Претседателот Стево Пендаровски денеска во Загреб со државни и воени почести беше пречекан од хрватскиот колега, Зоран Милановиќ, со што започна неговата дводневна официјална посета на земјата.
По тет-а-тет средбата меѓу двајцата претседатели, хрватската и македонската делегација одржале пленарен состанок на кој биле потврдени пријателските односи и политичкиот дијалог меѓу двете држави, наведуваат од претседателскиот Кабинет.
– Беа разменети мислења за повеќе аспекти од билатералните односи, беше реафирмиран константниот интерес за нивно натамошно продлабочување, а покрај останатото, соговорниците разгледаа и прашања од значење за европската иднина на Република Северна Македонија и регионот на Западен Балкан – се наведува во соопштението.
За време на посетата на Пендаровски се очекува да биде реафирмирана хрватската поддршка за Македонија да ги почне пристапните преговори со Европската Унија.
Претседателот денеска ќе оствари средби и со претседателот на хрватскиот Парламент, Гордан Јандроковиќ и со хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ.
Утре Пендаровски ќе се обрати на билатерална деловна средба, со фокус на инвестиции, која се организира во соработка со Хрватската трговска комора, а на која ќе присуствува и македонска бизнис делегација.