О. де Балзак, „Црвено и црно“ на Стендал, „Ругон-Макарови“ од Е. Зола, „Бел Ами“ на Ги де Мопасан, „Големите надежи“ на Дикенс, „Панаѓур на суетата“ на В.М.
Текери, „Злосторство и казна“ на Достоевски… Напишана разбирливо и читливо, книгата придонесува за популаризација на врвната светска литературна класика кај широк круг читатели. Преводот на книгата е на Предраг Димитровски.
Пламен Тотев (1964) дипломирал бугарска филологија на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“. Специјализирал историска поетика на бугарската литература. Објавил стотици литературно-критички и книжевно-историски написи, рецензии на книги, статии за проблемите на литературата, издаваштвото и културата. Автор е на три книги од областа на историјата на книжевноста, на дваесетина учебници и учебни помагала по бугарски јазик и литература, составувач е на антологии со светска и бугарска класична поезија.