Вртипоп
Ме сака, –
не ме сака…
Ме сака, –
не ме сака.
Да, – не…
Уште две:
Ме сака,
И уште едно:
не ме сака…
На дланката
на Нена
остана голо
стебленцето
на цветот.
Збунето го гледа,
го превртува,
миг еден или два,
и, потем,
решително:
Е, не се
давам јас!
Зарем цветот
ќе ми ја открие
тајната на светот,
за моите мечти!
Цветот ми вели:
Не ме љуби…
А знам
Мирче само ме гледа
штом ќе го „фатам“
здивот го губи…
На часот
постојано
до мене седи.
По часови
секојдневно
кришум ме следи.
Пред мојата зграда
се вртка,
се шетка…
На час по математика
ми помага,
ми шепка…
Па што е тоа
ако љубов не е?!
Пресувани цвеќиња
и тивки шепотења:
„Ме љуби – не ме љуби“
чуваат само нашите баби
симпатични, стари,
во нивните пожолтени,
мирисливи споменари….
Кога првата љубов одминува
Кога првата
ученичка љубов
како снегулка бела
ќе одлета од нас
и скриените погледи
и мечтите
кога со детството наше
ќе замине се
како нем сведок
на некоја клупа
врежани остануваат
имиња две.
„Миле и Весна“,
и нежен трепет
на ѕвездено јато.
Далечни спомени
ми буди оваа пролет
за една стара
заборавена песна.
Кој ли сега збунет седи
на клупата стара?
Кој ли сега вцрвенето
поглед нечиј бара…?
(Од книгата „Љубовта во седмо – три“)