Вистинската опасност од оцрнувањето на Кина е што ги води дури и разумните Американци да веруваат дека едно отворено општество како Америка има природни предности во однос на затворениот еднопартиски систем како оној на Кина. Но кога вака ќе се претстави, Американците не можат да замислат дека би изгубиле од Кина дури и тоа ако се однесува за економијата, вели Кишор Махбубани за „Нешенел интерест“
Геополитички ривалитет меѓу САД и Кина
Оцрнувањето на Кина доби силна динамика во главната американска политика. Не поминува ден без некој висок владин претставник да не предупреди за кинеската опасност, што дури во април до Конгресот беше претставен предлог-закон за стратегиска конкуренција за 2021 година. Од целата оваа какофонија за Кина, обичниот човек би сфатил дека Америка не ја потценува кинеската закана, но се случува токму спротивното. Вистинската опасност од оцрнувањето на Кина е што ги води дури и разумните Американци да веруваат дека едно отворено општество како Америка има природни предности во однос на затворениот еднопартиски систем како оној на Кина. Но кога вака ќе се претстави, Американците во никој случај не можат да замислат дека би изгубиле од Кина. Најголемата концептуална грешка што американските политичари ја прават е што сметаат дека нивниот стратегиски конкурент е Кинеската комунистичка партија, но реалниот противник на младата американска република е всушност цивилизација стара четири илјади години.
„Запознај го твојот противник“
Најстарото правило во геополитиката вели „запознај го твојот противник“, но Америка, за жал, го игнорира, што е евидентно од изјавата на Аврил Хајнс, директорката за национално разузнавање во администрацијата на Бајден, која вели дека „Кина е предизвик по американската безбедност, просперитет и вредности“. Прво, Америка не го предизвикува американскиот просперитет. Американската економија беше главниот двигател што ѝ овозможи на кинеската економија, која беше една десетина токму од американската во 1980 година, да стане поголема од неа во 2014 година. Ако претседателот Џо Бајден му предложи на Пекинг економски договор од кој би имале корист американската економија и работници, а исто така и Кина, тогаш Кина со задоволство би го прифатила. Второ, Кина не претставува закана по американската безбедност, бидејќи не се заканува со воена инвазија или нуклеарен напад. Таа не се заканува ниту по американската воена доминација на Блискиот Исток, ниту е непријателка на американскиот одбранбен буџет. Кинеските стратези се апсолутно среќни што Америка троши многу пари за непотребни војни и што има огромен и надуен одбранбен буџет што ја ослабува конкурентската предност во образовната и истражувачката сфера. Трето, ако Кина беше закана за американските вредности, тогаш таа ќе ја извезуваше својата идеологија на САД или ќе се закануваше да ги поткопа тамошните изборни процеси. Но реално, Пекинг е заинтересиран само за плодна соработка со која било земја, без разлика дали е демократија или еднопартиски систем што всушност и Вашингтон го практикува.
Ривалството е во економијата
Реалната конкуренција сепак лежи во економијата. Целта на Кина е да го подобри животот на кинескиот народ, особено на долните 50 отсто. За да покаже еднаква конкурентност, Америка треба за половина да го намали одбранбениот буџет и парите да ги насочи во истражување и развој, потоа целосно да ја повлече војската од Блискиот Исток, да не води непотребни војни и да им стави крај на трговските спорови со Пекинг. Американските стратези треба да сфатат дека исходот од геополитичкиот натпревар меѓу Америка и Кина нема да го одредат носачите на авиони или нуклеарното оружје, туку кое општество подобро ќе се грижи за долните 50 отсто од граѓаните, во што Кина сега има голема предност. Реалниот натпревар меѓу САД и Кина ќе се води во срцето на Америка. Главниот приоритет на Бајден треба да биде искоренување на 30-годишната економска стагнација, што создаде очај кај белата работничка класа. Американската економија најдобро ќе се рестартира ако се соработува со силните и динамични светски економии, имено Кина, која има најголема средна класа во светот. Меѓутоа ова разумно решение како да не наоѓа простор во сегашната политичка сфера во Америка.
