Белград – Владејачката централнодесничарска партија ГЕРБ во Бугарија го зголеми водството пред опозициските социјалисти пред парламентарните избори на 4 април, покажуваат две анкети. Анкетите покажуваат дека помеѓу 28,1 и 28,6 проценти од Бугарите што планираат да гласаат, в недела ќе ја поддржат партијата ГЕРБ, предводена од трикратниот премиер Бојко Борисов, додека од 19,8 до 21,8 процент би го поддржале неговиот клучен ривал, бугарската Социјалистичка партија. („Локално“)

Белград – Претседателот на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, изјави дека ќе започне разговори со политичките партии „дури и без претставници на Европскиот парламент“.
– Не можеме да чекаме да ни донесат решение на послужавник – рече Дачиќ, наведувајќи дека неколку партии сакаат да им ги дадат своите предлози директно на владините претставници. Претставниците на Европскиот парламент (ЕП) бараат два месеца за, како што изјавиле, подготвителната фаза за почнување со меѓупартискиот дијалог за изборната регулатива. (РТС)

Загреб – Во првите пет дена од оваа недела, бројот на новозаболени лица во Хрватска се зголемил за 41,2 процент во споредба со истиот период минатата година, изјави директорот на Хрватскиот институт за јавно здравје, Крунослав Цапак.
Тој изјавил дека Хрватска е на 13-то место на листата на земји од ЕУ според растот на бројот на новозаболени и на 18-то место според смртност од последиците на коронавирусот. („Индекс“)


Бисер балкански

Милошевиќ, Ѓинѓиќ, Прле и Тихи

– Ова наше општество е распнато и рането, ние направивме серија за Милошевиќ и неговото семејство. Таа е снимена во оваа земја и се емитува на националната телевизија. До пред две години немаше филм за Черчил, во Хрватска никој не се осмелува да направи серија за настаните од блиското минато и за улогата на Фрањо Туѓман. Кај нас е направено тоа. Кога го играте Ѓинѓиќ, мене или Милошевиќ, цел живот ќе бидете Прле и Тихи – изјави Чедомир Јовановиќ, претседател на Либерално демократската партија во Србија, за телевизиската серија „Семејство“, која говори за апсењето на Слободан Милошевиќ, поранешниот претседател на Сојузна Република Југославија и Србија.
Јовановиќ објасни дека му е тешко да ја гледа серијата и дека успеал да изгледа 20 минути од втората епизода. За тоа со што Милошевиќ ја задолжил Србија, Јовановиќ одговара дека тоа е начинот на кој исчекори од политичкиот живот и замина во централниот затвор, а потоа и пред Хашкиот трибунал.
– Милошевиќ не дозволи да има крвопролевање – вели Јовановиќ.