Актерките Хелен Мирен и Сузан Акбелге се авторките на годинашните пораки за Светскиот ден на театарот – 27 март
Веќе по традиција, Македонскиот центар на Интернационалниот театарски институт, ИТИ – УНЕСКО, го одбележува Светскиот ден на театарот – 27 март, со објавување интернационална и македонска порака, чии автори се познати театарски имиња. Годинава интернационалната порака ја упати британската актерка Хелен Мирен, a македонската, актерката Сузан Акбелге од Турскиот театар во Скопје.
– Ова време е многу тешко за изведувачките уметности; тешко е за многуте уметници, техничари и занаетчии; за жените што се борат за своето место во оваа професија, која бездруго е обележена со несигурност. Можеби оваа постојано присутна несигурност, ги направи театарџиите поспособни да ја преживеат оваа пандемија со мудрост и храброст. Нивната имагинација како самата да се преведува и пренесува, во овие нови околности, во овие инвентивни, забавни и трогателни начини на комуникација, благодарејќи на насоките што интернетот претежно ни ги наметнува. Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа. Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчарите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме. Едвај чекам! – порачува Хелен Мирен, сценска, филмска и ТВ-актерка, чија порака на македонски јазик ја преведе Иванка Апостолова Баскар, раководителка и програмска продуцентка на Македонскиот центар на ИТИ – УНЕСКО.
– Деновиве додека чувствуваме дека отсекаде нѐ демне невидливиот тиранин, водени од палката на неговиот ритам, тој што нѐ присили да се прибереме не само во своите домови туку пред сѐ во себеси… првпат по долго време какофонија… (пауза)… монолог. Толку тивок, а толку гласен, толку слободен, а заробен. Кризите секогаш се шанса за преобразба. Какви суштински промени ќе донесат последиците од пандемијата сѐ уште не знаеме, но она што со сигурност го знаеме е дека светот во кој човечката жед за консумирање го достигна врвот, наспроти битисувањето и креирањето, човечката рамнодушност кон сѐ околу него, општествената матрица што на сила втурнува политички чиновници што уништуваат институции и цели генерации луѓе… актери, е неодржлив и дека промените се неминовни и нужни, како на општествено така и на социјално, економско, човечко и културолошко ниво. Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативност, истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина. Денеска на Светскиот ден на театарот, во време на голема криза кога во изобилство го имаме само времето…
Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме. На крајот, ве поздравувам со зборовите на бардот на македонската драма, Горан Стефановски: „Ќе зборуваме или ќе работиме?“ – напиша меѓу другото Сузан Акбелге во пораката за годинашниот Светски ден на театарот.
Хелен Мирен е една од најпознатите актерки со меѓународна кариера, со широко искуство во театарот, филмот и телевизијата. Таа зад себе има многу домашни и светски награди за нејзините сестрани улоги. Мирен беше прогласена за Дама на Британската империја.
Актерката Сузан Акбелге дипломирала на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата на проф. Љубиша Георгиевски. Наградена е на фестивалите „Војдан Чернодрински“ и „Ристо Шишков“.Остварила значајни улоги во повеќе претстави, меѓу кои се: „Идиот“, „Мемоарите на Сара Бернард“, „Плеј Шекспир“, „Маcedoine Одисеја 2001“, „Лудиот Ибрахим“,„Госпоѓица Јулија“ „Мизантроп“ и др. Освен во театар настапува и на телевизиски серии и филмови.