Во рамките на американските и европските аналитички центри, како влијателни креатори на политиките во западниот свет, и на страниците на стручните геополитички публикации, сѐ позачестено се презентира идејата за нов глобален мировен поредок што би го зазел местото на актуелниот одумирачки поредок, создаден по двете светски војни… САД, Европската Унија, Јапонија, Индија, Кина и Русија се државите што заедно остваруваат 70 отсто од глобалниот БДП и светската воена потрошувачка и, иако со низа заемно спротивставени погледи, тие и тесно соработуваат, делејќи го светот на прецизни сфери на интерес

 

Поинаков светски поредок на местото на актуелниот што беше создаден по двете светски војни

Паралелно со жестокиот дипломатски и воен притисок врз Русија и Кина, американските и европските стратези тајно договараат своевидна распределба на влијанието на глобално ниво. Во основа, тие одат на стариот трик од Студената војна, познат како „ублажување на напнатоста“, „деескалација на конфликтите“ или едноставно како „детант“, кој во тогашно време, со „ладење“ на противникот и истовремено упорно одржување на трката за вооружување и воени активности во светот, им овозможи дефинитивна победа во Студената војна. Во рамките на американските и европските аналитички центри и нивните публикации, сѐ позачестено се презентира идејата за нов глобален мировен поредок што би го зазел местото на актуелниот одумирачки поредок, создаден по двете светски војни. Ова го потврдува во својата анализа и аналитичарот Марио Стефанов во „Геополитика“.

Новиот поредок со партнерство на најголемите светски сили

Новиот поредок би се базирал на партнерство меѓу најзначајните светски сили -САД, ЕУ, Јапонија, Индија, Русија и Кина – кои заедно остваруваат околу 70 отсто од светскиот БДП и глобалната воена потрошувачка. Овие сили во договор би ги решавале сите меѓународни проблеми, дејствувајќи паралелно со ОН, кои одамна почнаа да го губат своето влијание во меѓународните односи, особено во сферата на спречување меѓународни конфликти и војни меѓу регионални сили, кои со децении се одвиваат во светот. Ваквото глобално сојузништво на сили би се креирало по примерот на Европскиот концерн на сили, создаден по конечниот пораз на Наполеон и познатиот Виенски конгрес во 1815 година. За време на конгресот беше промовирано неформалното партнерство меѓу победничките сили, кои, врз база на урамнотежени односи на моќ, речиси половина век ги одржуваа европскиот мировен поредок и стабилноста на континентална Европа. Партнерството на силите што фактички владееја со Европа по Виенскиот конгрес, во историјата остана познато како „Европски концерн“. Европскиот концерн, кој се состоеше од Велика Британија, Франција, Русија, Прусија и Австрија, формиран во 1815 година, изгради мировен поредок усогласен со идеолошките разноликости меѓу силите што беа негови творци. Заснован, наместо на формално сојузништво или потпишани договори, примарно на неформално партнерство, редовна комуникација и мирно, спогодбено решавање на меѓународните спорови, Европскиот концерн успеваше да обезбеди мир во Европа сѐ до избувнувањето на војната помеѓу Франција и Прусија (1870 – 1871). По оваа војна и обединувањето на Германија, канцеларот Ото фон Бизмарк, користејќи дипломатија и создавајќи мрежни сојузи, упорно се обидуваше и понатаму да го одржува европскиот мировен поредок, а со тоа и многубројните германски придобивки, остварени по победата над Франција.

