Потребата за примена на знаковниот јазик на глувонемите лица станува сѐ поголема. Во земјава има околу шест илјади глуви и наглуви лица, додека бројката на сертифицирани толкувачи е само 34 во цела Македонија, што е премалку за да им се излезе во пресрет на сите засегнати. Во секојдневниот живот овие лица постојано се судираат со проблем да се информираат и да бидат информирани, како купувачи во продажните центри и во аптеките, како клиенти во банките и во институциите, па дури и како пациенти во ковид-центрите. Токму во пресрет на нивните потреби за информирање секогаш зад министерот за здравство Венко Филипче на секоја прес-конференција се и толкувачите на знаковниот јазик, за да можат и глувите и наглувите лица да разберат за состојбите во земјава, за мерките, за вакцините и за сѐ што ќе биде кажано. Освен прес-конференциите, на знаковен јазик се пренесуваат и дел од телевизиските програми, едукативни, информативни и сл. Од Националниот сојуз на глуви и наглуви лица велат дека законот укажува на тоа дека секаде каде што ќе појде глуво или наглуво лице во институциите треба да има толкувач на знаковниот јазик, но не секој го почитува тоа, па оттаму се одложуваат и состаноци, а тие велат дека соработуваат со 17 здруженија на глуви и наглуви лица, па нивните секретари, кои задолжително го знаат знаковниот јазик, често излегуваат во пресрет за решавање на ваквите ситуации. Додаваат дека потребата од употреба на знаковниот јазик е многу поголема отколку што општеството ја овозможува. Досега на пример и покрај двојазичноста, во досегашниве 34 толкувачи на знаковниот јазик нема ниту еден за говорен албански.
– Од 2009 година откога е донесен Законот за користењето на знаковниот јазик, бројката од само 34 сертифицирани толкувачи во Македонија е мала, со оглед на многу поголемата потреба од нив. Поголема концентрација на толкувачи имаме во Скопје, но и во поголемите градови во земјава, Прилеп, Битола… На сите оние на кои им се потребни толкувачи на знаковен јазик во кол-центарот секојдневно имаат на располагање по двајца од 8 до 18 часот.
Сево ова функционира преку видеоврска, на пример глувонемото лице со мобилниот телефон на Месинџер бара толкувач, кој говорно ќе му објасни на фармацевтот во аптеката во која се наоѓа, што му треба, какви лекови и слично. Но личното присуство на толкувачот кога се во прашање прецизни работи е многу подобро, а во кол-центарот овие лица се јавуваат за разни потреби. Идејата за отворање на еден ваков кол-центар дојде од високоразвиените земји, бидејќи многу е важно овие лица да бидат што посамостојни. Потребата од употреба на знаковниот јазик е многу поголема отколку што општеството ја овозможува – објаснува Лиза Велковска, генерална секретарка во Националниот сојуз за глуви и наглуви лица, каде што се спроведуваат и обуки на толкувачи на знаковниот јазик во два циклуса. Јазикот е сертифициран откако ќе се поминат шестте нивоа.
Интересот на кандидатите за изучување на знаковниот јазик се зголемил особено во екот на пандемијава, а на обуките што се транспарентни се јавуваат помлади луѓе.
– Многу е битен знаковниот јазик во секојдневниот живот на глувите лица, особено во ситуации што можат живот да значат. Има болни од ковид-19, кои не можат да разберат каква терапија им е дадена и што треба да прават, кога нешто лекарите треба да им кажат, а тие да ги прашаат. Има семејства каде што сите се целосно глуви и не секој има паметен телефон и интернет во одреден момент да се поврзе со кол-центарот за да побара помош од толкувач. За овие лица многу е важно да не добијат погрешни информации и не само во здравството од знаковен јазик имаат потреба и во банка кога сакаат да подигнат кредит, да ги разберат условите и слично – додава Велковска.
Целосно глувите и наглуви лица имаат потреба од знаковниот јазик и кога имаат потреба од некакви услуги во институциите, кои законски се должни на овие лица да им обезбедат толкувачи.
– Политика на оваа влада заедно со владиното Национално координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, а особено со настапувањето на пандемијата на ковид-19, вонредната состојба и забраните за движење во март 2020 година, се појави интерес кај глувите лица во земјава за да има знаковни толкувачи на сите прес-конференции што беа секојдневни, а наедно степенот на информираноста индиректно влијаеше на здравјето, животот и безбедноста на оваа популација. За таа цел, канцеларијата на премиерот ангажира лиценцирани толкувачи на знаковен јазик, кои се веќе постојан дел од системот за организирање прес-конференции. Владиното Национално координативно тело во соработка со надлежните ресорни министерства, а во соработка со Сојузот на слепи и Здружението на знаковни толкувачи, планира иницијатива за измени и дополнување на Законот за употреба на знаковниот јазик, каде што ќе се уредат условите, местото и начините на употреба на истиот тој во органите на државната и јавна управа – велат од Владата, додавајќи дека наедно имплементацијата на знаковното толкување е препорака од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
Глувонемите лица имаат проблеми и во секојдневниот живот, на пример кога пазарат во продавниците, бидејќи и тие се дел од потрошувачкото општество.
– Во продажната мрежа глувонемите лица наидуваат на проблем кога не можат да искомуницираат на нивниот знаковен јазик, но досега никој кај нас не се пожалил за тоа. Политика е на самите продавници или продажни центри дали ќе обучат или ќе вработат лице што ќе комуницира на знаковен јазик и колку тоа би можело да го зголеми профитот – вели Мартина Грнчаревска од Организацијата на потрошувачи на Македонија.