ИАКО ПАНДЕМИЈАТА КАКО ДА СТИВНУВА
Преполовениот број патници во патниот, железничкиот и во воздушниот сообраќај и ограничувачките мерки на превозниците им донесоа големи загуби, поради што тие веќе побараа Владата да ги укине ограничувањата за искористеноста на капацитетите
Граѓаните и понатаму тешко се одлучуваат да го користат јавниот превоз, особено на подолгите, меѓуградски и меѓудржавни релации. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на патниците во патниот, железничкиот и во воздушниот сообраќај во првиот квартал оваа година е далеку зад бројките што биле регистрирани пред почетокот на пандемијата.
Превозниците укажуваат дека веќе цела година одвај опстојуваат поради драстичниот пад на бројот на патниците, што делумно се должи и на рестриктивните мерки, но и на намалениот интерес од граѓаните, особено во периодот кога имаше високи бројки на новозаразени со ковид-19. Како што објаснуваат, поради обврската да возат со 75 отсто пополнетост на капацитетите, а кои претходно беа 50 проценти, трошоците значително им се зголемени.
– Не се чувствува зголемување на бројот на патниците, освен оние што секојдневно патуваат поради своите потреби. Превозниците беа обврзани да возат со 75 отсто од капацитетот на превозното средство, претходно и со половина од капацитетите, но трошоците за одржување на линиите и понатаму им се исти, поради што укажуваат дека одвај ги покриваат. Се надеваме дека во втората половина на јуни, со завршување на учебната година ќе има раздвижување, дополнително што и состојбата со вирусот е веќе подобра. Но како ќе биде не би можеле да прогнозираме. Мора да потенцирам дека бројот на патниците не е ниту приближно до она што беше пред пандемијата – вели Душко Јовановски, раководител на Меѓуградска автобуската станица во Скопје.
Тој информира и дека превозниците веќе побарале да можат да ги користат целосно капацитетите на своите превозни средства.
Превозниците укажуваат и дека трошоците за превоз на една линија се исти, дури и малку зголемени во однос на тие што ги имаа пред почетокот на пандемијата поради растот на цените на бензинот, а и понатаму имаат исти трошоци и за патарини, и други давачки кон државата, додека од друга страна бројот на патниците им е преполовен.
– Со намалувањето на бројот на патниците кај превозниците поради пандемијата и одредбите да се користи ограничен дел од капацитетите на превозниците, загубите кај превозниците се зголемија. Ова особено се почувствува во периодот кога имаше голем број заболени граѓани и кога луѓето избегнуваа да се возат во јавен превоз поради страв да не се заразат. Но со зголемување на капацитетите на 75 проценти, делумно состојбите се подобрија за превозниците, дополнително што сега има зголемен интерес од патниците, па дури и за викендите се случува некои од нив да не бидат превезени поради рестриктивните мерки и да го чекаат следниот превозник. Но добро е што има интерес од граѓаните, а ние веќе побаравме од Владата да се тргнат ограничувањата на искористеноста на капацитетите на превозниците, па се надеваме дека наскоро ќе се укине оваа забрана и ќе можат превозниците да работат рентабилно со целосно искористување на своите капацитети – вели Јован Матеничарски, претседател на здружението на превозници на патници „Транспорт Легис“.
Тој објаснува дека благодарение на поддршката за исплата на платите, и покрај големите загуби, компаниите успеале да опстојат и дека за следниот период доколку се вратат патниците не очекува да има затворање фирми.
– Во текот на изминатиов период добивавме разни субвенции од Владата. За поголем дел од фирмите тоа беше поддршка за исплата на плати, зависно од бројот на вработени, а со новиот сет мерки се планира помош и за меѓународните превозници. Добро е што имавме помош од државата барем за исплатата на платите кон работниците, и засега немам информации дека некоја од членките планира затворање на компанијата, со оглед на тоа што опстоија досега сметам дека во следниот период не би требало да се затвораат фирмите на превозниците, особено што сега веќе има и раздвижување и раст на бројот на патниците – потенцира Матеничарски.
Инаку, статистиките покажале дека во патниот превоз во првиот квартал од годинава биле превезени 580 илјади патници, што е половина од бројот на превезени патници истиот период во 2020 година, кога биле превезени 1.215.000 патници. Намалување на бројот на патниците има и кај градскиот и приградскиот превоз, каде што во првите три месеци биле превезени 8.578.000 патници, додека истиот период во 2020 година превозот го користеле 15.277.000 лица. Со железница годинава биле превезени 59.000 граѓани, додека во 2020 година биле превезени 93 илјади патници. Со воздушниот превоз во првиот квартал оваа година биле опфатени 154.709 патници, додека во првиот квартал минатата година на тој начин патувале 429.869 лица.
Превезени патници во патниот градски и приградски превоз
Прв квартал 2019 18.330 (илјади)
Втор квартал 2019 18.570 (илјади)
Трет квартал 2019 15.949 (илјади)
Четврт квартал 2019 19.191 (илјади)
Прв квартал 2020 15.277 (илјади)
Втор квартал 2020 6.746 (илјади)
Трет квартал 2020 9.186 (илјади)
Четврт квартал 2020 9.312 (илјади)
Прв квартал 2021 8.578 (илјади)
Извор: Државен завод за статистика