Од Прилеп сакам да му порачам на Зоран Заев и на луѓето околу него, да не си играат со идентитетот на македонскиот народ и нација, да не прифатат договор каде што ќе потпишат ниту една реченица која што ќе е двосмилена, еднонасочна или ќе задира во идентитетот на македонскиот народ. Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да почитува таков договор. Ова е порака и до бугарските власти, изјави Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, на новинарско прашање за состојбите со преговорите со ЕУ по средбата со стопанствениците од Регионалната стопанска комора.

Тие бараат подобрување на економската клима во земјата, која е тешка. Според Мицкоски, таквиот договор, ВМРО-ДПМНЕ еднострано ќе го напушти без разлика на политичките реперкусии.

– Без оглед на реперкусиите кон ВМРО-ДПМНЕ и кон мене лично, немаме намера да остапиме од националните интереси. Доволни се понижувањата на овој народ и на граѓаните. Уште во јуни потребен е датум и апелирам до европските политичари тоа што го ветија да го исполнат – рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе коалицира со Левица, тој истакна дека ќе коалицираат со сите политички партии кои се подготвени да работат заедно со нив, да ја поразат оваа лоша власт, меѓу кои и со спомнатата партија. Мицкоски најави дека за Прилеп ќе понудат кандидат со кој ќе победат на локалните избори.

– Од овие тешки четири години за Прилеп, ќе следуваат добри години. ВМРО-ДПМНЕ со програмата што ќе ја изработи, а ќе биде одлична, ќе победи. Нашиот кандидат ќе почне да работи веднаш. Идниот градски татко тоа што ќе го вети ќе го исполни – истакна Мицкоски при денешната посета во Прилеп.

Ка.М.