Владите низ Стариот Континент, слично како и минатата година пред велигденските празници, во отсуство на масовна имунизација, повторно се пред тежок предизвик за спречување и намалување на заразата со ковид-19. Едни земји се одлучија на строги рестрикции и полициски час, а други презедоа непопуларни одлуки, како што е затворањето на училиштата, баровите и салите за вежбање, но резултатите од нив изостануваат
Затворени училишта, ресторани и продавници, полициски час. Задолжителни маски на јавни места, но и потврда за вакцина и негативен тест за влез во одредена земја. Ова се некои од мерките што десетици европски земји повторно ги ставаат во сила поради страв дека луѓето ќе се групираат за најголемиот католички празник Велигден, додека Стариот Континент чека посериозно да почне вакцинацијата. Иако мерките за заштита и превенција се некаде национални, некаде локални, а некаде локални и национални, тие глобално не се разликуваат во споредба со минатите затворања на европското тло, кои беа во сила повеќепати досега во измината година. Овој пат, како што јавуваат западните медиуми, интересно е што мерките често се менуваат од ден на ден во споредба со минатите рестрикции, а многумина се приспособуваат на локалната состојба, па затоа е тешко да се следи целата ситуација на европско тло.
Германија и Словенија во целосен карантин
Имено, како што пренесува германски „Дојче веле“, Германија и Словенија практично одат во нов целосен карантин непосредно пред Велигден. Во Германија поради големиот пораст на бројот на новоинфицирани, многу водечки германски политичари неделава повикаа на вонреден состанок на федералните и покраинските влади за воведување построги мерки за Велигден.
– Бројките растат со голема брзина и треба да зборуваме за сериозен карантин за време на Велигден – рече премиерот на Баден-Виртемберг, Винфрид Кречман. Карл Лаутербах, портпарол на владејачката Социјалдемократска партија (СДП), повика на итен кризен состанок меѓу федералните и покраинските влади за да одговори на ненадејниот пораст на новозаболените лица. Слично како во Берлин, и Љубљана пред празникот се затвора целосно. Словенечката влада ја прифати препораката на епидемиолозите да се воведат построги антиепидемиски мерки, односно единаесетдневен карантин, кој ќе биде во сила од 1 до 11 април, поради зголемениот број новоинфицирани лица во земјата.
Во Холандија построги антикорона-мерки на видик
И покрај целосниот карантин, во Холандија бројот на инфицирани речиси не се менува, земјата е тешко погодена. Училиштата и продавниците остануваат затворени најмалку уште три недели по празникот. Заострените мерки се воведени во средината на декември, иако има гласни повици за отворање барем на основните училишта. Во земјата полицискиот час е сè уште во сила.
Франција со нови засилени контроли
Слично како другите земји, и Франција е погодена од третиот бран на пандемијата, а државата се наоѓа во епидемиски критична состојба, при што таа дополнително го ограничи движењето. Властите во земјата соопштија дека третиот бран не престанува да расте, ставајќи ја Франција во критична состојба. Владата неделава ги засилува контролите на аеродромите и наплатните пунктови на автопатиштата, за да ги следат мерките за ограничување на сообраќајот. Мерките, кои веќе се применуваат во 16 од 101 департман, вклучувајќи ги и Париз и Парискиот Регион, беа проширени уште на три департмани во петокот на полноќ. Во овие зони движењето е ограничено на 10 километри од домот, а од дома не треба да се излегува без „валидна причина“. Во остатокот на Франција, полицискиот час е во сила од 19 до 6 часот наутро. Баровите, рестораните и културните места се затворени низ целата земја.
Италија и Шпанија поделени на зони
Во меѓувреме, Италија, откако ланилето доживеа тежок удар од пандемијата на коронавирусот и со месеци беше во карантин, земјата цела зима ја мина со построги мерки. Сепак, во зависност од регионалната погоденост од инфекцијата, властите применуваа различни мерки, делејќи ги деловите во земјата во региони од црвена, жолта и зелена зона. Според италијанските медиуми, во зависност од епидемиолошката слика и степенот на вакцинација, секој регион има различни мерки, кои ќе бидат во сила и за претстојниот Велигден.
Во Шпанија засега во сила е полициски час, кој ќе трае најдоцна до мај. На луѓето пред велигденските празници исто така им е дозволено да излегуваат само поради работа, образование и пазарење, односно во случаи кога треба да обезбедат помош за стари лица и деца.