Голем број од децата ќе сакаат да читаат од екран, но има опција и да се печатат материјалите ако има желба за тоа. Државниот интерес е пред комерцијалниот интерес. Треба да стигнеме до квалитетни учебници. Со овој закон, има група автори што ќе аплицираат со пишување учебници, па добиваат одобрение. Ќе има понудени до три учебници за секој предмет, вели министерката Царовска
УЧЕБНИЦИТЕ ВО ОСНОВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ ЌЕ БИДАТ ДИГИТАЛНИ
Покрај многуте новини што се најавуваат во образованието од септември годинава, е и тоа дека учебниците од четврто до деветто одделение ќе бидат во дигитална форма. Она што е најзначајно како поместување во Законот за учебници и дидактички материјали е воведувањето избор од страна на наставникот за тоа кој учебник ќе го користи. Исто така, ново е и тоа што отсега, наместо Педагошката служба, Бирото за развој на образованието ќе ја води постапката за избор на учебници. Авторите ќе конкурираат таму со свои ракописи, а БРО е институцијата што ќе одлучува кој учебник треба да влезе во наставата.
Министерката Мила Царовска неодамна на јавен настап потврди дека сега Бирото ќе одобрува до три учебници, а училиштето ќе одлучува што ќе се користи во наставата.
– Од прво до трето одделение учениците ќе треба да набават комплети, тие ќе продолжат да имаат печатени учебници. Но за погорните одделенија, училиштето ќе одлучува кој комплет ќе се купи. Тоа ќе го решава наставниот колектив. Авторските права државата ги откупува и со тоа секое училиштата ќе може да ги умножува во копии колку што му се потребни. Нема да имаме веќе недостиг од книги зашто некоја печатница немала интерес да печати мал број учебници. Голем број од децата ќе сакаат да читаат од екран, но има опција и да се печатат материјалите ако има желба за тоа. Државниот интерес е пред комерцијалниот интерес. Треба да стигнеме до квалитетни учебници. Со овој закон, има група автори што ќе аплицираат со пишување учебници, па добиваат одобрение. Ќе има понудени до три учебници за секој предмет – објасни Царовска.
Таа додаде дека укинувањето на некои учебници е само реакција пост фестум, но не е и системско решавање на проблемот.
– Првиот месец кога влегов во Министерството за образование и наука го повлеков учебникот по македонски јазик за петто одделение, зашто тој учебник ја претставуваше жената во една страшна слика. Беше повлечен по предлог на комисија. Секој учебник што содржи дискриминација, стереотипи, етикетирање, негативно претставување на одредена група, која е дел од нашето заедничко опкружување, не смее да биде дел од образовниот систем. Намерата е во иднина да немаме можност за влез на вакви страшни информации во образовниот систем. Не може да носиме закон за спречување и заштита од дискриминација, да се усогласуваме за инклузивност, да се залагаме за мултикултура, родова рамноправност, а на училиште да ги учиме децата на сосема други вредности. Затоа мора да го менуваме тоа – вели Царовска.
Главна задача на промените од септември, како што рече, е наставниците да посочат дали ќе користат наука за деца, дали ќе користат едуино, енциклопедија дома, сѐ со намера да може да се совлада материјалот, а не да се научи механички напамет.
Наставниците со кои контактиравме се резервирани во однос на новините и не сакаат да коментираат бидејќи се скептични за реализацијата во практика на сево ова што се најавува во однос на нивната слобода да одлучуваат.
– Добро е сам наставникот да избира содржини и извори од кои ќе работи со учениците. Слободата што се дава во таа насока е добра. Но дали тоа навистина ќе биде така, се сомневам. Некако нејасно е како ќе се избираат учебници, дали тоа значи дека секој учебник индивидуално ќе си го избира наставникот за својот предмет или колективот во целина ќе одлучува? Исто така прашање е дали ќе се стигне за до септември да се напишат, одобрат и изберат учебници – вели наставничка од скопско основно училиште, која сакаше да остане анонимна.
Автономијата што ќе ја добие наставникот ќе го мотивира квалитетно да оценува
Во врска со прашањето за оценувањето во образованието што е необјективно поради просекот 5,00 во многу одделенија, Царовска кажа дека во последните 10 години тоа е многу изразено, сите ученици имаат петки.
– Ако го ослободиме наставникот преку стандарден договор на неопределено време, ако му се зголеми автономијата, ако му се дава да додава и да одзема од материјалите, да оценува во текот на целата година, да има интеракција со колегите при пишувањето оценки по интегрираните предмети, ќе видите дека квалитетот на оценување ќе се промени. Промена на целото општество се прави чекор по чекор. Петката во основно ако не е петка, тоа ќе се види во средно образование. Ниеден работодавец не сака непродуктивен работник. Мора да имате знаења, практика за да бидете прифатени. Ако сме имале просек од 4,25 годинава, можеби тој просек ќе падне за две-три години – рече таа.