Македонија и голем дел од Европа деновиве се зафатени од големи пожари. Кои се клучните причини за избувнување на огнената стихија, какви се тактиките за справување и гасење на пожарите во Европа, а какви кај нас? Аналитичарите и експертите посочуваат четири клучни фактори што ги предизвикуваат пожарите

МАКЕДОНИЈА И ЕВРОПА ПОД ОГНЕНА ОПСАДА

Десетици активни жаришта веќе неколку дена се најкритичните точки во опожарена Македонија. Најголем по пространост, но и по јачина, е пожарот на потегот од Пехчево до Делчево, каде што беа зафатени неколку села и изгореа куќи. Гори претежно борова шума, која го отежнува гасењето. Во гасењето учествуваат над 200 пожарникари од Македонија, Бугарија, Словенија и Австрија, со помош на локалното население. Пожари има и во Прилепско, во околината на неколку села, каде што претежно гори нискостеблеста шума. Во североисточниот дел на државата има пожари во Кумановско и Кривопаланечко. Таму состојбата генерално е под контрола. Активен пожар има и во Валандово кој се држи под контрола и се очекува во текот на денот да биде локализиран.
Во Скопско, каде што вчера имаше 18 пожари, комплетно се изгаснати 17, а останат е пожар во Сарај, кој се спуштил од Тетовскиот Регион.
Останува активен пожар во Охридско, кај Косел и кај селото Расино, кој е комплетно локализиран. Пожар кај Велешко е локализиран рано утрово, како и три пожари во Кавадарци.
Сите пожари во Македонија се од шумски карактер, за чие гасење се применува интервенција од земја, со асистенција на хеликоптери од воздух. Густите борови шуми го отежнуваат пристапот за возилата и во многу случаи пожарникарите рачно интервенираат со пумпи со вода.

Боби Вељановски, секретар на Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија, вели дека оние што сега се најзагрозени се пожарникарите, кои повеќе од 30 часа работат на терен.
– Она што сега е најважно е здравјето на оние што гасат пожари, како и животот на граѓаните. Тие сега се најзагрозени. Се покажа некоординираност меѓу двете институции, како Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, кои ги измешаа надлежностите – посочува тој.
Според него, во ваква состојба не може да се даде какво било предвидување, зашто сега треба само да се работи на сузбивање на пожарите.
– Единствено што можам да кажам е дека ако не заврне, ќе биде полошо – кратко одговара Вељановски.
Високи температури, коинциденција, човечки фактор или, пак, нови климатски движења се причината што ова лето речиси половина Европа, а особено Балканот е зафатен со огнена стихија, која пустоши шумски предели, но е сериозна закана и за луѓето. Дали ова се нови предизвици за Европа, колку државите се подготвени за справување со вакви кризи?

Што ги предизвикува пожарите?

Топлото време, човечки фактор или нешто сосема трето ги предизвика пожарите што веќе неколку дена траат и зафатија повеќе делови низ земјата? Надлежните ги утврдуваат причините за избувнувањето на пожарите, со коишто се води деноноќна битка.
Најчеста причина за појава на пожарите е човечкиот фактор и затоа граѓаните треба да бидат внимателни и да ја почитуваат забраната за движење во шуми, да не палат оган и скари и да не фрлаат догорчиња на отворен простор.
Енормно високите температури, кои надминуваат над 42 степени, изминатите денови внесоа немир кај жителите на Кочани, Кумановско, Битола, Струмица, Гевгелија и уште десетина други места коишто стравуваат од огнените јазици, кои тешко се гаснат. Силниот ветер само придонесува огнот брзо да се шири и да се заканува и на населените места.
Според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, пожарот во Кочани бил предизвикан најверојатно од спој на жици.
– Најверојатно причината е спој на жици од бандери. Сувата вегетација придонела пожарот да се рашири во неколку различни правци – рече Ангелов.
Министерството за внатрешни работи ги потсетува граѓаните дека секој што на каков било начин ќе предизвика пожар ќе се соочи со ригорозни казни, односно затворска казни од шест месеци до осум години.
Недостигот од пожарникари и старите и дотраени возила се стара болка со која се соочуваат борците со огнените стихии. Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) лани објави дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјата им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот.