Практично, Европскиот концерн остана „во живот“ и го одржуваше мирот на европскиот континент сѐ до почетокот на Првата светска војна. Европскиот концерн спречи меѓусебни конфликти меѓу тогашните најголеми европски сили, но истовремено предизвика и потиснување на влијанието на помалите европски народи, ги спречи нивната национална еманципација и создавањето нивни сопствени национални држави. Европските империи што беа во составот на Европскиот концерн цврсто ги држеа во свои раце континенталната политика и распределбата на моќ и влијание, борејќи се притоа за нови колонии во светот. Европскиот концерн се распадна со избувнувањето на Првата светска војна, кога сите долго потиснувани конфликти на европските сили се прелеаја во голема воена пресметка. По завршувањето на војната, малите европски народи го искористија распадот на воено и финансиски исцрпените империи што ги управуваа и конечно успеаја да формираат сопствени национални држави. Цел век по распадот на Европскиот концерн, на геополитичкиот хоризонт повторно се појавува идеја за партнерство на најмоќните, како темел на мировниот поредок. Според мислењата на геополитичките аналитичари што го заговараат, новиот европски концерн овој пат едноставно би бил издигнат на глобално ниво. А таков, како глобално заедништво на најголемите сили, тој би требало да го создаде и новиот глобален мировен поредок. И самата појава на идеи од ваков тип сведочи дека светот навистина се наоѓа во опасен период, кога тековниот мировен поредок губи на сила, а новиот сѐ уште не е создаден.

Што значи „Новиот концерн на сили“?

Во воведниот дел од студијата, објавена на 23 март годинава во „Форин аферс“, насловена „Новиот концерн на сили“, авторите Ричард Хаас и Чарлс Купчан укажуваат на тоа дека постојниот глобален мировен поредок под водство на САД полека изумира и дека, за да се спречи катастрофата што може да се случи, постои потреба од изградба на нов систем за решавање на меѓународните проблеми. Авторите пишуваат: „Постојниот меѓународен систем се наоѓа пред историска пресвртница. Со оглед на тоа дека економскиот подем на Азија продолжува, двата века доминација на западниот свет – најпрвин за време на Пакс Британика (периодот на британска поморска и меѓународна доминација, од битката на Ватерло во 1815 година, па до почетокот на Првата светска војна), а потоа во времето на Пакс Американа – полека се ближат кон својот крај. Запад ја губи не само материјалната туку и идеолошката надмоќ. Низ светот, демократијата станува плен на неолиберализмот и популистичките идеологии, додека сѐ посилната Кина, потпомогната од кавгаџиски настроената Русија, се обидува да го оспори авторитетот на Западот и демократскиот пристап кон внатрешното и меѓународното управување. Американскиот претседател Џо Бајден е посветен на обновата на американската демократија, враќање на американското лидерство во светот и совладување на пандемијата, која предизвика погубни човечки и економски последици.
Но задачата пред Бајден не е нималку лесна. Агресивниот популизам и нелибералната политика непречено растат на двете страни од Атлантикот. Згора на тоа, дури и ако западните демократии ја надвладеат поларизацијата во сопствените редови, извојуваат победа над нелиберализмот и успеат економски да заздрават, сепак нема да можат да го спречат надоаѓањето на мултиполарниот и идеолошки разновидниот нов свет.“

Понатаму, авторите наведуваат: „Несомнено е дека целиот 21 век ќе биде обележен со политичка и идеолошка хетерогеност на меѓународната заедница. Со оглед на моќта на популистичките бунтувања што го погодија Западот, логично е да предвидиме дека либералните демократии ќе може да ги ‘преживеат’. Меѓутоа, истото тоа може да се каже и за нелибералните режими. Москва и Пекинг – со засилување на притисокот – успеваат да обезбедат стабилност во сопствените земји. На Блискиот Исток и Африка тешко може да пронајдете стабилна демократија. Всушност, во целиот свет демократијата се повлекува наместо да се развива, а таквиот тренд би можел да продолжи и во иднина. Токму поради тоа, ефикасниот нов меѓународен поредок ќе мора да обезбеди простор за идеолошка разноликост. Формулата за концерн на силите ги има неопходните неформалност и флексибилност за оваа задача, затоа што прави јасна поделба меѓу внатрешното државно управување и заедничкото дејствување на меѓународната сцена. Во 19 век ваквиот пристап кон моќта обезбеди заедничко дејствување во рамките на Европскиот концерн, каде што водечките либерални сили Велика Британија и Франција функционираа во склад со авторитарните монархии Русија, Австрија и Прусија, кои беа цврсто решени на секаков можен начин да ги бранат своите апсолутни монархии.“
Во продолжение на обемната анализа, со поднаслов „Како да се спречи катастрофата и да се воспостави стабилност во мултиполарниот свет“, без никакви идеолошки и политички заобиколувања, авторите ги опишуваат сегашната состојба на меѓународниот поредок, опаѓањето на моќта на САД и Западот, како и сите опасности што со себе ги носи изумирањето на еден ваков меѓународен поредок и вакуумот што притоа настанува. Во таа смисла, тие истакнуваат: „Историјата јасно покажува дека ваквите периоди на бурни промени секогаш се исполнети со големи опасности. Борбите меѓу светските моќници за позиција во меѓународната хиерархија, како и оние за идеолошка надмоќ, редовно резултираат со големи војни. За да се спречи ваков исход, неопходно е разбрано да се признае дека западно предводениот либерален поредок (настанат по Втората светска војна) не е во можност да обезбеди глобална стабилност во овој 21 век.“

