Иницијативи во пресрет на 24 јуни, Меѓународниот ден за работа од дома
Во пресрет на Меѓународниот ден за работа од дома – 24 јуни, и во контекст на наметнатите предизвици од ковид-животот и работата во изолација, сѐ почесто користен термин во јавноста е „професионален ангажман од домашни услови“.
Светот и Македонија правно ќе го регулираат работењето од дома
Во светот, соседството, но и државата веќе на големо се заговараат измени, но и носење законски регулативи, кои се однесуваат на релациите меѓу работниците и работодавците за време на пандемијата и работењето од дома. Во свој осврт на оваа тема, „Фајненшал тајмс“ пренесува дека германската влада истакнала дека сака да ги кодифицира условите за работа на луѓето што работат од дома.
– Земјата работи на закон што треба да го заштити правото за работа од дома. Со законот се предвидува ограничување на бројот на часови што работникот треба да ги работи додека е дома – пишува „Фајненшал тајмс“.
Во изјава за медиумот, германскиот министер за труд Хубертус Хајл истакнал дека државата не сака да ги сопре промените во светот на работата, туку да го претвори технолошкиот напредок во напредок за повеќе луѓе наместо само за неколку.
Според „Фајненшал тајмс“, во спроведена анкета се покажало дека 54 проценти од компаниите во Германија сакаат нивните работници да работат од своите домови и по пандемијата.
Натаму, пред три години Франција донесе Закон за „право на исклучување“, со кој на работниците им се гарантира правото да ги исклучат телефоните и компјутерите секоја вечер. Ирска моментално спроведува јавни истражувања за нови закони за работа на далечина, а Шпанија минатиот месец веќе донесе закон за право на исклучување на компјутерите при работа од дома, а сега подготвува сосема нов закон, кој ќе им даде право на работниците да имаат флексибилни работни часови и ќе ги принуди компаниите да им плаќаат за трошоците за работа од дома на работниците. Во Грција нов предлог-закон за работа од дома би ги спречувал компаниите да користат софтвер за шпионирање на вработените. Хрватскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), пак, информира дека властите во Загреб се во дилема дали да донесат сосема нов закон што би ги регулирал работните односи од дома за време на пандемијата или би се извршиле измени на постојните закони за работни односи.
Драган Јелиќ, државниот советник на премиерот за социјална политика, изјавил дека актуелното законско решение во Хрватска не е доволно добро за да ги регулира постојните работни релации за работа од дома.
– Наша цел во моментов е да изработиме нов флексибилен закон, кој ќе може потоа да го користат различните сегменти во економијата – изјавил Јелиќ.
Македонски агол на размислувањата за „работата на дистанца“
Овие настани се интересни за следење и во Македонија, бидејќи и кај нас граѓаните и фирмите се соочуваат со многубројни предизвици. Во моментов властите работат на изнаоѓање нови законски решенија за регулирање на проблематиката.
Имено, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, во телевизиско гостување на Телевизија Стар, неодамна најави дека властите креираат ново законско решение што ќе ги регулира овие процеси.
– Креираме законско решение што ќе одговори на денешното современо време, земајќи предвид дека последниот Закон за работни односи е донесен во 2004 година и оттогаш се направени голем број измени – рече Шахпаска.
Таа истакна дека нацрт-верзијата на Законот за работни односи е завршена, следува јавна расправа во работната група што работеше на подготовка на ова законско решение, а потоа и поширока дебата со цел да се слушне мислењето и на работниците и на работодавачите.
Според министерката, до крајот на годината ова законско решение треба да биде стапено во сила.
Од друга страна, универзитетските професори и синдикалците со кои се консултиравме велат дека Македонија треба да ги регулира работните односи од дома, иако сегашното законско решение донекаде во голем дел ги има неопходните услови за дејствување на компаниите и работниците во вонредни околности, како оваа наметната од пандемијата.
Економскиот аналитичар и поранешен синдикалец Ванчо Муратовски објаснува дека во нормални услови, неповрзани со пандемијата, во земјата има многу мал број лица што во суштина секојдневно работат од дома.
Според Муратовски, од тој агол, потребата за нов посебен закон е нелогична, но измените на постојниот Закон за работни односи се добредојдени ако се сработат професионално.
– Идните измени би требало да се обидат успешно да ги решат релациите колку часа одредено лице може да работи компјутерски од дома. Сегашните околности покажаа дека компаниите ги злоупотребуваат вработените од дома да работат во текот на целиот ден, односно повеќе од осум часа и притоа да не им се даде ниту пауза од 30 минути – вели Муратовски.
Тој советува дека правата на работниците во пандемијата се сериозно нарушени и се добива впечаток дека властите многу слабо ги заштитуваат работниците, кои на свој грб и преку компјутер од дома сега ја носат македонската економија.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски вели дека потребата за закон што ќе ги регулира работните односи додека работниците работат од дома е неминовна, тоа е работа што многу држави во моментов се обидуваат да ја решат во правните норми, а сличен процес се одвива и во Македонија.
Професорот вели дека е запознаен со слична иницијатива за воведување вакво законско решение во Македонија, која би можела наскоро да се најде во Собранието на разгледување и вели дека кај нас, најверојатно, нема да се донесе засебен закон за работа од дома, туку ќе се извршат потребните измени на постојниот Закон за работни односи.
– Јас верувам дека ако се спроведат измените на постојното законско решение, за кои има одредени најави во нашето општество дека можеби би можело да се спроведат за дваесетина дена, ќе се воведат поголема контрола и државен надзор врз сите обврски на работодавците врз работниците и обратно додека најголемиот дел од нас работиме од дома – резимира Давитковски.