Нема „дополнително оштетување на ДНК“ кај децата чии родители биле изложени на зрачење по нуклеарната експлозија во Чернобил, пред тие деца да бидат зачнати, покажува истражувањето објавено во списанието „Сајенс“.
Тоа е првата студија за проучување на гените на децата чии родители се занимавале со расчистување по нуклеарната катастрофа што се случи на 26 април 1986 година, објави Би-би-си. Сите испитаници се родени по несреќата, во периодот од 1987 до 2002 година, а биле испитани нивните геноми. Научниците не откриле никакви мутации што се поврзани со изложување на нивните родители на последиците од нуклеарната несреќа.
Професорката Гери Томас од колеџот „Империјал“ во Лондон поминала неколку децении проучувајќи ја биологијата на ракот, особено туморите поврзани со оштетување од зрачење. Таа објаснува дека ова е прва нова студија што покажува дека дури и кога луѓето се изложени на релативно високи дози на зрачење во споредба со заднинско зрачење, тоа нема никакво влијание врз нивните идни деца. Новата студија ја водела професорката Мередит Јегер од Американскиот национален институт за рак (НЦИ) во Мериленд. Таа била насочена кон децата на работниците испратени да ја расчистат високозагадената област околу нуклеарната централа и кон децата на евакуираните, од сега напуштениот град Припјат и другите населени места на оддалеченост од 70 километри од централата.
Еден од водачите на истражувањето, д-р Стивен Чанок, исто така од НЦИ, објаснил дека научниот тим вклучил цели семејства, така што научниците можеле да споредат ДНК на мајката, таткото и децата.
– Ние тука не проучивме што се случило со децата што биле (во матката) за време на несреќата – проучивме нешто што се нарекува мутација де ново – вели Чанок.
Тоа се нови мутации во ДНК, кои се случуваат случајно во јајце-клетката или клетката на спермата. Во зависност од тоа каде се појавува мутација во гените на бебето, тоа може да нема никаков ефект или може да предизвика болест.
– Има 50-100 вакви мутации во секоја генерација и тие се случајни. На некој начин, тие се градежни блокови на еволуцијата. Ова е начинот на кој се воведуваат нови промени во популацијата со раѓање на една индивидуа. Проучувавме геноми на мајки и татковци, а потоа и на деца. И за дополнителни девет месеци, следевме дали некој сигнал ќе се појави во голем број на овие мутации поврзани со изложеност на родителите на зрачење. Не најдовме ништо – објаснува д-р Чанок.
Според научниците, тоа значи дека влијанието на зрачењето врз телото на родителот нема никакво влијание врз децата што ги зачнуваат во иднина.
– Многу луѓе се плашеа да имаат деца по атомските бомби (во Нагасаки и во Хирошима). Исто така и луѓето по несреќата во Фукушима се плашеа да имаат деца затоа што мислеа дека нивното дете ќе биде под влијание на зрачењето на кое беа изложени. Тоа е толку тажно. Ако можеме да покажеме дека тоа нема ефект, се надеваме дека ќе ги ублажиме стравувањата – вели професорката Томасво изјава за „Би-би-си њус“.
Томас не учествувала во истражувањето на геномите, но нејзиниот тим го спровел вториот дел од истражувањето за врската помеѓу ракот и Чернобил.
Тие проучувале рак на тироидната жлезда затоа што е познато дека нуклеарната катастрофа предизвикала околу 5.000 случаи на тој карцином, од кои повеќето биле третирани и излекувани. Властите за време на несреќата не спречиле продажба на контаминирано млеко во областа и многу деца го пиеле примајќи големи дози радиоактивен јод.
– Откривме дека нема разлика помеѓу ракот на тироидната жлезда предизвикана од Чернобил и другите карциноми на тироидната жлезда. Затоа, нема „демонски“ рак од Чернобил што не можеме да го излекуваме, тој се третира како и сите други случаи – вели Томас.