Фото: Маја Јаневска-Илиева

Хегемонистичките чекори во низа на политиките на официјална Софија се чини дека навистина ја поминаа секоја граница со најновиот обид да ги побугари дури и убиените Евреи од Македонија за време на Втората светска војна, иако клучен сојузник на нацистите во тоа време беше токму Бугарија. Петицијата за промена на историските информации поврзани со жртвите на македонските Евреи во логорот Треблинка во Полска е последната крајно апсурдна епизода на бугарската политика кон Македонија, која се темели на негација и преиначување на историските факти. Историчарите и здруженијата на Евреите изразуваат згрозеност од најновите потези на официјална Софија

И споменот на жртвите на македонските Евреи станува проблем за Бугарија

 

Таблата со имињата на жртвите на македонските Евреи во концентрациониот логор Треблинка во Полска е најновата цел на бугарските политики за ретуширање и извртување на историските факти.
На прв поглед, крајно ирационално и апсурдно, но Бугарија го проблематизира дури и споменот на жртвите на македонските Евреи во Треблинка и повторно се обидува да ја извртува историјата.

Користејќи ја својата позиција во ЕУ, Софија се обидува да се претстави како жртва на фашизмот и да биде изземена од фактот дека Бугарија за време на Втората светска војна беше составен ден од силите на злото или силите на Оската. Во тој контекст и во рамките на севкупните политики на тамошната влада се обидува да го негира македонскиот народ, да ја смени неговата историја, наметнувајќи промена на историските читанки, како и да ги негира постоењето на македонскиот јазик и култура. Најновото по кое посега сега Софија е дури и таблата пред озлогласениот логор Треблинка во Полска.
Имено, неодамна новинскиот портал „Софија-глоуб“ информира дека во соседна Бугарија е почната петиција за корекции во „погрешните“ историски наводи во спомен-обележјата на логорот Треблинка во Полска поврзани со холокаустот и со жртвите на македонските Евреи сторени од страна на фашистите, чии сојузници беа Бугарите.
Порталот информира дека бугарската јавност инсистира да се промени натписот на камен-обележјата каде што е испишано дека Евреите од Македонија, но и оние од поранешна Југославија го изгубиле животот во концентрациониот логор. Медиумот информира дека петицијата има цел да се промени натписот информирајќи дека станува збор за бугарски Евреи од тогашните граници на државата, кои биле депортирани од администрацијата на земјата по претходен договор со нацистичка Германија.

Според порталот, дополнително петицијата има цел да докаже и дека името на Бугарија едноставно не припаѓа да биде испишано во негативен контекст во концентрациониот логор во Треблинка.
„Софија-глоуб“ информира дека засега оваа петиција не ја поддржало ниту едно од неколкуте здруженија на Евреите во Бугарија и потсетува дека токму поради голем број историски прашања во моментов се замрзнати релациите на Софија со властите во Скопје.
Во меѓувреме, историчарите со кои се консултиравме, но и преставници на Еврејската заедница, велат дека се згрозени од најновата етапа на Бугарија за промена на историјата. Тие додаваат дека главната државна политика на соседот дејствува на тој начин што по секоја цена се обидуваат да ги избришат историските факти, па дури и оние што се поврзани со холокаустот на македонските Евреи.
Историчарот и поранешен директор на Институтот за национална историја, професор Тодор Чепреганов вели дека настаните во Треблинка се само уште една нова етапа во бугарските обиди за „силување на историјата и историските факти“.
– Овие настани зад кои стојат државните центри во Бугарија, не ме зачудуваат. Тие имаат своја агенда и се обидуваат на секое поле и на секој можен начин да ја истуркаат. Нивната главна цел е да се докаже непостоење на македонската нација, јазик и култура – вели професорот.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според Чепреганов, агендата на Бугарија не ја туркаат историчарите туку политичарите, кои сега на секаков можен начин, користејќи ја Европската Унија, се обидуваат да ја покажат нивната „вистина“ на историјата.
– Конкретно за Треблинка, неоспорен историски факт е дека таму се убиени и ликвидирани илјадници македонски Евреи. До 2008 година пред логорот беше испишано на камени обелисци дека тоа се еврејски жртви од Бугарија. Но во соработка со полската држава, која исто така е членка на ЕУ, се постави македонско обележје за нашите жртви однесени таму од бугарските фашисти. Нашето обележје е поставено веднаш до грчкото и до другите од Балканот што имале од фашистите големи човечки загуби во овој логор. Но сега очигледно тоа ѝ пречи на Бугарија и таа се обидува да докаже дека не постојат македонски Евреи, дека тоа се бугарски и дека тие не биле фашисти туку биле само администрација врз Македонија, која ги слушала администраторите Германците во нивните политики. Во актуелните примери поврзани со преговорите за историјата што се водат сега меѓу двете држави и овој последниот со Треблинка има само една тенденција што му е јасна секому. Проблематично е само што Европската Унија не го прекинува овој процес туку таа практично и го поддржува – вели Чепреганов.
Тој верува дека оваа најнова епизода на менување на историјата нема да ѝ успее на Бугарија, бидејќи не ја поддржуваат видните интелектуалци во соседството и во нивната земја.

– Дополнително, во Бугарија постојат историчари што, за среќа, не подлегнуваат на политичките притисоци и тие имаат објективен поглед врз настаните, кој не се совпаѓа со негирањето на нашата нација и на фашистичкото минато на Бугарија. Во тој контекст, можеби треба да се знае и фактот дека дури и еврејските здруженија во Бугарија го делат истиот став со нас поврзан со македонските жртви на холокаустот во Треблинка – резимира професорот.
Виктор Мизрахи, претставникот на Еврејската заедница во Македонија, е згрозен од оваа бугарска петиција, поврзана со обидите да се избришат жртвите на македонските Евреи и тие да му се прикажат на светот дека се бугарски.
– Од поранешната Југославија, Евреите се депортирани од сите фашистички сили најчесто во Аушвиц, а за македонските тоа бил злогласниот логор Треблинка во Полска. На таа локација, 7.144 македонски Евреи се злосторнички ликвидирани, а за сето тоа сведочи меморијалниот камен што е поставен таму со дозвола и согласност на полската држава – вели Мизрахи.

Според него, главната поента на овој настан, меѓу мноштвото други од Бугарија, е обидот да ѝ се покаже на Европската Унија дека Софија нема фашистичко минато.
– Проблемот е поголем ако се знае дека Евреите од Бугарија го делат заклучокот за овој чин со Евреите од Македонија, но, за жал, нашите власти не реагираат соодветно на овие случувања. Дополнително е проблематично што соседна Бугарија кај себе има процес со кој се рехабилитирани сите фашисти и колаборатори и на тој начин се обидуваат себеси да се оттргнат од историските факти и случувања. Тоа на пример не е случајот со Германија, која отворено ја признава историјата и не се ни обидува да ги менува историските факти користејќи ја својата денешна политичка позиција во ЕУ – вели Мизрахи.

[email protected]