И Европа гори

Речиси на половина пат од летото, областа изгорена од пожари што беснееја низ Балканот, Италија и Југоисточниот Медитеран веќе ги засени просеците на годишно ниво. Шумски пожари гореа низ Јужна Европа во последниот месец, без разлика дали се предизвикани природно од гром или од пиромани, дали се запалени од суша и екстремна топлина.
Научниците не се сомневаат дека климатските промени се клучниот двигател за уште една сезона на екстремни пожари. Тие посочуваат и дека климатската адаптација во земјите подложени на пожар е несоодветна за справување со пожарите.
Гледаме зошто медитеранските и балканските земји се толку склони кон пожари и ги истражуваме последиците од затоплувањето на светот.

Зошто медитеранските региони се толку подложни на пожар?

Се смета дека ваквите појави на пожар се неизбежно поврзани со екстремните суши и топлотните бранови. Летните пожари се природен и често неопходен дел од животот на медитеранските шуми. Во деценијата пред 2016 година, околу 48.000 шумски пожари изгореле годишно околу 457.000 хектари низ петте јужноевропски држави, каде што пожарите се најраспространети, како Шпанија, Франција, Португалија, Италија и Грција.
Според научниците, огнот исто така може да создаде обнова и да поттикне биодиверзитет во овие региони.
Државите научиле подобро да се справуваат со просечните годишни пожари во топли и суви региони низ Јужна Европа, со пософистицирани стратегии за спречување пожари, што довело до севкупен пад на бројот и големината на пожарите од 1980 година.
Но премногу често во последниве години пожарите ескалираа надвор од нивната нормална големина и интензитет.
Катастрофалните пожари од 2017 и 2018 година однеле стотици животи на територијата што се протега од Турција до Шпанија, додека земјите во Централна и Северна Европа, вклучувајќи ја и Шведска, исто така биле подложни на пожари.

Како почнуваат пожарите?

Подметнувањето пожар и природните причини, како молњите, се еднакво виновни за започнување на пожарите, но екстремната топлина го зголеми нивниот интензитет и е вистинскиот виновник за уништувањето што се случи изминатиот период низ регионите погодени од пожар. Ова е причината зошто најмалку 55 отсто повеќе површина изгоре низ Европа до 5 август од просекот во претходните 12 години. Овој факт е дополнет со застареното управување со шумите. Јули беше вториот најтопол месец досега во Европа (и третиот најтопол на глобално ниво). Југот на континентот беше во фокусот на оваа екстремна топлина, а температурите во Грција оваа недела се очекува да достигнат врв на 47 Целзиусови степени.
Според Европската агенција за животна средина (ЕЕА), иако изгорената површина на Медитеранскиот Регион се намали малку во последните 40 години, ова главно се должи на поефикасните напори за контрола на пожар,
Климатските промени го зголемија ризикот од шумски пожари низ цела Европа, вклучувајќи ги и централните и северните региони, кои обично не се подложни на пожари. Тековните рекордни суши и топлотни бранови низ Медитеранскиот Регион ги повторуваат настаните од 2018 година, кога повеќе земји претрпеа големи пожари од кога било досега.
– Се предвидува проширување на области подложни на пожар и подолги сезони на пожар во повеќето европски региони – изјавиле од ЕЕА.

Какви се последиците за климата?

На глобално ниво, пожарите се одговорни за значителни емисии на стакленички гасови, и за 5 до 8 отсто од 3,3 милиони годишни предвремени смртни случаи од лош квалитет на воздухот.
Но емисиите на јаглерод од пожарите се намалуваат во последните децении. Ова повторно се должи на подобрената превенција од пожар.
Преостанатиот проблем е сериозноста или интензитетот на пожарот, што има посеопфатно влијание врз запленувањето на јаглеродот, бидејќи шумите горат толку лошо, што не растат повторно. И ако интензитетот на пожарот уништи значителна шумска покривка во 2021 година, загубата што произлегува од јаглеродот може да биде уште попогубна за климата.


Тактиките за гасење исти, капацитетите различни

Тактиките за справување со шумски пожари генерално се применуваат секаде во светот, па и во Македонија. Најчест принцип е пожарникари со возила од земја и воздушна поддршка од авиони или хеликоптери. Она што Македонија ја разликува од европските држави се застарената технологија и немањето доволно технички и кадровски капацитет. Иако државата има и авиони за гасење, тие сега се надвор од функција, поради неажурност на институциите.
Македонија изминативе години набавуваше и систем за рано откривање пожари преку снимање на терен со дронови, но нема јасно податоци дали тој е во функција.