Дали ова е контроверзен предлог и дали станува збор за обид да се избегне полноправно членство на овие држави во ЕУ или, пак, овој план може да се толкува и како бенефиција за овие држави и пред официјалното членство. Гарантира ли овој модел дека Западен Балкан ќе стане полноправен пакет на членови на ЕУ и кога?
Скандинавски модел за слободен пристап до европскиот пазар, како замена за полноправно членство кон ЕУ
Финскиот пат до членство во Европската Унија повторно е идеја на Европската иницијатива за стабилизација (ЕСИ), како модел за Западен Балкан на патот кон Брисел. Таканаречениот скандинавски модел што го предлага ЕСИ, пред сѐ, е насочен кон слободен пристап до европскиот пазар, како замена за полноправно членство. Предлогот практично се однесува на Србија, која сега преговара со ЕУ, но на тој модел треба да се состави композиција и од другите земји аспиранти од Западен Балкан. Со ова практично се актуализира прашањето за нов модел за пристапување кон Европска Унија за земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ги Србија и Македонија.
Што всушност значи овој предлог? Дали ова е контроверзен предлог и дали станува збор за обид да се избегне полноправно членство на овие држави во ЕУ или, пак, овој план може да се толкува и како бенефиција за овие држави и пред официјалното членство. Гарaнтира ли овој модел дека Западен Балкан ќе стане полноправен член на ЕУ и кога?
Иницијатива за анализа
Сите овие прашања, според аналитичарите, треба да се одговорат за да може да се анализира дали е или не е овој предлог контроверзен и дали нашата земја треба посериозно да го разгледа?
Директорката на Институтот за европска политика, ЕПИ, Симонида Кацарска, смета дека предлогот на Европската иницијатива за стабилност од март 2021 повторно ја актуализира идејата на членство на Западен Балкан со фокус на Србија во заедничкиот пазар на ЕУ, како прва фаза на пристапниот процес.
– Имајќи го предвид застојот во европското проширување воопшто, разбирливо е зошто познавачите бараат и предлагаат измени во пристапот. Сепак, од аспект на нашата земја, ценам дека фокусот треба да биде ставен на искористување на тоа што ние би можеле да го добиеме од тековниот статус, како земја во втората фаза на процесот на стабилизација и асоцијација како постоен инструмент што е во сила. Ризикот од овие „нови“ предлози е дека може да бидат само начин за повторно време посветено на формата наместо на суштината на пристапниот процес – посочува Кацарска.
Политичкиот аналитичар Сефер Селими вели дека вреди да се анализира и да се направи добра анализа кои би биле предизвиците, негативните последици и придобивките на овој пристап.
– Ако истиот тој служи за зближување на земјава до Европската Унија, тогаш не претставува никаков проблем, но ако истиот тој се подметнува тивко како алтернатива за полноправно членство во ЕУ, треба категорично да се одбие. Ние имаме проблем со институционалните и општествените капацитети да ги заокружиме реформските процеси што ќе бидат неопходни и ќе произлегуваат од преговарачкиот процес, а овој е уште еден дополнителен паралелен процес што ќе ја дефокусира и јавноста, но и капацитетите за спроведување на потребните реформи и регулативи за полноправна членка на ЕУ. Нашата единствена добра алтернатива за благосостојба и квалитетен живот е патот низ кој треба да станеме членка на ЕУ, секоја друга алтернатива наместо да нѐ приближи може да нѐ оддалечи од нашата стратегиска цел. Сега на ред е ЕУ и нејзините членки да се охрабрат, да носат правични одлуки и да се придржуваат кон нивното ветување и РСМ да ги почне преговорите за членство – објаснува Селими.
Пат во четири чекори
Според ЕСИ, прифаќањето на предлогот за „финскиот пат до пристапот“ ќе ги трансформира односите меѓу ЕУ и Србија и ЕУ – Западен Балкан. Тоа може да се случи во четири чекори.