Пакс Американа наспроти новиот глобален концерн

Хаас и Купчан одговорно тврдат: „Пакс Американа ја губи својата сила. САД и нивните традиционални демократски партнери немаат способност, а ни желба, повторно да воспостават стабилен меѓународен систем и либералниот поредок, кој го воведоа по Втората светска војна, да го подигнат на едно универзално ниво. Само како пример – во текот на кризата со пандемијата на ковид-19, недостигот од американско лидерство беше зачудувачки. Претседателот Бајден ги враќа САД на меѓународната сцена, но акутните внатрешни проблеми и порастот на мултиплуралноста ќе го лишат Вашингтон од неговото некогашно влијание.“ Авторите нудат решение, кое го нарекуваат глобален договор на водечките светски сили: „Како што покажа историјата, системот на Европскиот концерн од 19 век, кој ги опфаќаше Велика Британија, Франција, Русија, Прусија и Австрија, како група од тогашните најмоќни држави, може да го контролира геополитичкото и идеолошкото натпреварување, кое е производ на мултиполарноста, која, пак, движејќи се по незапирливата спирала на ескалација води до големи воени судири.“ Според нив, единствено решение е да се „преслика“ концептот на Европскиот концерн на сили од 19 век – кој повеќе или помалку го одржуваше европскиот мир од 1815 година до Првата светска војна – на денешното глобално ниво. Според визијата за новиот глобален концерн, вклучените сили – Кина, ЕУ, Русија, Индија, Јапонија и САД – идентично како и силите на некогашниот Европски концерн, би имале потполно ист статус, без оглед на нивното внатрешно уредување и степенот на демократија во нивните политички системи. Вклучувањето во новото здружување би било одредено од нивната моќ и влијание, а не од идеолошките вредности што ги поддржуваат или од природата на нивните политички уредувања. Членките на концернот би имале постојано седиште, во кое би дејствувале константни претставници од највисок дипломатски ранг. Тука би се избегнувале формализирани правила и проблемите би се решавале со дијалог, преку кој би се доаѓало до можен консензус по одредени прашања. Идентично како и некогашниот Европски концерн, новиот би го поддржувал територијалниот интегритет на вклучените сили, но во однос на другите држави би се фаворизирал територијален статус кво, со цел да се спречат потенцијалните конфликти меѓу регионалните сили.
По правило, употребата на воени сили во меѓународните односи би била исклучена, но доколку глобалниот концерн на сили би постигнал согласност, би била дозволена примена на присилни средства (вклучувајќи и воена сила) за промена на постојни граници или рушење на одделни режими. Кратко кажано, доколку глобалниот концерн би донел консензуална одлука за присилно рушење на власта во некоја држава, на пример Сирија или Белорусија (што, објективно гледано, е малку веројатно, но не и неверојатно, зашто државите се водат исклучиво според сопствените геоекономски и геополитички интереси),употребата на разни форми на воена сила би била целосно овозможена. Советодавна улога, но без право на одлука, би имале регионалните меѓународни организации, како што се Арапската лига, АСЕАН или ОАС.
Авторите на студијата Ричард Хаас и Чарлс Купчан имаат големо влијание во американскиот надворешнополитички естаблишмент, па оттука, нивниот заклучок дека светот неоспорно се движи кон мултиполарна структура има своја тежина, која е невозможно да биде занемарена. Идејата за концерн на силите може да се отфрли како нереална, но нивните оцени за падот на американското и западното влијание и веројатноста за мултиполарен свет секако остануваат. Ричард Хаас е претседател на влијателниот аналитички центар „Совет за надворешни односи“, кој има неоспорно влијание врз креирањето на американската надворешна политика во изминативе децении. Во периодот 2001-2003, Хаас беше директор за политичко планирање во Стејт департментот и специјален пратеник за Северна Ирска на претседателот Џорџ В. Буш, како и координатор на политиката кон Авганистан. Од друга страна, Чарлс Купчан, професор по меѓународни односи на универзитетот „Џорџтаун“, беше угледен член на Советот за национална безбедност за време на мандатите на Бил Клинтон и Барак Обама

