Сите случаи со барања за државјанство може да се решат во рамките на постојниот Закон за државјанство. Нема потреба од измени на Законот, особено не со такви небулозни предлози за стекнување државјанство со тројца сведоци, како за некаква купопродажба. Државјанството е политичка и правна врска меѓу индивидуата и државата, вели професорот по управно право Борче Давитковски
Предлогот за измени на Законот за државјанство на Алијансата за Албанците и Алтернатива создава дополнителни предизвици во политичкиот амбиент на Македонија, како на политички така и на правен план. Покрај тоа што овој закон е ставен во контекст на блокирањето на сите законски решенија што чекаат усвојување во Собранието, од партиите што стојат зад предлогот најавија и блокада на измените на Законот за попис, за кој постои политички договор за одложување во септември.Содржинската контроверзност на предлогот за измени главно се сведува на идејата правото на државјанство да се докажува и стекнува со тројца сведоци.
Премиерот Зоран Заев очекува во текот на неделава да се најде решение за измените и дополнувањата на Законот за државјанство. Тој изјави дека многу од дилемите поврзани со измените на Законот се решени, а деталите треба да бидат разработени од министерствата за внатрешни работи и за правда.
– Нашата земја со интервенција во Законот за државјанство во 2004 година, во преодните одредби, дава една можност со која граѓаните што се наши апатриди и немаат друго државјанство да го добијат тоа. Тоа е завршено и мислам дека се работи за околу 5.000 граѓани. Сега, според Алијансата на Албанците и Алтернатива, има околу 1.500 граѓани без државјанство. Но, според евиденцијата на Управата за водење на матичните книги, се работи за 750 граѓани. Верувам дека не може да бидат повеќе од 1.500 до 2.000. Да се работи и само за еден човек, ние треба да ја завршиме работата – изнесе одредени бројки поврзани со ова прашање премиерот Заев.
Кога станува збор за бројките на лицата без државјанство во Македонија, со кои се оперира цело време додека е актуелна темата, тие се секогаш симптоматично различни. Според неодамнешниот извештај на Стејт департментот за состојбата со човековите права , во Македонија има граѓани што немаат државјанство иако исполнуваат еден или повеќе критериуми за тоа.
Во извештајот се вели дека, според владината статистика, УНХЦР и невладините организации, на крајот на август лани имало 563 лица без државјанство. Но опозициските партии на Албанците во одредени периоди тврдеа дека на 70.000 Албанци во државата неоправдано им е ускратено македонското државјанство. Исто така, во извештајот на Стејт департментот се вели дека во земјата нема механизам за откривање на оние без државјанство и за нивна заштита.
– МВР сигурно има податоци колку барања за државјанство се во процедура, колку се одобрени, дали и колку се одбиени. И веќе, во ваква ситуација, кога се манипулира со бројки, треба да излезе јавно со тие податоци и да објасни зошто некој не добил државјанство. Притоа, сите случаи со барања за државјанство може да се решат во рамките на постојниот Закон за државјанство. Нема потреба од измени на Законот, особено не со такви небулозни предлози за стекнување државјанство со тројца сведоци, како за некаква купопродажба. Државјанството е политичка и правна врска меѓу индивидуата и државата. Државјанството е конститутивен акт со кој граѓанинот добива права и обврски спрема државата, односно добива граѓански статус. Право на државата е да дозволи или да не дозволи, по утврдување на (не) исполнувањето на одредени критериуми што ги пропишала, дали на одредено лице ќе му додели државјанство. Стандардите во правилата за стекнување државјанство се идентично регулирани во сите држави. И актуелниот закон за државјанство е во рамките на европските стандарди. Сите европски механизми за добивање државјанство се ставени во сегашниот закон, а предлозите за измени се директно спротивни на меѓународните стандарди. Веќе е иритирачка практиката со политички условувања да се бара измена на закони, оценети позитивно од релевантни меѓународни институции – вели универзитетскиот професор по управно право Борче Давитковски.
Уште кога првично беше доставен во Собранието (на средината од декември минатата година), предлогот за измени на Законот за државјанство на пратениците од Алијансата за Албанците и Алтернатива, предизвика лавина реакции на јавноста. Најконтроверзен беше токму делот со тројцата сведоци.
– Со денот на стапување во сила на овој закон, лицата државјани на другите републики во поранешната СФРЈ и државјани на поранешна СФРЈ што до 8 септември 1991 година живееле на територијата на Република Македонија може да поднесат барање за да се стекнат со државјанство по сила на овој закон, со дадена изјава од тројца сведоци, кои ќе сведочат дека подносителот за добивање државјанство живеел на територијата на Република Македонија до 8 септември 1991 година, или со дадена изјава од сведок што во тој период бил жител или сѐ уште е жител во местото во кое живеело лицето – се наведува во една од одредбите на предлогот за измени на Законот за државјанство.
– Ако се знае колку и кои се лицата без македонско државјанство, зошто се потребни сведоци за докажување на нивниот законски престој во одредениот период? Тогаш решението за нивниот статус може да се најде според постојниот Закон за државјанство. Ако се усвојат предлозите за измени на Законот се отвора можноста сите косовски граѓани, без исполнување на стандардните критериумите за стекнување државјанство, со тројца сведоци да станат македонски државјани. Во предлогот се вели дека измените се однесуваат на лица од поранешните републики од СФРЈ, но тоа веќе е уредено со закон од 1992 година, кој беше уште двапати менуван за да им се олеснат условите за стекнување македонско државјанство и продолжувани роковите за поднесување барање. Според законот од 1992-та, требаше да се докаже законски престој во Македонија од 15 години (лична карта) или од 1978 година. Но потоа тој рок беше скратен на осум години…
Во случај да се земе првично одредениот рок за престој, односно од 1978-та, ако за 43 години некој не си го регулирал државјанството, тогаш би требало да се применат критериумите по основа за натурализација. Но се укажува дека предложените измени на Законот за државјанство не се наменети за тие што се во Македонија, туку за придојдени или за некои што и воопшто не живееле тука. Со ваквите измени се остава отворен простор за манипулација со државјанствата во интерес на зголемување на процентот на одредено малцинство – вели Тодор Петров, претседател на Светскиот македонски конгрес.