На гробот на Џон Кенеди

ОД НОВИНАРСКИОТ БЕЛЕЖНИК: ЗАБЕЛЕЖАНО, НЕНАПИШАНО (2)

Во секој период од животот си посакував да ми се оствари понекоја желба, некои можеби биле фантазија, неостварливи, утопија. Подоцна ми се остварија, времето ги потврди дека се реални и остварливи.
Бев во прва година во средното економско училиште „Чеде Филиповски-Даме“ во Гостивар, во далечната 1963 година, имав само 14 години. Не само јас и мојата генерација туку и повозрасните, студентите и младите посакувавме за миг да се најдеме на почвата на Америка, во Вашингтон, да го посетиме гробот на Џон Фицџералд Кенеди, најмладиот американски претседател, 35-от по ред. Поводот беше едноставен, љубовта и почитта кон претседателот, демократ, борец за човекови права, личен, стамен, посакуван од милиони луѓе на светот.
Годините минуваат, сеќавањата за некои настани не бледеат, остануваат за вечност. Така е и со поводот за оваа необична желба – моја, но и на преостанатите млади што живеевме во тоа време.
Топол ноемвриски ден, Градскиот парк пред нашето училиште е со есенски пејзажи, времето пред почетокот на часовите го минуваме во разговори за доживувањата, за средбите, понекогаш се раѓаше и првата љубов. Потоа, расположени влегувавме во училниците, подготвени за на час. На 23 ноември 1963 година, наставникот по книговодство го започна часот невообичаено, го прочита краткото соопштение од Општинскиот комитет на Сојузот на младината на Македонија – Гостивар, ќе го парафразирам. Вчера беше убиен Џон Кенеди, американски претседател. Се возел во отворен автомобил и минувал низ градот Далас, во американската држава Тексас, врз него било пукано, два куршуми завршиле во неговото тело, неколку минути подоцна починал во болница, а неговата сопруга Жаклина, која била до него, минала без повреди. Сите вие ученици тивко да ја напуштите училницата, да се вклучите во колоната што се формира пред училиштето и да учествувате на мирниот протест низ гостиварските улици, а на крајот на Градскиот плоштад да присуствувате на големиот протест против насилството, против атентатите.

Со насолзени очи ја напуштивме училницата и ѝ се приклучивме на долгата колона. Претседателот Кенеди беше омилен кај младината и кај сите. Беше убава фигура, демократ, се залагаше за правото и правдината. Неколку месеци пред тоа, во Белата куќа го прими Јосип Броз Тито, претседател на тогашна СФРЈ, го поддржа развојот на државата и му вети економска и друга помош. Македонските печатени весници, „Нова Македонија“ и „Вечер“, како и српските весници, „Политика“, „Борба“ и „Вечерњи новости“, веднаш беа продадени. Секој сакаше да дознае нешто повеќе за атентатот врз најомилениот претседател во светот. Во домовите колективно се слушаа вестите на радиоприемниците, телевизорите ги имаше во мал број, за време на емитувањето на вестите и на специјалните емисии дворовите беа претворени во киносали.
По 20 години, ми се оствари мечта да го посетам гробот на претседателот Џон Кенеди. Туристичката агенција „Путник“ од Белград организираше двонеделна посета на САД и на Канада. Нашиот другар Борко Наумовски, одговорен на туристичката агенција во Гостивар, детално нѐ запозна со програмата и со условите на туристичката програма. Аранжаманот за 15-дневното патување чинеше 770 американски долари и плаќањето беше на десет рати. Во аранжанот беа вклучени авионски превоз Белград – Торонто и обратно, посета и прошетка со автобус низ градовите: Торонто, Отава и Монтреал во Канада, а во САД во градовите Њујорк, Њу Џерси, Вашингтон, водопадите на Нијагара и неколку помали места, прошетка со брод низ реката Сен Лоренс. Заедно со брат ми Војо и со братучедот Благоја ја прифативме понудата. Летањето со авионот на ЈАТ ни беше удобно, се спријателивме со стујардесите и деветчасовното патување ни беше интересно, постојано ни носеа пиво и мезе, ручек, а колку пива испивме не броевме. На разделбата од двете прекрасни стујардеси им се заблагодаривме на дружењето, тие беа задоволни од нашето весело и ретко друштво и ни рекоа дека сме рекордери во пиење пиво, сме испиле две гајби „туборг“, а десет шишиња испиле другите патници.
За петнаесетте дена со автобус низ Канада и Америка минавме околу 4.500 километри.

Низ градовите имаше широки булевари, автопати со по неколку ленти низ кои се движеа луксузни автомобили, „кадилаци“, „мерцедеси“, „фордови“ и други. И покрај современата патна структура, автомобилите го почитуваа ограничувањето, се движеа со максимална брзина 80 км на час, а ретко беше дозволено да се вози до 120 км на час.
Туристичкиот водич Зоран Поповиќ од Белград, многу искусен и самиот не знаеше колку години и колку пати бил водич на групи и ја реализирал нашата програма. Секогаш беше расположен за разговор, а ние, гостиварската тројка, се зближивме, постојано бевме заедно, ги дополнуваше локалние водичи, мој впечаток беше дека имаше поголемо знаење од нив, ни објаснуваше за занимливостите и спецификите на секој град што го посетивме, за убавините, како и за контрастите на Америка. „Немојте да понесете впечаток дека во Америка сѐ е розово, како што мислат некои од Југословените што не стапнале на оваа почва. Прошетките низ американските градови во ноќните часови се небезбедни, често се случуваат убиства, кражби, силувања, во некои квартови безбедноста не се гарантира и преку ден“, ни говореше Поповиќ.
При панорамското разгледување на главниот град на Америка, Вашингтон, белграѓанката Весна, локална водачка, нѐ запозна со основните карактеристики и посебности на градот. Ја имате среќата да влезете во Белата куќа и да ја разгледате. Претседателот Роналд Реган денеска во неа нема активности, на гости му е Маргарет Тачи, прва и единствена жена премиер на Велика Британија, најпозната и највлијателна жена во 20 век, позната како Челичната Леди, разговорите ќе ги води во просториите на Министерството за финансии.