Со првиот чекор, српската влада комуницира со словенечката влада, со другите земји-членки на ЕУ загрижени за политиката на проширување – Франција, Германија, Италија, Шведска, Австрија, Холандија – и до Европската комисија дека е заинтересирана за процес што ќе ѝ овозможи на Србија да влезе во единствениот пазар на ЕУ, откако ќе се спроведат сите потребни реформи.
Со вториот чекор, словенечката влада подготвува конкретен предлог со институциите на Европската Унија што ќе биде претставен на самитот ЕУ – Западен Балкан во 2021 година. Таквиот предлог ќе доведе до изготвување конкретни патокази со наведување на одредниците што земјите треба да ги исполнат во сите 22 области опфатени од единствениот пазар, како и за владеењето на правото. Ваквите патокази може да изготват конкретен начин за реализација на четирите слободи меѓу ЕУ и Србија во рок од неколку години.
– Принципот на слободно движење на стоки гарантира дека производите со потекло од земја на ЕЕА можат слободно да циркулираат на внатрешниот пазар. Царинските давачки и квантитативните ограничувања на трговијата со такви производи се забранети во рамките на ЕЕА.
Преку слободно движење на лица, сите државјани на ЕЕА имаат право да работат во која било друга држава на ЕЕА. Студентите, пензионерите и луѓето што не се во платено вработување, исто така, имаат право да престојуваат во друга држава на ЕЕА.
Според Договорот за ЕЕА, поединците и компаниите уживаат слобода на основање и право на давање услуги низ цела ЕЕА под еднакви услови.
Слободното движење на капитал овозможува прекугранично инвестирање од страна на жителите и компаниите во ЕЕА, без дискриминација врз основа на националност, место на живеење или место на основање. Граѓаните и компаниите имаат право да префрлаат пари меѓу државите на ЕЕА и да отвораат банкарски сметки, да инвестираат во акции и фондови и да позајмуваат пари во други држави на ЕЕА – пишува во извештајот на ЕСИ.
Со третиот чекор, понудата за пристапување кон единствениот пазар е проширена на сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи и во Косово. Штом сите земји ја усвојат истата регулаторна рамка и се приклучат на единствениот пазар, станува можно да се имаат овие четири слободи и меѓу земјите од Западен Балкан.
ЕУ јасно става до знаење дека овој предлог не е наметнат на земјите од Западен Балкан, но претставува фер и кредибилна понуда за оние влади што сакаат да докажат дека можат да ги спроведат многуте реформи потребни за интеграција во следните неколку години.
Ова би бил менувач на игри и за оние земји што сè уште не ги отвориле пристапните преговори, како Косово, Босна и Херцеговина, но и Албанија и Македонија.
Според четвртиот чекор, ЕУ и оние земји од Западен Балкан заинтересирани да се приклучат на единствениот пазар развиваат институционална рамка за ова, така што откако земјите ќе се приклучат на единствениот пазар, тие, како што тоа го прави Норвешка денес како членка на Европската економска област (ЕЕА), ќе продолжат да усвојуваат идни правила и регулативи на ЕУ во областите опфатени со единствениот пазар:
Во исто време, процесот на исполнување на критериумите за 22-те области опфатени со Единствениот пазар треба да биде целосно меритократски, инспириран од успешниот процес на патоказот за визна либерализација започнат во 2008 година. Наместо отворање и затворање на „поглавјата“ еден по еден, мапи на патот во сите области, утврдувајќи што треба да се направи, треба да им се понуди на сите земји учеснички на самиот почеток. Преговорите ќе се затворат само кога Европската комисија ќе утврди дека една земја е „добро напредната“ во сите 22 полиња и дека има силен ефект за владеењето на правото. Условите за владеење на законот треба да бидат исто толку тешки, колку што се и за влез во ЕУ, за да се осигури дека регулативите се спроведуваат насекаде на единствениот пазар.