ВМРО-ДПМНЕ ги почитува стратешките интереси на стратешките партнери, но тоа не значи дека немаме право да ги почитуваме и да се бориме за нашите македонски национални интереси. Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва во Хераклеа, Битола, пред членовите на Унијата на млади сили на партијата.
– Кога станува збор за бранењето на стратешки интереси – кој може подобро да ги брани или застапува, јас кој едно пенкало во својот живот не сум позајмил или Заев аболиран политичар кој украде цела држава? Јас кој што се школував овде и во центри во Европа, или Заев кој во тоа време создаваше клановска крими империја во Струмица и продава во Русија? Јас, кој работам според чест, принципи и вредности или Заев кому свитканата кичма, лажењето и тапкањето по рамо му е секојдневие. Се знае кој е тука изборот – рече Мицкоски.
Во таа насока, Мицкоски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата која го потпиша договорот за Стратешко партнерство со САД, која донесе визна либерализација и доби договор за стабилизација и асоцијација.
Ја обвини власта дека преку ограничување на слободата и диктирањето на тези создава лажен амбиент во кој бранењето на националите интереси треба да биде нешто што е погрешно. Според Мицкоски, ваквите стереотипи на оцрнувања и лаги и лажни вести власта ги прави за да ја деградира нивната борба, а на тој начин да го заштити сопствениот криминал.
Првиот човек на опозицијата нагласи дека интересот е да се зачува државата, а преговорите со ЕУ треба да почнат веднаш без дополнителни услови, анекси и документи.
Мицкоски упати низа обвинувања за актуелната власт, коментирајќи дека ниту една голема афера нема правна разрешница, состојбите во екомијата се катаклизмични, дизелот е поскапен, се увезува загаден мазут и се сечат дрвјата. Според него, излезот е во победа на обединет опозициски блок, којшто ќе ги штити државните интереси и ќе се бори за економски прогрес.