Покрај здравствената битка, државите во светот на големо почнуваат да спроведуваат серии економски политики за закрепнување од пандемијата. Во тој правец, САД неделава од својот буџет издвоија 1.900 милијарди долари финансиска помош за стопанството, а претходно тоа го стори ЕУ со ковид-фондот во висина од 1.824 милијарди евра. Нешто помалку за закрепнување од последиците предизвикани од ковид-19 исто така одвоија и Русија и Кина
Астрономски суми за надминување на ковид-кризата
Битката за спасување животи и целосното справувањето со пандемијата од ковид-19 придонесе во светот да се создаде клима во која државите одвојуваат огромни финансии за оваа намена, пресликани во директни финансиски пакети за помош, економски субвенции, социјални помош за невработените. Последна од низата значајни државни политики во овој правец е онаа на САД. Тамошните медиуми информираат неделава дека администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден протуркала во Претставничкиот дом сет на економски мерки за помош во висина од 1.900 милијарди долари. Пред случувања во САД, на другата страна од Атлантикот, односно во Европа, властите во Брисел минатата година го донесоа новиот буџет на Унијата, во висина од 1.824 милијарди евра, пари што заедно со 750-те милијарди евра од ковид-фондот се насочија кон економското закрепнување на европските земји од пандемијата. Во меѓувреме, слични политики на САД и ЕУ се спроведуваат и во другите големи економски и политички центри во светот. Суперсилите Русија и Кина исто така имаат свои економски мерки за закрепнување на граѓаните и државите од шокот предизвикан од коронавирусот. Властите во Москва и Пекинг за оваа намена промовираат политики со милионски суми на пари за санирање на штетите од ковид-кризата. Имено, економијата на Русија доживеа пад од 3,1 отсто, додека светската економија паднала за 3,5 отсто. Иако засега во јавноста ретко излегуваа информациите за економските субвенции на Кина за нејзиното стопанство, економијата на Кина поради коронавирусот беше намалена првпат од 1992 година.
Инаку како што информираат американските медиуми, помошта на САД, меѓу другото, вклучува директни чекови за Американците од 1.400 долари, 3.000 или 3.600 долари помош за децата, во зависност од нивната возраст, додека невработените ќе треба да добијат помош од 300 долари неделно, која ќе трае до почетокот на септември. Во исто време дел од парите ќе биде насочен и кон конкретна финансиска помош на здравствените институции, средните фирми, како и локалните населени места. Спикерката Ненси Пелоси за време на гласањето на ковид-фондот рече дека е сигурна оти пакетот ќе биде изгласан во Претставничкиот дом, чиј фокус е да се спасат животи и да им се даде на луѓето надеж за иднината. Во исто време, републиканските законодавци го отфрлија пакетот, велејќи дека е преголем и оти несоодветно цели оние на кои помошта им е најпотребна. Лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Кевин Мекарти, рече дека пакетот е „скап, корумпиран и либерален“. Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, ја пофали легислативата и рече дека иако се направени мали промени во Сенатот, сепак ја опфаќала суштината на оригиналниот пакет предложен од Бајден.
Изненадувачки голем пакет
Американските бизнисмени, пак, се изненадени од големината на пакетот. Очекуваат многу брзо да почне и имплементацијата на мерките, иако за голем дел од нив ќе бидат потребни сериозни подготовки и широки консултации со локалните власти. Претседателот на локалната бизнис-комора во Масачусетс, Френк Ливани, вели дека во сетот мерки е изненадувачки што се опфатени малите и средните бизниси, бидејќи претседателот Бајден во најавите за помош досега директно никогаш не ги спомнал овие бизниси.
– Поголем е сетот на мерки, а изненадувачки, опфатени се и некои категории за кои не очекувавме дека може да се сети претседателот. Сепак, нема сѐ да се случува од утре, целиот сет на мерки и предлози ќе треба да помине низ една структура на дијалог, но она што е важно е дека мерката за субвенција на платата на работниците е повеќе од добредојдена – коментира Ливани за Си-ен-би-си.
Пари и за дистрибуција на вакцините
Паралелно на ова, во телевизиско обраќање, претседателот Бајден, претставувајќи го својот предлог-пакет за помош во ковид-кризата, истакна дека Америка сега мора да дејствува доколку сака земјата да не западне во економска криза поради пандемијата. Бајден минатата недела го претстави детално стимулативниот предлог-пакет, наведувајќи дека се потребни смели инвестиции за да се придвижи економијата и да се забрза дистрибуцијата на вакцините, за да може да се стави под контрола коронавирусот. Инаку, ова е втора по големина економска финансиска помош што американските власти ја донесоа од почетокот на пандемијата до денес за помош на земјата. Првиот голем економски пакет во САД беше донесен во средината на минатата година, од страна на тогашниот претседател Доналд Трамп, а таа помош за американското стопанство изнесуваше 2 билиони американски долари.
Предлогот за буџет што беше доставен до Конгресот минатиот месец од страна на Индопацифичката команда наложува дека е потребно САД да го зајакнат копненото оружје по првиот островски синџир што би чинело 408 милиони долари само за фискалната 2022 година додека потребни ќе бидат дополнителни 2,9 милијарди долари за фискалните 2023-2027 година. САД имаат стационирано околу 132.000 војници во Индопацифичката Област, со тоа што во Јужна Кореја имаат испратено 28.000, а во базите во Јапонија 55.000 војници. Кина располага со 1.250 копнени ракети со дострел од 500 до 5.500 км. САД не располагаат со вакво оружје, но може да го обноват производството бидејќи излегоа од Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел во 2019 година. Кинеската војска изврши координиран тест со лансирање на врвната противбродска балистичка ракета во Јужно Кинеско Море лани во август за да испрати „јасна порака“, како што порача пред Сенатот во вторникот, шефот на американската Индопацифичка команда, адмиралот Фил Дејвидсон. Балистичката ракета „дф-21д“ е главен адут во кинеската стратегија за одбрана од секаква воена акција во близината на нејзиниот источен брег, заканувајќи се дека може да ги уништи главните извори на американската проекција на моќ во регионот, односно нејзините ударни групи на авионските носачи.