Кампања за затворање на ФЕНИ

Кој најмногу се спротивставувал на обидите за зачленување на СФРЈ во тогашната Европска економска заедница? Како политичкиот и партиски врв на тогашната држава ја доживувал смртта на Јосип Броз-Тито и перспективите потоа?
За овие и за многу други помалку познати историски детали, прочитајте во фељтонот што е наш уреднички избор од најновата книга „И по Тито – Тито“, на првиот претседател на македонското собрание и висок функционер во неколку влади на поранешната СФРЈ, Стојан Андов. Книгата „И по Тито – Тито“ е дел од политичките мемоари на Андов што ги издава „Матица македонска“.

ФЕЉТОН: СТОЈАН АНДОВ „И ПО ТИТО – ТИТО“ (5)

Лазар Колишевски се обиде на некој начин и мене да ме вклучи меѓу ловците што ги набљудуваше одблиску. Тоа го дознав кога почнаа да ме канат и јас да одам на лов. Во таа функција да ме вклопи му се паднало на секретарот на Владата, Томе Стефовски. Тој почна да ме прашува зошто немам пушка и ме успокојуваше и охрабруваше: „Ќе ти обезбедиме сѐ што е потребно“.
– Не сакам да ловам – одговарав.
– Ако, еве, и Душко Поповски не сака да лови, ама си чита книги на ловиштето додека ние ловиме.
Книги сакам да си читам дома, а не на лов – му појаснував.
На Стефовски му објаснив дека додека бев член на СИС во Белград, а особено кога работев на проблематика со земјите во развој, некаде околу први октомври секоја година, претседателот на Југославија, Јосип Броз-Тито, организираше лов. Иако постојано бев канет, никогаш не отидов. Во 1976 година, по еден таков лов, ми пристапи тогашната членка на СИС Мара Радиќ, инаку одговорна за прашањата на борците, и ми рече дека луѓето од Кабинетот на претседателот се распрашувале кај неа зошто го избегнувам ловот што го организира претседателот Тито. Со многу внимание и избрани зборови ѝ објаснив на Мара Радиќ како го доживувам ловот. „Ловот за мене не е спорт или забава, туку непотребно и ненужно убивање животни што немаат можност да се спротивстават или да избегаат.“ Ја потсетив на еден случај, кој вели дека членот на СИС и потпретседател Гојко Убипарип убил осум диви свињи на еден лов. Било вообичаено на секој лов што го организирал претседателот на Републиката, Јосип Броз-Тито, секој од ловците да покаже што убил и да ја истакне својата ловечка вештина, а покрај редицата сложени и убиени животни, доаѓал претседателот Тито да ја види вештината на ловците и секогаш кажувал за секого понекој збор или некаква забелешка. Кога дошол до осумте убиени диви свињи, прашал: „А кој го стори ова?“

Се пријавил Гојко Убипарип, а претседателот го прашал: „Како се викате?“
Тој рекол: „Јас сум Гојко Убипарип, потпретседател на СИС.“
Тито му дофрлил: „Според ова што си го сторил, треба да не бидеш Убипарип туку Убисвиња.“
Всушност, ја укорил неговата ревност во ловот и претерувањето со суровоста. Тоа е пример дека животните се сосема немоќни пред ловците и во таква нефер ситуација не сакам да учествувам, а и инаку во животот не сум убил животно. Не сум заклал ниту кокошка, а не сакам ни да пукам. (Сегашните генерации можеби не знаат дека во времињата за кои зборувам обично се купуваа живи кокошки и се колеа дома, обично во бањата или во дворот. Потоа се попаруваа со жешка вода и се чистеа од пердувите).
„Нека си останат работите така“, ѝ реков на Мара Радиќ. Ова му го раскажав на Томе Стефовски, за да ме остават на мир. И додадов: „Тоа што Душко Поповски оди на лов, а таму само чита книги, наместо да лови, само значи дека тој бара начин како да се приклучи на екипата што ја собира Лазар. А по природа веројатно не сака да биде ловец. Инаку, книгата што ја читал додека другите ловеле, сигурно можел поспокојно да си ја прочита дома.“
Во Македонија, иако недоволно развиена и сиромашна република, имало и некои луксузни потфати. Што се однесува до ловот и ловиштата, тие во Македонија биле познати и заштитувани. Познато било ловиштето на еребици во Овче Поле, ловиштето „Јасен“ на диви свињи, а на ловиштето кај Дојран некогаш Лазар Колишевски го довел и Тито да лови. Сите тие ловишта сепак биле територија што е заштитена, каде што природно си живееле специфични видови животни и птици. За оние што се сметале дека се важни луѓе во државата, а не оделе во тие ловишта, била направена фазанерија кај Катланово. Таму вештачки се одгледувале фазани. Таму на лов оделе недоволно вештите ловци, кои инаку биле примани во дружината на Лазар Колишевски. Вистинските ловци, тие ловци на фазани потсмешливо ги нарекуваа „кокошкари“. Ете, такви некои ловци „кокошкари“ што ловеле во фазанеријата кај Катланово, од не знам какви причини, ми праќаа дома убиени фазани. Гледам, еднаш дојде еден човек и носи четири уловени фазани, па ми вели: „Ова секретарот на Владата ви го испраќа од последниот лов.“ Ги зедов да не го навредам Томе Стефовски. Човекот што ги донесе фазаните, ми кажа: „Да ги оставите да висат два дена, малку да замирисаат непријатно. Тогаш тие се кубат, инаку не може да се искубат добро“.

