Владата усвои Уредба за начинот и критериумите со кои ќе доделува субвенции на авиокомпании за евтини авиолинии, како и Програма за определување финансии за таа намена за периодот од 2019 до 2021 година. Со тоа и официјално почна постапката за претстојното објавување нов повик за субвенции за авиокомпании кои ќе оперираат од скопскиот и охридскиот аеродром.
Со новиот јавен повик, согласно со усвоената Уредба се предвидени измени во условите што треба да ги исполнат авиокомпаниите што ќе достават понуди, информира денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Авиокомпаниите ќе имаат обврска до 10 јануари следната година да воспостават база од најмалку еден авион на скопскиот или охридскиот аеродром за периодот за кој се доделува финансиската поддршка, а на кој аеродром сам ќе одлучи.
Со претходниот јавен повик, што минатиот месец беше поништен поради административни пречки на единствената понуда од авиокомпанијата „Виз Ер“ беше предвидено задолжително воспоставување на една база на скопскиот и една база на охридскиот аеродром. Условите за новиот повик предвидуваат најдоцна до 10 јануари следната година авиопревозникот да започне со оперирање на најмалку две нови дестинации од аеродромот во Скопје и да ги опслужува за периодот за кој се доделува финансиската поддршка. Воедно треба авиокомпанијата што сака да добие субвенции треба да започне и со оперирање на најмалку четири нови дестинации од охридскиот аеродром, од кои првите две да ги воспостави до 10 јануари следната година, а останатите две во рок од една година по склучувањето на договорот. На секоја нова дестинација што ќе ја воведе авиопревозникот од аеродромот во Охрид претходните две години не требало да има редовна авиолинија.
Потенцијалниот корисник на субвенциите е обврзан и доколку има постојни дестинации да ги опслужува и нив најмалку двапати неделно по која било од ИАТА-сезоните по однапред определен лет на летање за периодот за кој се доделува финансиската поддршка, а доколку ги зголеми фреквенциите за нив ќе добива субвенции.
Сугарески најави дека по објавување на Уредбата и Програмата во „Службен весник“ ќе биде формирана Комисија за спроведување постапка за доделување финансиска поддршка која ќе биде објавена нов јавен повик во домашни и странски медиуми и на веб-страницата на ресорното Министерство во најбрз можен рок.
– Целата постапка за доделување на финансиската поддршка ќе се врши јавно, фер и транспарентно – рече Сугарески, повикувајќи ги сите заинтересирани авиокомпании да се пријават на повикот и изразувајќи уверување дека ќе се избере авиопревозник кој ќе достави најдобра понуда и ќе ги исполнува критериумите.
Сугарески во коментар на неговото очекување за повеќе авиокомпании на претстојниот повик, рече дека во изминатиот период имал сериозни средби со претставници на многу авиокомпании и оти дополнително ќе информираат за усвоената Уредба и Програма. Такви средби ќе нема во периодот на траењето на јавниот повик, посочи Сугарески.
Со субвенции од државата во изминатите шест години од македонските аеродроми оперира „Виз Ер“ и за таа намена има добиено 9,5 милиони евра.