Вилијам Брнс, кој американскиот претседател Џо Бајден го предложи за директор на ЦИА, на сослушувањето по повод неговата номинација, ги наведе Кина новите технологии и персоналот на разузнавачката агенција како негови главни приоритети. Ако биде назначен на функцијата, Бурнс ќе стане првот дипломат од кариера што ќе ја предводи ЦИА, влегувајќи во ера на обновеното ривалство помеѓу големите сили кога новите технологии претставуваат предизвик за традиционалните методи на разузнавање, како и по четирите години под администрацијата на Доналд Трамп кои беа деморализирачки, пишува „Форин полиси“.
Сигнал за промените претставува полето на контратероризам, кое не доби големо внимание за време на двочасовното сослушување, иако некогаш беше меѓу приоритетите на ЦИА. Наместо тоа, Брнс се фокусираше на нови закани, велејќи дека „соперничкото, предаторско водство на Кина го претставуа најголемиот геополитички тест“. А тој ја спомена и Русија како предизвик.
– Поголемиот дел од мојата седа коса доаѓа од службата во Русија во текот на годините. Додека Русија е опаѓачка сила, таа може да биде нарушувачка под воството на Путин, исто како и силите во подем, како што е Кина – кажа Брнс, кој има 33-годишно искуство во надворешната политика, извршувајќи функции на Блискиот Исток, додека беше и амбасадор на САД во Русија.
Брнс се осврна и на дел од методите на работа на ЦИА, а наведе и дека ќе го прошири кадарот на агенцијата со специјалисти за Кина и лингвисти, за да одговори на новите предизвици. Тој додаде и дека има намера за соработка со Пекинг за прашањата на климатските промени и нуклеарното вооружување, во текот на излагањето пред комитет на американскиот Сенат.
Бајден го избра Брнс за функцијата пред неколку искусни ветерани на ЦИА. Познавачите на состојбите истакнуваат дека Брнс нема искуство во разузнавањето како неговите претходници, но оти има искуство со чувствителни дипломатски иницијативи, посочувајќи дека беше вклучен во тајни преговори со Либија кои почнаа во 2001 година. Номинацијата на Брнс била прифатена и меѓу поранешните водечки луѓе на ЦИА и експерти за национална безбедност, заклучува „Форин полиси“.