Фудбалерите на Украина и на Англија се последните четвртфиналисти на Европското првенство (ЕП) откако денеска славеа над Шведска, односно над Германија во осминафиналните мечеви.
Украинците постигнаа гол во судиското надополнување од продолженијата преку резервистот Артем Довбик за да ја совладаат Шведска со 2-1 на „Хемпден Парк“ во Глазгов и првпат да изборат учество во четврт-финалето на ЕП. Претходно Александар Зинченко го отвори резултатот во 27-та минута, а Емил Форсберг изедначи во 43-та минута. Шведска од 98-та минута во продоженијата остана со десетмина фудбалери на теренот откако Маркус Даниелсон беше исклучен поради остар старт.
Англија, пак, беше подобра од нејзиниот голем ривал Германија со 2-0 на лондонски „Вембли“, со головите на Рахим Стерлинг во 76-та и на Хари Кејн во 86-та минута.
Токму Англија и Украина ќе се сретнат во следната рунда на 3 јули, додека останатите четвртфинални двојки се Швајцарија – Шпанија (2 јули), Белгија – Италија (2 јули) и Данска – Чешка (3 јули).