И овој пат како да потфрлија помошта и подадената рака од страна на нашите партнери во НАТО. Иако Брисел ги имаше точните информации за нашата „подготвеност“ за справување со криза причинета од елементарни непогоди, сепак, реакцијата за помош на нашата земја, која е рамноправна членка во Алијансата, изостана. Можеби повторно треба, којзнае по кој пат, да констатираме дека е повеќе од неопходно да се потпреме првенствено на сопствените сили. Се разбира и на оние што први се наоѓаат при рака, а тоа се соседите, кои овој пат брзо реагираа – и Бугарија и Србија!
Пожарите не се доволна причина за брза, организирана и ефикасна акција на Алијансата
Огнената стихија што ја зафати Македонија на повеќе места од нејзината територија, почнувајќи од 2 август, на денот на националниот празник Илинден, на мошне сериозен (и драматичен) начин ни стави до знаење дека „системот за брза реакција и кризен менаџмент“ треба да функционира токму онака како што е именуван и како што се нарекува: систем за брза реакција! Токму тој систем треба да е постојано буден и на штрек, подготвен за сите можни сценарија во кои граѓаните и имотот на една држава се загрозени, а се разбира дека тоа вклучува и успешна реакција и aкција по однос на природни непогоди.
Превентивните „кондиционирања“ токму на тој систем вклучуваат и преиспитување и анализа на т.н. придобивки од членството во НАТО, во смисла на организираност на системот за превенција и заштита на граѓаните, државната територија, имотите и материјалните добра од природни катастрофи! Дали и рамноправното партнерство во Алијансата придонесе да се опуштиме од различни безбедносни притисоци, вклучувајќи ги предизвиците и заканите од природните катастрофи, сметајќи дека „чадорот“ на Алијансата ќе нѐ заштити?
Исходот без човечки жртви – последна опомена
Релативно „добриот и прифатлив“ досегашен исход, односно што е најважно – без човечки жртви од сите опожарени жаришта, остава простор надминатата состојба на изгаснатите пожари овој пат да биде прифатена како последна опомена, но никако не смее да се намали одговорноста за првичната анемична реакција на државниот систем за справување со кризи, кој речиси ги остави граѓаните самите да се справуваат со пожарите долги часови под налетот на огнот. Во ноќта кога беснееја пожарите околу Кочани, беспомошно до степен на циничност прозвучи информацијата дека леталата за гаснење пожари две години се приземјени и не можат да стапат во акција, поради неизвршено сервисирање, а армиските хеликоптери не се опремени за летање во ноќни услови. Таквите информации и подоцнежните изјави на одговорните, со изговори за несоодветното реагирање, предизвикаа реакции на огорченост во јавноста. Помошта понудена од соседите (членки на НАТО, но и надвор од Алијансата) беше прифатена и оценета како пријателски гест, но, сепак, тоа не може да го покрие потфрлањето на безбедносниот систем (кој треба да е според некакви стандарди и механизми на НАТО за справување со кризни ситуации), во првичното справување со огнената закана.
Овие пожари покажаа дека ниту ние, како најмлада земја-членка на НАТО, но ниту самиот систем на Алијансата не се покажавме соодветно во првичната реакција за справување со загрозеност од природни катастрофи. Среќа во целата несреќа е што сѐ мина без човечки жртви, но материјалната штета и уништените природни ресурси воопшто не се за запоставување. Но целата ситуација мораме да ја сфатиме како сериозно предупредување дека мора да се изврши ремонт на целата структура за справување со кризи.
Променивме нешто што функционираше, наместо само да го надградиме и усовршиме
Пензионираниот генерал Митре Арсовски, кој има извонредно големо и долгогодишно искуство со функционирање на системи за брза реакција, констатира „фактичка состојба на неефикасност и нефункционирање на синџирот во кризниот менаџмент“.
– Откако беше сменет системот на цивилна заштита, со формирање на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, се чини како работите да тргнаа го погрешна насока, односно државата како да не го сфаќа сериозно овој сегмент на превенција и заштита на граѓаните и материјалните добра. Порано имаше Републички штаб за цивилна заштита, со општински штабови, кои беа опремени, но и со обучен кадар за справување во ситуации на непогоди – вели пензионираниот генерал Митре Арсовски.
Во однос на вклучувањето на армијата во ситуации на загрозеност од природни непогоди, генералот Арсовски укажува дека таа треба да биде помошен елемент и треба да добие сигнал од врховниот командант за да дејствува. Според него, институциите т.е. центрите, штабовите за справување со кризи, треба да имаат сопствени ресурси и да дејствуваат самостојно и автоматски во случај на каква било загрозеност на населението и државната територија од природни непогоди, без да бараат одобрение и средства од други институции. Освен тоа, тој оценува дека членството на Македонија во НАТО, наместо да го подигне нивото на мобилност и подготвеност за превенција и реагирање во кризни услови, како повеќе да ги олабавило надлежните институции.
– Уште кога настојувавме да влеземе во НАТО, требаше да ни биде јасно дека влегуваме во организација што повеќе ќе нѐ користи отколку што ќе ни дава. Кризата со пожарите покажа дека членството во НАТО премногу ни го олабавило системот за безбедност и превенција во кризни ситуации. Итно ни е потребна реконструкција на целата структура за заштита од кризи – порачува генералот Митре Арсовски.
НАТО не е виновно за нашата неорганизираност и импровизации
Иако активен преку политички субјект, политичарот Петар Богојевски професионално е запознаен со процедурите и степенот на ингеренции на НАТО во справувањето со природни катастрофи во земјите-членки. Тој, сепак, вината за несоодветното справување со последната огнена стихија ја гледа во нефункционалноста на системот за справување со кризи.
– НАТО не е организација што гаси пожари. Државите-членки на сојузот треба да изградат сопствен систем за справување со природни непогоди. За жал, се покажа дека Македонија има целосно нефункционални две институции (Дирекција за заштита и спасување и Центар за управување со кризи), кои претставуваат вреќи за полнење со партиски апартчици, без никакво познавање на работите и без никаква одговорност. За жал, армијата повторно беше злоупотребена (и непотребно компромитирана), поради тоталната нефункционалност на системот за управување со кризи. Армијата не треба да гаси пожари, но мораше да биде ангажирана за да ја заврши работата на другите институции, кои постојат за справување со такви кризни ситуации – вели Петар Богојевски.
Конечно, Богојевски смета дека е редно да се отворат истраги за индициите за прекршување на законите во двете институции, од поединци што биле членови на сите партии, во изминатите години.