Вашингтон зафаќа површина од 117 квадратни километри, изградени се многу значајни објекти и се симбол на главниот град. Покрај Белата куќа, тука се Капитолот на САД, седиште на американскиот Конгрес, обелиск висок 169 метри, изграден во чест на Џорџ Вашингтон, а за посетителите бил отворен на 15 октомври 1866 година, Националната уметничка галерија и многу други објекти.
Конечно ми се исполни желбата за која мечтаев дваесет години, дојде и овој миг. Стигнавме на паркингот пред националните гробишта „Арлингтон“. Водачката нѐ запозна дека гробиштата се изградени во спомен на американските личности од национално значење, вклучувајќи претседатели на државата, судии на Врховниот суд и безброј воени херои. Најпосетуван е гробот на претседателот Џон Кенеди. По дваесет минути пешачење низ уредената патеки, на двете страни со разновидни цвеќиња со колоритни цветови и украсни дрва, слушаме мелодични, разногласни тонови што ги создаваат безброј птици, пристигнав на местото каде што се наоѓа вечниот дом на претседателот Џон Кенеди. Очекував величествена гробница, а таа беше скромна, едноставна, како и сите гробови. Мермерна плоча на која се напишани името и презимето, годината на раѓање и на умирање, а до плочата вечен пламен. Се поклонив, ми се врати филмот од пред 20 години, кога си посакав да го посетам вечното живеалиште на големата личност, омилена во светот. За спомен се фотографирав.
На ова патешествие видовме многу, спомените и доживувањата не се забораваат. Во Њујорк, град што речиси со исто темпо живее ден и ноќ, пристигнавме околу 12 часот, се сместивме во хотелот и телефонски го побарав Тодор Черепналковски, претставник на „Технометал – Македонија“ од Скопје, мој пријател и сосед додека живееше во Гостивар. Се јави секретарката и ми рече дека господинот Черепналковски е на состанок во Њу Џерси и дека ќе му ја пренесе препораката. По 10 минути ми се јави, беше пријатно изненаден и ми рече веднаш да тргнеме по Петтата авенија и за кратко ќе пристигнеме во највисоката зграда, Емпајер стејд билдинг, има 86 ката, а претставништвото е на 33-от кат. Таа ни беше првата прошетка и соочувањето со градот во кој живеат над десет милони жители и дневно престојуваат уште неколку милиони туристи. Во холот на приземјето на зградата добив впечаток како да се наоѓам на перон на голема автобуска станица, со многу лифтови, а пред нив редица луѓе, на табла пишува на кои катови застанува лифтот. Се изненадив колку брзо се движеше лифтот, само што влеговме, за миг стигнавме на посакуваниот 33. кат. Срдечна средба, гушкања со Черепналковски, се напивме кафе и сок, нашиот домаќин ни рече да прошетаме до 17 часот, а потоа со воз да одиме на ручек во неговиот привремен дом, бидејќи сопругата Марија и двете деца се желни да имаат гости од Македонија, посебно со блиски луѓе. Куќите на нашите фамилии беа во близина и во Галичник и во Гостивар.

Во возот немаше место игла да се фрли, за нешто повеќе од половина час пристигнавме во Бејсат, место во кое живее нашиот пријател. Селото чисто, урбанизирано, сѐ е во зеленило, прекрасно место за живеење. Во Њујорк на работа доаѓаат богатите, а живеат подалеку од метечите и нечистите средини, нѐ запозна Черепналковски. На богатата трпеза немаше што нема, низ разговор, времето брзо помина. Домаќинот нѐ задржуваше да останеме на спиење. Одлучивме да одиме во хотелот. Два часа по полноќ и неколку минути повеќе, во возот овој пат имаше мал број патници.
На крајот на двонеделното патешествие имавме уште една незаборавна средба во Торонто, бевме на гости кај вујна ми Ленка Шулевска и братучетките Савица и Зорица. Нивната куќа се наоѓаше „осамена“ на голема површина, на радиус од пет километри немаше ниту една куќа. Вујко ми Ристе, брат на мајка ми Милица, прва рожба на Нестор и Стојана Шулевски, на 12-годишна возраст заминал на печалба во Каиро, таму се оженил со вујна ми Ленка, по потекло од Тетово, во брак ги добиле ќерките Савица и Зорица и во Египет останале до 1969 година, кога се преселиле да живеат во Торонто, Канада. Савица беше професорка по француски јазик и француска граматика на Универзитет во Торонто, а Зорица професорка по француски јазик во средно училиште. Еден од зетовците тогаш беше заменик-министер за градежништво, доктор по градежни науки, а другиот полиглот, зборуваше и пишуваше на дваесетина јазици. Надолго и нашироко се интересираа за фамилијата поединечно, за Македонија и мене ми понудија да останам во Торонто. Зетот ми рече дека брзо ќе ми ги среди документите и додека не се вклопам во животот, да го совладам францускиот јазик (делумно го знаев), ќе бидам на нивни трошок. Бев категоричен. Без мојот роден град Гостивар, без Галичник, моите корени по мајка ми и по татко ми, без Маврово, долината на реката Радика, Бигорскиот манастир, Македонија, не можам да живеам…