Новиот глобален концерн: За некого привилегии за некого стапица?

Новиот концепт на глобален концерн или владеење на најмоќните светски сили врз основа на партнерство во рамките на надворешнополитичкиот естаблишмент се појави паралелно со објавата на нови геополитички анализи, кои се насочени кон потребата за јакнење на американскиот либерален интервенционизам во светот. Оттука, идеите за мировен поредок на глобално ниво, по примерот на некогашниот Европски концерн на сили, не се ништо друго освен стапица за противничките сили Русија и Кина, но и за сите мали народи, кои, во новата договорена распределба на моќта, доколку навистина би била остварена, никој веќе не би ги прашувал за ништо. Ситуацијата во која би се нашле државите што не се вклучени во глобалниот концерн би била многу полоша од актуелната. На пример, во рамките на Европската Унија, која како целина би требало да биде дел од овој концерн, малите народи несомнено би биле исклучени од процесот на носење одлуки во забрзаната централизација на ЕУ, а сето тоа заради потребата од поголема оперативност и консензуален настап на Унијата во рамките на глобалниот концерн на сили. Логично е да се очекува дека во тој случај, сите интереси на послабите членки ќе бидат потиснувани во многу поголем степен одошто денес. Се разбира, формирањето на глобалниот концерн на сили е насочено и кон понатамошно потиснување на улогата на ОН, во кои противничките сили Кина и Русија, како постојани членки на Советот за безбедност, имаат право на вето врз одлуките на САД и нивните сојузници. Целта е да се избегне тоа право на вето и во основа докрај да се преобликува меѓународниот поредок што настапи по Втората светска војна, затоа што тој, со исклучително брзото јакнење на Кина како глобална сила со право на вето, се претвори во тешко премостлива пречка за интересите на САД и Европа.

Глобалниот концерн на сили за ЕУ ќе донесе многу повеќе предности, од кои најзначајна е таа што Унијата во овој нов поредок ќе се стекне со вистински и формален статус на глобална сила.Од друга страна, конкурентските сили Кина и Русија би биле вовлечени во лажно партнерство според моделот на Студената војна, додека борбата за нивно уништување како конкуренти и за истиснување од светските нивоа на моќ би продолжила со сета жестина. Затоа и не е ништо необично што во истите тие аналитички центри- како вистински креатори на американската и сојузничката политика – се пласираат студии за договорна дистрибуција на глобална моќ меѓу, од една страна Западот, а од друга Кина и Русија, како и анализи што упатуваат на потребата од продолжена борба за превласт на либералниот поредок на глобално ниво, секако, под водство на САД.
Овде во суштина се работи за две страни на една иста паричка, односно за две лица на една иста политика на либерален интервенционизам, која има за цел да ја одржи Пакс Американа, т.е. американската глобална надмоќ. Во секој случај, појавата на геополитички опсервации од страна на влијателни американски аналитички авторитети околу потребата од нова светска распределба на моќта меѓу големите сили, сведочи дека крајот на биполарната поделба на светот и „здивениот“ неолиберален економски концепт целосно го уништија мировниот поредок што беше создаден по Втората светска војна и дека светот во овој момент се наоѓа во еден хаотичен вакуум. Таквите констелации во историјата секогаш навестувале само една можност – онаа за оружен судир од големи размери, заклучува Марио Стефанов.