Јас сум Македонец. Каде и да настапувам, во Чикаго, Њујорк, Лондон, Париз, сите ме знаат како македонскиот баритон Васил Гарванлиев. Во мојата биографија, во моето портфолио, тоа е чисто назначено, кој сум, од каде доаѓам, каде живеам, каде творам и што правам, вели Гарванлиев
Васил Гарванлиев, македонски евровизиски претставник
Се чини деновите на искушенија веќе се зад нашиот годинашен евровизиски претставник Васил Гарванлиев. По неодамнешната потврда од МРТ, носител на лиценцата за учество на овој избор, дека и покрај осудата и притисоците на јавноста, по промоцијата на спотот за песната „Here I Stand“, тој ќе нѐ претставува на „Евровизија 2021“ во Ротердам, Холандија, Васил сега може да земе здив и поамбициозно да им се посвети на подготовките за настапот. Сето она што се случи, јавниот линч, заканите, навредите, петициите за негово неучество, тој стоички го издржа, токму како што пее и во својата песна „тие се обидоа да нѐ скршат, но не знаат дека тоа нѐ прави посилни да си го најдеме својот пат“. Како што вели, уметниците се многу поранливи, но и поцврсти од другите луѓе.
Дали одлуката на МРТ, по сѐ што се случи, да нѐ претставувате на „Евровизија 2021“ во Ротердам, Холандија, ја прифативте како ваша лична победа?
– Да се навратиме назад, самата покана да ја претставам Македонија повторно во 2021 за мене беше победа, кога се изгласа „Here I Stand“ како наша евровизиска песна, тоа беше втора победа. Сега со оваа одлука сум пресреќен, бидејќи гледам на неа како на последна пречка пред финишот.
Кој ви даваше најголема поддршка периодов и што ќе извлечете како животна лекција од оваа емоционална бура што доби и меѓународни размери?
– Внатрешниот тим, семејството, одбраното семејство (пријателите и соработниците) и обожавателите беа цело време со мене. Ова беше едно прекрасно филтрирање и чистење на негативната енергија и на сите им благодарам за тоа! Да, ова беше лекција што ќе се памети цел живот. Жално е што кај нас политиката е вмешана буквално во секоја сфера, но време е да застанеме заедно, да тргнеме сѐ настрана. Уметноста, музиката и спортот се тие што ја водат и креваат една нација.
Веројатно за вас беше шок она што се случи по емитувањето на евровизискиот спот, кога ве засипаа со обвиненија. Што би им порачале на тие душогрижници?
– Жал ми е што главен фокус беше ставен на погрешната интерпретација во спотот, затоа и прикачивме ново видео. Немавме никаква намера да повредам некого, напротив сакавме да ја прикажеме вредноста на нашата уметност и култура. Долго време градиме култура, особено на социјалните медиуми, каде што вниманието е исклучиво насочено кон сензационални и негативни коментари. Тажно е, но јас одлучувам сепак да гледам на позитивната страна.
Колку во досегашниот живот, прифаќањето на луѓето такви какви што се и вашиот толерантен однос кон нив ви овозможија да се осмелите да прескокнувате бариери?
– Тоа е долг процес. Предрасудите и омразата ги учиме, односно негуваме самите ние. Среќа што имав можност да живеам и да се едуцирам надвор од земјата. Така имав можност да запознаам и да учам од луѓе од различни профили. Не постои место на светот каде што не постојат бариери, но тие стануваат реалност кога ние го дозволуваме тоа. Научив дека слободата почнува тогаш кога самите ќе се прифатиме, најголемата битка е да го победите „ѓаволот“ во себе, а потоа да покажувате со прст кон другите.
Дали сега сигурно чекорите по својот пат?
– „Сигурно“ е релативно, чекорам по патот што во моментов верувам дека е вистинскиот. Мојот сон и визија се да ја претставам Македонија во најдобро светло што можам и ќе дадам сѐ од себе да се оствари тоа.
На евровизискиот канал има многу позитивни, но и понекој негативен коментар за вашата песна, но генерално никој не е рамнодушен.
– Целта на уметничките дела е да не ве остават рамнодушни. Благодарен сум за сите и добри и лоши коментари.
Меѓу коментарите се и оние дека „песната е како излезена од некој филм на продукцијата ’Дизни‘ или од некој мјузикл на ’Бродвеј‘, а вашиот вокал се споредува со пеењето на Џорџ Мајкл, Сем Смит и Фреди Меркјури“. Ви годат ли овие споредби?
– Секако, сите споредби се на уметници, односно икони што оставиле белег на светската музичка сцена и ми се инспирација како уметник. Сепак би кажал дека песната го има мојот печат и во неа е отсликан мојот сензибилитет.
Во која од двете песни, ланската „You“ или годинашната „Here I stand“, се чувствувате поубаво?
– Двете песни се неспоредливи, со оглед на тоа дека музиката и текстот за „Here I stand“ ги напишав јас, одговорот е дека оваа песна е моја лична приказна. Горд сум што ја имам таа можност да се претставам со автобиографска песна, бидејќи таа ме отсликува мене целосно, без ѕидови и маски. Инспирација за песната е мојата животна приказна, пеам за битките, за надежта, за љубовта. Васил „на тацна“!
Веќе на големо се одвиваат подготовките, а неодамна во Белград е снимен и вашиот настап, по барање на ЕБУ, задоволен ли сте од резултатот?
– Да многу. Засега сѐ се одвива според планот и се надеваме дека така и ќе продолжи. Би сакал да им се заблагодарам на Тине и на Мари, режисерките од Шведска што и оваа година се задолжени за сценскиот настап. Имаме многу убава енергија во тимот, останува да блеснеме на сцена. Добив безброј пораки од странски новинари, продукции и обожаватели, кои велат дека не очекувале толку добро спакуван продукт, реакциите на Јутјуб ми ја топлат душата.
Зошто лани, па и годинава се одлучивте да пеете на англиски јазик?
– Затоа што сметам дека моќна порака како „Here I stand“ треба да биде искомуницирана до сите.
Имате двојното државјанство, бугарско и македонско, како ве претставуваат кога настапувате на светските сцени?
– Јас сум Македонец. Каде и да настапувам, во Чикаго, Њујорк, Лондон, Париз, сите ме знаат како македонскиот баритон Васил Гарванлиев. Во мојата биографија, во моето портфолио, тоа е чисто назначено, кој сум, од каде доаѓам, каде живеам, каде творам и што правам. Кога сите бегаат од нашата земја, јас верувам во нашата македонска музика, македонска традиција и се вратив затоа што знам што можеме и како можеме.
Што е за вас патриотизам и како се манифестира и брани?
– Со дела, со зборови гледаме до каде сме. Со љубов исто така, поинаку е само лош маркетинг.