Виенскиот економски институт излезе со оптимистички процени дека државите од регионот би можеле да профитираат од трендот на враќање на производството од Азија, но општото економско заздравување на регионот зависи од многу внатрешни и надворешни фактори. Според прогнозите, во прашање се директни инвестиции во висина од повеќе милијарди евра
По завршувањето на пандемијата
По завршувањето на пандемијата, пред Западен Балкан се јавуваат нови можности за економски развој, но нивното остварување ќе зависи од политиките што ќе се применат од владите и компаниите од Западна Европа. Заживувањето на националните економии во регионот е во директна зависност од влијанието на заедничкиот европски пазар, кој е и најголема извозна дестинација за фирмите од Балканот.
Меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ постои длабока економска поврзаност. Лани, 68 отсто од трговијата на регионот биле остварени со ЕУ, а од европската заедница потекнуваат повеќе од 60 отсто од директните странски инвестиции за Западен Балкан.
Виенскиот економски институт излезе со оптимистички процени дека државите од регионот би можеле да профитираат од трендот на враќање на производството од Азија. Искористувањето на новите глобални процеси на светскиот инвестициски пазар на Балканот ќе му донесе директни инвестиции од повеќе милијарди евра. Но за да се постигне ова, земјите од регионот мора да вложуваат во образовниот систем и изградба на транспортна инфраструктура.
– Наспроти протекционистичките тенденции во светската трговија од минатата деценија има процес на враќање на производството од Азија во близината на старите индустриски земји. Овој процес може да се забрза по пандемијата – изјави Бранимир Јовановиќ, економист од Виенскиот институт, кој е коавтор на студијата што е изработена во соработка со стопанските комори во регионот, а финансирана од Министерството за економска соработка и развој на Германија.
Доколку мал дел од испитаните германски претпријатија направи промени во синџирот на испораки и во производството, тоа ќе донесе значителни директни инвестиции во земјите од регионот.
Германските компании во перидот од 2010 до 2019 година инвестирале 2,3 милијарди евра во Западен Балкан. Овој податок покажува дека постои голем простор и кај другите западноевропски инвеститори, како што се Холандија, Швајцарија и Австрија – објаснува Јовановиќ.
Студијата на Виенскиот економски институт им препорачува на земјите од Западен Балкан да ги решат старите проблеми, како што е политичката нестабилност, и да го сменат инвестициското опкружување.
– Помалите трошоци за плати и ниските даноци повеќе не играат одлучувачка улога. Странските инвеститори бараат, пред сѐ, добра и квалификувана работна сила и инфраструктура – вели Јовановиќ.
Очекувано е по корона-кризата да продолжи ризикот од финансиска нестабилност во еврозоната, предупредија од Европската централна банка. Во анализата на банката се истакнува дека владите се соочуваат со задача да најдат деликатна рамнотежа помеѓу предвременото приспособување на мерките за поддршка, што може да предизвика бран на банкроти на компании. ЕЦБ предвидува дека профитабилноста на финансиските институции во еврозоната ќе остане релативно слаба Се смета дека со предолгото спроведување на мерките за поддршка ќе се одржуваат неодржливи компании.
Оливер Вархеи, европскиот комесар за проширување, во обраќањето на Виенскиот економски форум изјави дека со профункционирање на заедничкиот регионален пазар врз основа на стандардите на ЕУ, ќе се отворат големи можности за регионален развој. Ова ќе го забрза и процесот на интеграција на регионот во Европската Унија.
– Станува збор за важни мерки, кои ќе ги олеснат трговијата, слободното движење на граѓаните, стоките, услугите, меѓусебното признавање на сертификатите, дипломите… Сето тоа придонесува за зголемување на атрактивноста на регионот за инвеститорите – изјави Вархеи.
За побрзо надминување на кризата, Унијата усвои инвестициски план за економско заздравување на Западен Балкан, преку инвестирање во сообраќајната инфраструктура, за да се забрза прометот низ европскиот сообраќаен коридор.
– Сакаме да ги поврземе сите главни градови во регионот. Нашата порака е јасна, а тоа е да им се понудат најдобри услови за големи инвестиции, а пред сѐ преку трансфер на знаење кога ќе дојде до реализирање на овие проекти. Ова е најдобар начин нашите партнери од регионот да не завршат со лоши заеми, како што е случајот со Црна Гора – изјави Вархеи.