Фазаните им ги раздадов на пријатели. Но одново ми донесоа фазани, по недела-две, иако и првиот пат на човекот што ми ги донесе му реков дека не сакам да ми носи убиени фазани.
Ова со ловот го доживував како обид на Колишевски да ми се приближи. А имаше и уште еден случај што го толкував на истиот начин. Имено, во почетокот на 1984 година, претседателката на СИС, Милка Планинц, со која имав извонредно разбирање, закажа седница на Сојузната координативна комисија во Белград, на која, покрај членовите на СИС, учествуваа и претседателите на владите на републиките и покраините, а Љупчо Ставрев побара од мене да појдам и да учествувам во работата на седницата. Мене Ставрев многу често ме праќаше да учествувам во работата наместо него. А бидејќи овој пат се зборуваше за движењата во надворешната трговија, со мене беше и претседателот на Републичкиот комитет за економски односи со странство Сретен Акимовски.
Некаде пред завршувањето на седницата, еден од службениците во СИС ми донесе белешка на која пишуваше: „Другарот Лазар Колишевски е на Ужичка 25 во македонската вила и моли да појдете на разговор.“ И отидовме со Сретен Акимовски.
Го најдовме Колишевски како разгледува куп листови, списоци на 500 ученици од неговата генерација во Металското училиште во Крагуевац. Поминале 50 години откога го завршиле училиштето. „Еве, овие обележани со зелено што ги има седум се Љотиќевци, фашисти што нѐ гонеа нас, а овие шеесетина што се обележани со сино, отидоа во четници. Некои од нив потоа пребегаа во партизани. Сите други сме црвени, обележани со црвено. Ние од 1941 година се боревме против фашистите. Таква беше нашата генерација“, ни појасни.

Таму на лов оделе недоволно вештите ловци, кои инаку биле примани во дружината на Лазар Колишевски. Вистинските ловци, тие ловци на фазани потсмешливо ги нарекуваа „кокошкари“. Ете, такви некои ловци „кокошкари“ што ловеле во фазанеријата кај Катланово, од не знам какви причини, ми праќаа дома убиени фазани

– Браво, – му реков, – убав е тој јубилеј, тоа е многу убава работа.
Наеднаш Колишевски го сврте разговорот и ми рече:
– Ти, Стојан, нешто си молчалив. Цел народ во РМ го осуди ФЕНИ. Го осудија и твоите кавадарчани Ристо Џунов, Ацо Ицев, Ангел Чемерски, Мито Мицајков и други. Го нападнаа ФЕНИ, а само ти молчиш. Не си го нападнал ФЕНИ, еј мајката!
Јас знаев дека нашите кавадарчани јавно не го нападнале ФЕНИ, но на Колишевски не му се спротивставив, туку реков:
– Другар Лазо, сега не е време и нема потреба да се исцрпуваме со осуди со кои нема ништо да се реши на добро во проблемот со ФЕНИ. Другар Лазар, за напаѓање на ФЕНИ е лесна работа, ама нема корист од тоа што ќе го нападнам. Што има државата од тоа што многу луѓе смислата на својата активност ја најдоа во непрестајното напаѓање на ФЕНИ? Треба да бараме, особено ние во Владата, некое решение што ќе донесе пари и ќе ни ги олесни проблемите.
Тогаш Лазар Колишевски стана и го зеде снопчето листови, па го тресна од масичката. Сретен пребледе, се уплаши и стана, движејќи се неконтролирано. Јас си седнев мирно и Лазар Колишевски тогаш седна.
– Како не ти е јасно колку голема грешка е градењето на ФЕНИ?!
Му реков дека случајот со ФЕНИ многу добро ми е познат. ФЕНИ се градеше врз основа на партиски документ од 1974 година. На Конгресот што се одржа тогаш, претседател на комисијата што ја подготви Резолуцијата беше Љупчо Ставрев, сега претседател на Владата. Не само комисијата, туку целиот состав на ЦК СКМ, целиот Конгрес ја прифати таа резолуција.
Лазар Колишевски ми рече:
– Јас бев против.

(Утре: Зошто „И по Тито – Тито“?)