Веста дека САД ги повлекуваат своите трупи од Авганистан беше пречекана со разочарување од жените кои студираат во земјата. Тие стравуваат дека со враќањето на талибанците, образованието ќе претрпи катастрофален удар и затоа се трудат да научат што повеќе на нивните последни часови, пред талибанците повторно да завладејат, пренесува „Гардијан“.
– Ни претстојат ужасни денови. Со враќањето на талибанците, нема да смеам да излегувам, камо ли да студирам. Имам само една желба, а тоа е да ги завршам студиите и да работам – вели Басире Хејдари, студентка на универзитетот во Херат.
Авганистанците стравуваат од нови судири помеѓу националната влада и талибанците, кои беа протерани благодарение на интервенцијата на САД пред две децении.
Според статистичките податоци на ООН, насилството на талибанците против цивили, особено против деца и жени, се зголеми во текот на изминатата година. Враќањето на исламистичкото владеење може да значи и враќање на забраната за образование на жените.
– Сакам светот да знае дека талибанците мамат, тие не се променети. Тие користат технологија, но ги имаат истите ставови како и пред 20 години. Ќе го изгубиме образованието. Таква е нивната природа – вели Салма Ехрари, студентка по економија.
Активистката Басирех Сафа Тери која отворила женско училиште по инвазијата предводена од САД, рече дека девојките во нејзиното училиште почнале да учат понапорно во последните денови.
– Девојките доаѓаат во мојата канцеларија и прашуваат „ќе можеме да продолжиме да доаѓаме на училиште“ и „дали талибанците навистина се враќаат“. Тие се чувствуваат како да се во последните денови од нивното студирање. Многу студентки доаѓаат да ме известат дека ќе продолжат со образованието само уште неколку недели или неколку месеци, и сакаат да научат што повеќе – објаснува таа.