Во „Мадрес паралелас“ се прикажува женскиот универзум, мајчинството, семејството. Зборува за важноста на предците и потомците, како и за неизбежното присуство на меморијата
Шпанскиот режисер Педро Алмодовар е познат по својот ексцентричен стил и префинет хумор, кој не може да го разбере секој. Публиката или го сака или не го сака. Со своите филмски достигнувања тој се обиде да ја разбуди Шпанија, која спиеше и беше заглавена во диктатурата на Франк, и да го скрши калапот во кој го стави шпанскиот диктатор. Се обиде да ја оживее шпанската културна сцена по фашистичкото владеење.
Неговата најнова работа е наедно и прв обид да сними филм на англиски јазик. Мини-филмот „Човечкиот глас“, во кој главната и единствена улога ја имаше Тилда Свинтон, наиде на ентузијазам кај публиката низ светот. Неговиот нов проект е филмот „Мадрес паралелас“, кој почна да се снима на средината на март. Како и досега, централни ликови во филмот се две жени. Секој што ја следи неговата работа знае дека мотивот што постојано се провлекува низ темите на неговите филмови е мајчинството. Актерската екипа на филмот „Мадрес паралелас“ е позната. Педро Алмодовар повторно избра една од своите вечни музи, Пенелопе Круз, за главна актерка. Заплетот ќе се фокусира на приказната за две жени што родиле истиот ден. Заедно со Пенелопе, на големото платно ќе се појави и актерката Аитана Санчез, како и дваесет и четиригодишната Милена Смит. Во споредни улоги ќе се појават Џулиета Серано и Роси де Палма.
Педро Алмодовар изјави дека долго време се борел да се ослободи од ова сценарио. Среде пандемијата и во текот на неколку месеци поминати во заклучување, тој не успеа да се фокусира и да го заврши. Заплетот на филмот ја следи приказната за две мајки што се породиле на ист ден. Ги следи нивните животи паралелно во текот на првите две години по породувањето. Во „Мадрес паралелас“ се прикажува женскиот универзум, мајчинството, семејството. Зборува за важноста на предците и потомците и за неизбежното присуство на меморијата.
– Во мојата кинематографија има многу мајки, но оние што се дел од оваа приказна се многу различни. Како наратор, во овој момент од мојот живот, најмногу сум инспириран од несовршени мајки. Филмот ќе биде интензивна драма. Или барем се надевам – рече Алмодовар.