Поддршка од светот
На администрацијата на Бајден ќе ѝ треба силна политичка поддршка ако сака да ја врати рамнотежата во односите со Кина и да воспостави понормални врски без поразителни царини и санкции. Едно решение е да го побара мислењето на другите земји од светот во однос на Кина. Во ерата на Студената војна, САД ја имаа поддршката на членките на Обединетите нации против Советскиот Сојуз, но сега е сосема поразлично. Кина нема нападнато или окупирано ниту една соседна држава. Од сите големи сили, Кина е единствената што не водела војна во последните 40 години, а сепак САД ја обвинија за „агресија“ во Хонгконг, Синџијанг и во Тајван. Бидејќи американските претставуваат црно на бело дека се погрешни кинеските чекори во овие области, така и „светот“ нив не ги одобрува. Кога Американецот ја користи таа фраза, треба всушност подлабоко да размисли дека 1,5 милијарда муслимани, една милијарда хиндуси, 1,4 милијарда Африканци, 600 милиони Латиноамериканци, 500 милиони будисти или мнозинството од светот, не ги одобруваат постапките на Кина. Меѓутоа, повеќето држави во светот не ги поддржуваат американските критики кон Кина во однос на Хонгконг или Синџијанг. Ова може да се потврди во случајот со Синџијанг. Америка заедно со една група од 23 главно западни земји ја осудија Кина дека ги кршела човековите права во овој регион, односно дека го угнетува муслиманското население. Дотолку тоа беше точно, Америка или Западот ќе ја имаа поддршката на барем една муслиманска држава. Во спротивно, 54 држави изразија поддршка за Кина во однос на нејзините постапки во Синџијанг.
Реалниот проблем всушност е огромната разлика меѓу ставот на Америка во светот во однос на претходниот ривал (Советскиот Сојуз) од Студената војна и ставот во светот во однос на Кина сега. Во текот на Студената војна, повеќето држави во светот ја поддржуваа Америка против Советскиот Сојуз, но денес повеќето сакаат да останат неутрални во овој голем геополитички натпревар меѓу САД и Кина. Повеќето држави имаат добри односи со Америка, но истите тие сакаат да имаат и добри односи со Кина. Ако која било американска администрација поттикната од внатрешни политички притисоци го заостри геополитичкиот натпревар со Кина, тогаш ќе се најде релативно изолирана на меѓународната сцена.
На чија страна е Европа?
Европските држави, особено Франција и Германија, се меѓу најблиските сојузници на Америка, но се двоумат околу тоа дали да ѝ се приклучат на кампањата против Кина, иако делат дел од загриженоста на Вашингтон околу однесувањето на Кина. На крајот од денот, државите се водат според своите национални интереси. Кина сега е поголем трговски партнер на Европа отколку Америка. Лани, вкупната европска трговија со Кина изнесуваше 709 милијарди долари и 671 милијарда долари со Америка. За десет години оваа разлика значително ќе се зголеми. Еднакво важно е што реалниот долгогодишен стратегиски кошмар за Европа повеќе не се руските тенкови, туку демографската експлозија во Африка, особено тоа што вкупно африканско население ќе биде десет пати поголемо од европското до крајот на векот. Ако геополитиката се врти околу географијата, тогаш кинеските инвестиции во Африка се геополитички подарок за Европа бидејќи на тој начин ќе се намали африканската миграција во Европа, а старата поговорка вели дека на подарен коњ, забите не му се гледаат.
Европските и американските интереси исто така се разликуваат околу политиката за Иран. Токму затоа Европејците не се повлекоа од Иранскиот нуклеарен договор кога Трамп го стори тоа. Иран исто така покажува како Кина игра долгорочен шах додека САД играат дама. Зошто Кина потпиша дваесетгодишен договор за Сеопфатно стратегиско партнерство со Иран годинава во март? Еден веродостоен одговор е што Кина ѝ возврати на Америка, затоа што таа ги премина „црвените линии“ во американско-кинеските односи. Американците заборавија на речиси едновековното понижување на Кина, но не и Кинезите.
Одвојувањето на Тајван е последното наследство од овој период, па така секој кинески лидер, па дури и Си Џинпинг, ако нема цврст став во однос на Тајван, ќе биде отстранет од власта. Смешно би било доколку кој било кинески лидер нема екстремни опции во ракав, ако Америка се оддалечи од политиката „Една Кина“. Така, Пекинг ќе бара соодветна „Ахилова петица“ на САД. Улогата на американскиот долар како светска резервна валута е токму една од тие слабости. Ако доларот го загуби овој статус, тогаш и Америка ќе го загуби статусот во светот.
Сепак, како што Кина постепено јакне, така таа го прифаќа западниот поредок базиран на правила креирани според Повелбата на Обединетите нации и нивните институции.
Си Џинпинг е познат по тоа што не зборува многу, но за време на една негова посета во Мексико кога уште беше потпретседател во 2009 година изјави дека „Кина не извезува револуција, сиромаштија и глад и не предизвикува проблеми“. Повеќето земји во светот се согласуваат со него. Сè додека Кина се грижи за својот народ и не го нарушува меѓународниот поред, остатокот од светот ќе има добри односи со неа, но Америка може на крајот да биде изолираната земја во процесот на изолација на Кина.