ФИЛМ+СТАВ
Од „Дон Кихот“ до „Странецот“, од Сервантес до Ками, романот е белег на новиот век.
Но, нашиот современ свет го обележува и филмот, и тој се развива паралелено со романот во 20 век, како место каде што човекот може да ги раскаже своите приказни
Пишува: Кирил Дончов
Секогаш кога влегував во една од предавалните на Факултетот за драмски уметности ме пречекуваше еден извадок од весник на кој пишуваше: ,,Режисерите ги заборавија македонските романи”, а на него имаше слика од филмот ,,Големата Вода“ на Иво Трајков, работен според истоимениот роман на Живко Чинго.
Тој наслов како пророчки да го навестува она што сакам да го кажам во овој мој обид да се поттикне вниманието кон македонската литература, кон романот кој бил инспирација за многу големи дела во историјата на филмот, воопшто. Македонската филмска сцена може само да биде збогатена со едно повторно пребарување низ аналите на современиот македонски роман, каде што нарацијата може да биде искористена за визуелно да се изрази колективната приказна.
Стенли Кјубрик, Стивен Спилберг, Френсис Форд Копола се само дел од најзвучните режисерски имиња кои своите филмови ги базирале на романи, односно новели, како што се познати во западниот свет. Вредноста што новелата ја има на Запад е незаменлива, токму како основа за било која уметност што во себе ја инкорпорира нарацијата како изразно средство за да пренесе порака.
Романот во минатиот век станува центар за раскажување приказни. Современиот човек голем дел од своите приказни, кои се многу особени за времето во кое живее, ги прелева во формата на романот кој најблиску ја долововува состојбата на нашата цивилизација. Од „Дон Кихот“ до „Странецот“, од Сервантес до Ками, романот е белег на новиот век. Но, нашиот современ свет го обележува и филмот, и тој се развива паралелено со романот во 20 век, како место каде што човекот може да ги раскаже своите приказни.
,,Волшебникот од Оз“, „Господарот на прстените“, ,,Однесенo од виорот“ се познати филмски наслови, исто колку што се и познати романи, нивната популарност и препознатливост со филмот добива уште еден печат, односно се зголемува бидејќи тие приказни полесно стигнуваат до гледачот преку начинот на консумација на овој современ визуелен медиум. Филмот го има во себе епското, што уште од најраните примери во литературата провејува низ колективното несвесно. Не е ни случајно што еден од најпознатите филмови на сите времиња го има во себе зборот Одисеја, епот на Хомер. Од дамнешни времиња, па до денес, луѓето раскажуваат приказни, но многу често тие приказни не се нови, бидејќи, како што вели Соломон, нема ништо ново под Сонцето.
Кога станува збор за нашата кинематографија, може да дадеме неколку примери кога филмот и романот нашле заеднички јазик. Како, на пример, „Црно семе“ на Кирил Ценевски, работен според романот на Ташко Георгиевски, потоа „Превртено“ на Игор Иванов-Изи, работен според романот на Венко Андоновски и веќе споменатиот ,,Големата вода”. Преку овие остварувања се забележува една нишка на придонес на прозните автори во самите сценарија на филмовите, имено, адаптацијата на нивните романи на големото платно ја зголемува интензивноста и впечатокот што романите оригинално ја имаат.
Низ македонската литература можат да се сретнат романи кои, исто така, тежнеат кон епски филмски дела, но и повторен ривајвл (возобновување) на темите што ги обработуваат. Би ги издвоил: ,,Белата Долина“ на Симон Дракул, ,,Пиреј“ на Петре М. Андреевски, ,,Пустина“ на Ѓорѓи Абаџиев. Враќањето на темите на овие романи на филмското платно би донеле дополнителна свежина во нашето гледање на македонскиот роман, но и гледање на романот како место каде што се зачнуваат филмски приказни.
Во мојата кратка листа споменав неколку навистина звучни романи, кои мислам дека имаат и голем синеастички потенцијал, односно материјал кој на специфичен начин, дали поради нелинеарното раскажување во ,,Пиреј“, дали внатрешната интроспекција во ,,Пустина“ или начинот на општествена критика во ,,Белата Долина“, би можеле на нашите режисери да им отворат нови патишта за изразување и експериментирање. А со самото тоа, и уште поголема храброст да се навлезе кон некои нови остварувања на помладите македонски автори.
Режисерите и сценаристите треба да бидат активни во читањето романи и откривањето нови приказни кај другите, како и кај себе. Не верувам дека Хичкок, Хјустон или Вајлдер, големите мајстори на филмот, некогаш престанале да бараат материјал за своите приказни во романите. Би ја охрабрил македонската филмска сцена посериозно да се зафати со читање, зашто историјата на филмот укажува на тоа дека токму преку читањето се стигнува и до гледањето, а тоа сакаме сите да го правиме, да гледаме слики кои изобилуваат со нешта што сакаат да ни ги кажат.
,,Нова Македонија“ не одговара за содржините во прилогот ,,Филм +“. Одговорноста за содржините и за изнесените ставови во текстовите е на редакцијата на ,,Филм +“, која е надворешен соработник на ,,Нова Македонија“.